Буково

село во Општина Битола

Буково — село во Општина Битола, во околината на градот Битола. Сместено е на огранките на Баба Планина, во близина на областа Пелагонија.

Буково

Панорама на Буково

Буково во рамките на Македонија
Буково
Местоположба на Буково во Македонија
Буково на карта

Карта

Координати 40°59′40″N 21°19′59″E / 40.99444° СГШ; 21.33306° ИГД / 40.99444; 21.33306
Општина Битола
Население 1.125 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 02016
Надм. вис. 821 м
Буково на општинската карта

Атарот на Буково во рамките на општината
Буково на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Главната улица во Буково

Селото Буково се наоѓа во јужниот дел на Општина Битола, на оддалеченост од 5 километри од градот Битола на источните огранки на Пелистер (Баба Планина)[2]. Буково е ридско село, расположено на надморска височина од 720 метри[2]. Поради близината со градот Битола, Буково е дел од неговата рурбална зона, односно тоа е населбата Буковски Ливади во подножјето на Баба Планина, веднаш под селото Буково. Атарот на Буково зафаќа површина од 17,9 км2, од кои обработливото земјиште 913 ха, пасиштата 591,8 ха и шумите 146,3 ха[2]. Во непосредна близина на селото Буково се наоѓа археолошкото наоѓалиште на античкиот град Хераклеја основан од Филип II Македонски.

Историја

уреди
 
Жена од Буково во почетокот на XX век

Како легенда се пренесува дека првите семејства иле населени од многу поодамна изгореното село Неољани, што се наоѓало во близина од околу еден километар западно од сегашното Буково, во почетокот сместено во подножјето на буковските планини - Стар Забел и Неолица[3], покрај реката Киндирка, што се формира од прочуените извори на Дванаесетте Кладенци. Постојат остатоци и од стара црква, за која постојат податоци. Се претпоставува дека горната десна маала на Буково била населувана и од жители, од старото, многу одамна иселено село Магарево, од кое и денес можат да се забележат распаднати ѕидишта. Таа месност сега е под ливади и се вика Магарешки Ливади, а се наоѓа покрај Стара Река, што извира во буковско-ореовските планини, на околу 1,5 километри над сегашното Орехово, кое исто така е населено од жителите на Магарево. Ова дотолку повеќе е за верување оти Орехово во ништо не се разликува од Буково, ни по говорни особини, ни по обичаи, ниту по било што друго. Има верзија што е, исто така за верување, дека сегашното Буково посебно неговата долна маала била населена од старото иселено село викано Селиште, што се наоѓа десно од Стара Река, непосредно до сегашната црква - капела викана „Пречиста“. И тука сега можат да се сретнат остатоци од ѕидишта. За населувањето на долните маала на селото Буково можат да се сретнат остатоци од ѕидишта. Држи место и претпоставката дека Буково било населувано и од избегани жители од античкиот град Хераклеја по неговиот земјотрес, по кое и територијата од тој град станала сопственост на селото Буково. Првите пишани историски документи во кои се споменува Буково се турските сиџили од 26 јуни 1607 година, во кој се споменува земањето заем на жител - железар од селото[4].

Во XIX век, Буково било село во Битолската каза на Отоманското Царство.

Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Манастир (Битоља)“ објавен во „Цариградски весник“ на 8 јануари 1855 година споменува дека градот Битола кој е најдревниот град во Македонија Пелагониска после Христа од словенските цареви го добил името Манастир и Буково , а не Битола кое е непознао име во старините (историските извори)[5]. Голема е веројатноста Јордан Хаџи-Константинов - Џинот да ја извел оваа претпоставка поради непосредната близина и поставеноста на остатоците од древниот град Хераклеја Линкестис токму помеѓу градот Битола и селото Буково. Понатаму во написот за селото Буково стои дека тоа се наоѓа на ½ час од градот Манастир (Битола) и во него е прекрасниот манастир со храмот на Успение на пресвета Богородица соѕидан од царот Стефан Силни (Душан)[5]. Сите манастирлии (битолчани), христијани и Турци, во летно време повеќе таму одат на прошетки и веселби. Во тој манасир имало повеќе до 20 товари стари ракописи, но во оа време ни славјански свештеник не сакале, а камо ли славјанска книга да осттане со нашите пергаменти[5]. Во тоа врее во Буково постоело грчко пеење (богослужба) со еден свештеник родом Цинцарин (Влав)[5].

Во својот најсветол период Буково имало 5000 жители а училиштето над 600 ученици. Во Кралска Југославија, Буково било општина и било двапати посетено од југословенскиот цар Александар I како најуредно село во Југославија. Во првата половина на XX век и дел од втората поголемиот дел од населението заминува на печалба во Австралија, САД, Канада и европските земји.

 
Жители од Буково во народни носии, почеток на XX век

Ова е верзијата која се употребувала во периодот кога Македонија била во рамките на Југославија, заради тогашното комунистичко владеење и дискриминација на искаживање и етничка самоопределба. На овој простор живеел народ и пред тоа, односно историските корени водат од иселувањето на античкиот град Хераклеја. При крајот на VI век животот во Хераклеја згаснува со доаѓањето на Словените и се создава едно мешање на народите и населување на просторите околу Буково, заради што во подоцнежниот период жителите на Буково стануваат големи земјопоседници, вклучувајќи ја и самата Хераклеја и голем дел од Пелагонија, градот Битола и шумскиот простор над Буково. Заради својата сратешка местоположба и бројноста на жители, Буково било окупирано од сите окупатори и оставиле свои траги како на пр. бугарски и француски конзулат, грчка школа, српска тортура и асимилација. Во Буково исто така останала и чешмата која се наоѓа на средина од селото која е подигната во чест на убиените во втората светска бојна.

За славното минато и материјалното богатство на жителите на Буково сведочи и архитектурата на некои од постарите куќи, која е градска и во барокен стил како куќите на Широк Сокак во Битола. Останатите куќи кои се изградени од делкан камен исто така се забележителни со својата импозантна големина од 2 и 3 катови. За духовното и културното минато на Буково сведочи буковскиот манастир „Свето Преображение“ кој иако е возобновен во 1837 година на темели на постарата црква, се споменува во записи од XVI и XVII век[2].

За потеклото на името на Буково, најверојатна е претпоставката дека тоа потекнува од името на дрвото бука, кога е го има во изобилство на падините на Пелистер околу самото село Буково.

Вкупно 5 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]

Стопанство

уреди
 
Селската чешма на влезот во Буково

Поради близината со градот Битола и неговата индустриска зона, како и поволната географска положба селото Буково има развиена економска активност на своите жители. Во самото село Буково постојат и работат фабрички погон, земјоделска задруга, продавници и угостителски објекти[2]. Од земјоделието најразвиено е градинарството. Поради изобилството од бистра вода и плодна почва, во ова село успева и се одгледува црвениот пипер надалеку познат под името буковец токму поради името на ова село. За квалитетот на црвениот буковски пипер како и за трговијата која се одвивала за него во Буково уште во XIX век сведочат и записите на странски (бугарски) дипломати и патописци. Буковецот е споменат и од македонскиот револуцонер Ѓорче Петров кој во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, пишувајќи за земјоделството и плодородноста на котлината Пелагонија во делот за полиња во одделот орографија, запишал дека пипер се добива од издробени (мелени) пиперки во селото Буково, по кое што се нарекува „Буковски пипер“ кој насекаде е многу познат и е неопходна состојка на секоја трпеза[7]. Одгледувањето на овој црвен пипер со тенка лушпа кој потоа се суши и ситно се меле како зачин е широко распространет и во околните блиски битолски села како Бистрица, Кравари, Лажец итн. Покрај одгледувањето на пиперки, во Буково се одгледуваат и други градинарски производи како домати, зелка, праз, кромид, грашок, спанаќ, марула, морков, краставици. Застапено е одгледувањето на жита, посебно пченица во рамничарскиот дел на атарот. Поради поволните услови на планинските падини и во дворовите е застапено и овоштарството од кое најмногу се одгледува јаболка, сливи, цреши, круши, ореви, лешници и костени. Од сточарството најразвиени се краварството и овчарството, а во помала мера и козарството. Многу застапено е и живинарството, преку одгледување на кокошки, петли, гуски и други домашни птици. Поради непосредната близина на индустриската зона на градот Битола како и новата слободна економска зона во Жабени, значаен дел на населението, особено жителите во населбите Буковски Ливади и Буковски Мост, работи во фабриките на „Кромберг и Шуберт“, „Кобил“, млекарниците Битола и Идеал Шипка, погоните во рамки на некогашните фабрики „Фринко“, „Пиварницата“, а дел од жителите се занимаваат и со градежништво во ГД „Пелагонија“, автопревоз или услужни дејности во други претпријатија во градот Битола.

Население

уреди
 
Стара македонска куќа со карактеристичен архитектонски изглед во Буково
 
Црквата кај гробиштата
Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.878—    
19531.962+4.5%
19611.939−1.2%
19712.792+44.0%
19812.292−17.9%
ГодинаНас.±%
19911.350−41.1%
19941.012−25.0%
20023.494+245.3%
20211.125−67.8%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Буково живееле 1.490 жители, сите Македонци.[8]

Според статистиката на егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Буково имало 2.400 Македонци, патријаршисти.[9]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Буково се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 227 куќи.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.650 Македонци.[11]

Селото броело 1.939 жители во 1961 година, додека во 1994 година живееле само 1.012 жители. Според пописот од 2002 година, селото Буково брои 3.494 жители, од кои 3.456 Македонци, 14 Турци, 11 Албанци, 6 Срби, 1 Влав и 6 останати, и претставува најголемо село во општината и пошироко во Битолско.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.125 жители, од кои 1.023 Македонци, 18 Албанци, 22 Турци, 4 Срби, 4 останати и 54 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 1.490 2.400 1.878 1.962 1.939 2.792 2.292 1.350 1.012 3.494 1.125
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови

уреди

Буково е македонско село.

Според истражувањата од 1951 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Брутови (7 к.), Лингурвовци (5 к.), Кушовци (5 к.), Калиновци (5 к.), Сејидови (4 к.), Кирковци (4 к.), Бојлевци (4 к.), Мафиљови (4 к.), Мандровци (3 к.), Босилковци (2 к.), Каракачови (2 к.), Канџевци (2 к.), Прчови (2 к.), Папазо (1 к.), Кушарија (1 к.), Пустарака (1 к.), Секуловци (1 к.) и Костови (1 к.)
  • Стари доселеници со непознато потекло: Огњановци (21 к.), Мачковци (16 к.), Вркљевци (8 к.), Јосифовци (4 к.), Бучкови (4 к.), Кочовци (4 к.), Трпчевци (4 к.), Зенговци (4 к.), Маневи (3 к.), Ноачевци (3 к.), Соклевци (3 к.), Попови (2 к.), Кунови (2 к.), Цилеви (2 к.), Мицеви (2 к.), Бегајци (2 к.), Лазаровци (1 к.), Крагујевци (1 к.), Цицковци (13 к.), Зипевци (7 к.), Сивкарови (5 к.), Кимеви (4 к.), Пачковци (4 к.), Мондови (4 к.), Недевци (3 к.), Дакови (3 к.), Рапешови (3 к.), Зинзови (3 к.), Станкови (2 к.), Фиџови (2 к.), Чорбеви (1 к.), Бабкини (1 к.), Балтовци (12 к.), Јаревци (11 к.), Поповци (10 к.), Ѓоревци (6 к.), Главевци (6 к.), Гамчевци (4 к.), Кабревци (4 к.), Бимбиловци (3 к.), Сељанковци (3 к.), Чукалевци (3 к.), Шикови (3 к.), Баџовци (3 к.), Фудла (2 к.), Мурџеви (2 к.), Штраклеви (2 к.), Чачови (2 к.), Долино (1 к.), Таушанови (1 к.), Војче (1 к.), Ушлино (1 к.), Василови (1 к.), Стареи (1 к.), Брајанови (1 к.), Пускуло (1 к.), Јарчеви (1 к.), Брешовци (6 к.), Ќипровци (6 к.), Ѓералови (3 к.), Маљанови (3 к.), Кашови (3 к.), Пуплиови (2 к.), Милевци (2 к.), Пачеви (2 к.), Мусови (2 к.), Танчевци (2 к.), Калчето (1 к.), Кушарија (1 к.), Тумачески (1 к.), Трифуновци (2 к.), Манговци (1 к.), Мандеви (1 к.), Карови (1 к.), Башови (1 к.), Попови (3 к.), Бешлија (1 к.) и Кучкарица (1 к.)
  • Доселеници со познато потекло: Србиновци (16 к.) доселени се од селото Брајчино во Преспа; Мрскови (1 к.) доселени се од соседното село Крстоар. Изгледа и нивното подалечно потекло е од Преспа.[17]

Општествени установи

уреди

Во Буково има осумгодишно основно училиште „Коле Канински“, амбуланта, пошта и дом на културата[2]. Домот на културата се наоѓа во зградата каде што се наоѓаат и месната заедница и продавницата на сретсело.

Самоуправа и политика

уреди

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0069 според Државната изборна комисија, сместено во основното училиште.[18]

Личности

уреди

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Глетка од главната улица на Буково
 
Буковски манастир, црква „Свето Преображение“, Битолско

Буковскиот манастир порано бил значаен културен центар во кој монасите преведувале, препишувале и пишувале книги на македонски јазик.

Цркви[19]

Црквата „Св. Троица“ се наоѓа во прирадската населба Буковски Ливади, но таа е вон атарот на буково, во границите на градот Битола.

Археолошки наоѓалишта[21]

Редовни настани

уреди

Буково е меѓу малкуте места во Македонија каде секоја година последната недела пред Велигден се слави празникот Лазара. За време на празникот младите девојки (а понекогаш и момчињата) од селото се облекуваат во богати традиционални селски носии и шетајќи од куќа до куќа пеат Лазараски песни, а по завршувањето на песната домаќинот им става по едно јајце во кошницата која ја носат или пари. Овој празник исто така се слави и во некои села во Костурско.

Иселеништво

уреди

Во првата половина на дваесеттиот век и дел од втората поголем дел од населението заминува на печалба пред сè во Австралија, САД, Канада и европските земји. Моментално во дијаспората има преку 2000 жители од Буково, меѓу кои најбројни на едно место се иселениците од Буково во Рочестер - САД каде има преку 800 буковци, кои имаат изградено и сопствена црква, па поради тоа градот популарно меѓу буковци се вика и "Bukovo City".

Надворешни врски

уреди

Занимливости

уреди

Буково е светски препознатливо по својот црвен пипер наречен „буковец“.

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр. 44
  3. „Буково“ - монографија. Буково, април 1981, стр. 5
  4. „Буково“ - монографија. Буково, април 1981, стр. 8
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр. 61
  6. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  7. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 161. ISBN 978-608-245-113-8.
  8. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.
  9. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 166 – 167.
  10. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 12.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. Трифуноски, Јован Ф. (1998). Битољско-Прилепска котлина : антропогеографска проучавања. Српска академија наука и уметности. ISBN 86-7025-267-8. OCLC 41961345.
  18. „Описи на ИМ“. Државна изборна комисија. Посетено на 13 октомври 2021.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. Лековитите води го охрабруваат животот[мртва врска]
  21. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Надворешни врски

уреди