Мајка Тереза
Мајка Тереза или Света Тереза од Калкута (Скопје, 26 август 1910 — Калкута, 5 септември 1997) — католичка калуѓерка, добитничка на Нобелова награда за мир и светица во католичкиот свет.
Мајка Тереза | |
---|---|
Вероисповед | католицизам |
Ред | Лоретски сестри (1928 — 1950) Мисионери на милосрдието (1950 — 1997) |
Лични податоци | |
Националност | Османлијка (1910-1912) Србинка (1912-1915) Бугарка (1915-1918) Југословенка (1918-1948) Индијка (1948-1997) |
Роден(а) | Агнеза Гонџа Бојаџиу 26 август 1910 Скопје, Косовски Вилает, Отоманско Царство |
Починал(а) | 5 септември 1997 Калкута, Западен Бенгал, Индија | (возр. 87)
Старешинство | |
Звање | Генерален настојник |
Служба | 1950 — 1997 |
Наследник | Нирмала Џоши Марија Према |
Рани години
уредиГонџа Агнес Бојаџиу е родена на 26 август 1910 година, на тогашната улица „Поп Кочина“ број 14, која што се наоѓала на сегашниот Плоштад „Македонија“. Таа била најмалото дете во семејството, имала постара сестра Ага и постар брат Лазар. Ага е родена во 1904 година, а Лазар во 1908 година. Податоците за таткото на Гонџа, Никола Бојаџиу, не се расчистени докрај. Според едни тој бил трговец, а според други аптекарски помошник. Тој бил и член на Советот на Скопје како единствен католик. Починал во 1919 година. Мајката Драна била домаќинка и исклучително религиозна жена. Таа потекнува од фамилијата Бернај од Косово. Нејзиниот татко бил трговец и големопоседник.
Гонџа потекнува од добростоечко семејство и во него владеело правилото да се помогне на секој на кој му е потребна помош. Драна била вредна жена и за да им овозможи на децата сигурен живот, по смртта на Никола, започнала да шие и да везе.
Се верува дека името Гонџа го избрал нејзиниот татко. Тоа е албанско име и значи пупка или цвет од роза. Кога таа наполнила седум години тргнала на училиште, прво во црквата “Пресвето Срце Исусово”, а подоцна и во државното училиште. Во Католичката црква во Скопје, каде што била крстена само еден ден по своето раѓање, ја примила и првата причест. Гонџа, пеела во хор, играла во црковниот и градскиот театар, танцувала, рецитирала, свирела мандолина, пишувала поезија.
Во почетокот на XX век, католичката црква Пресвето срце Исусово во Скопје, била водена од редот на Исусовци. Отец Фрањо Јамбрековиќ, често на верниците им читал писма од мисионерки од Индија и Африка и живописно им го објаснувал животот на мисионерките. На тој начин, тој одиграл голема улога во одлуката на малата Гонџа да замине за Индија да го посвети својот живот на Бога.
Конечната одлука да го напушти Скопје ја донела затоа што на 12 годишна возраст добила повик од Бога.
По 6 години, таа конечно, го напушта родното Скопје. Заминува за Даблин, Ирска од железничката станица во Скопје. Заедно со мајката Драна и сестрата Ага заминуваат за Загреб, од каде, после две недели, Гонџа заминува за Ирска. Ова е последната средба на Гонџа со своите мајка и сестра.
Лорето
уредиСестрите од Лорето припаѓаат на Институтот на Пресвета Богородица основан во 1609 година основан од дваесет и четири годишната Мери Вонд. Таа и нејзините први придружници го основале првото училиште во Св. Омер (сега во Франција), во куќа која што сè уште постои, но е приватно живеалиште.
Денес, Сестрите од Лорето се ангажирани во широк спектар на активности: програми за описменување, духовно насочување, советување, управување со прифатилишта за бездомни жени како и во повеќе аспекти во движењето за поголема правда и мир во светот. Тие се активни на секој континент и работат во околу 150 училишта и се задолжени за едукација на над 70.000 ученици.
На 18 годишна возраст, носена од желбата да стане мисионерка, Гонџа го напушта својот дом и родното Скопје за да се приклучи на Сестрите од Лорето, во Даблин, Ирска. Таму, го одбира името Тереза по својата патронка Св. Тереза од Лизје. Го изучила англискиот јазик, затоа што Сестрите од Лорето го употребувале тој јазик кога предавале во училиштата во Индија. Иако нејзиниот престој во Даблин бил краток, сестрите ја памтат како “многу мала, срамежлива и тивка”.
Мисионерска дејност
уредиГоворот на Мајка Тереза при доделувањето на Нобеловата награда за мир во 1979 година |
Во 1928 година заминува од родниот град и преку Даблин оди во Бенгал и Калкута во Индија. По само два месеца таа си ја исполнува својата желба и се приклучува кон редот „Лоретски сестри“ во Бенгал. Во Калкута ја дава својата прва заклетва. Потоа е активна 17 години во училиштето „St. Mary's School“ во Калкута. Најпрво како наставничка, а потоа унапредена во директор.
На едно од бројните патувања низ милионскиот град Калкута таа во 1946 год. го почувствува Божјиот повик да им помага на сиромашните. Дури две години подоцна добива дозвола да го напушти редот. Тереза била ексклаузирана, односно значи можеше да го напушти редот без притоа да се откаже од својот статус на калуѓерка. Оттогаш Тереза живее со најсиромашните во предградијата на Калкута. Еден нејзин портрет во магазинот LIFE, кој стана славен, и го даде прекарот "Saint of the Gutters" („Светица на бедниците“, или буквално „Светица на сливниците“). Оттогаш, секаде и секогаш таа се именува со Исус, ширејќи ја својата молитвена порака дека „Светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов“. Како основач на редот Мисионери на милосрдието, се посветила на добротворна работа помагајќи им на болните и сиромашните луѓе, поради што во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир.
Во 1950 год. го основаше редот „Мисионерки на љубовта кон ближниот“, а во 1951 добива индиско државјанство. Членовите на овој ред мораа да се обврзат на несклучување брак, на сиромаштија и послушност. Подоцна овој ред беше признат од страна на папата и беше под негова контрола. Тереза со редот посебно се грижеше за лица што беа пред смрт, сирачиња и болни. Нивниот посебен ангажман, сепак, беше грижата за болните од лепроза. Денес редот на Мајка Тереза брои преку 5000 сестри и преку 500 браќа во повеќе од 100 земји од светот. За нејзиното несебично дело таа доби голем број награди. Најзначајна, без сомнение, беше Нобеловата награда за мир од 1979 г. Говорот на Мајка Тереза по повод добивањето на Нобеловата награда Архивирано на 18 август 2005 г.
На честопати големиот недостаток на медицинско образование на своите соработници Мајка Тереза милувала да одврати со: „Не успехот, туку верноста во верата е важна.“ Покрај признанието од целиот свет за нејзината работа, нејзиното конзервативно убедување било критикувано. Така, во политиката на абортирање на многу земји таа го гледала „најголемото загрозување за мирот во светот“. Кога во Ирска требало да се гласа за тоа дали одлуката треба да се легализира, таа ги повикала Ирците да гласаат со „Не“.
Во 1980 година таа е прогласена за почесен граѓанин на нејзиниот роден град Скопје, кој од своето заминување во божја и хуманитарна мисија за помош на гладните и осамените, го посетила четири пати - во 1970, 1978, 1980 и во 1986 година.
Беатификација и канонизација
уредиПо неколку годишна борба со болест на срцето и белите дробови, Мајка Тереза, почина на 5 септември 1997 година на возраст од 87 години. Во знак на благодарност, индиската влада, на 13ти септември, организира погреб со највисоки државни почести.
Две години по нејзината смрт, Папата Јован Павле II, ја започнува диоцезиската фаза од процесот за беатификација и канонизација.
По беатификацијата на Мајка Тереза, која на 19 октомври 2003 ја извршил папата Јован Павле II, таа ја добила титулата Блажена Мајка Тереза, која ја носела сè до нејзиното прогласување за светица откако црквата официјално утврдила дела има изведено и второ чудо. На 17 декември 2015 г. Ватикан потврдил дела папата Франциск го признал второто нејзино чудо со лечењето на човек од Бразил со повеќе тумори на мозокот.[1] Папата ја канонизирал Мајка Тереза на 4 септември 2016 на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан пред десетици илјади луѓе, меѓу кои 15 службени делегации 1.500 бездомни лица од цела Италија.[2][3] Свеченоста се пренесувала во живо на ватиканската телевизија и на интернет.
Македонска делегација
уредиНа канонизацијата на Мајка Тереза присуствувала македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот Ѓорге Иванов, привремениот премиер Емил Димитриев, министрите за надворешни работи и за култура, Никола Попоски и Елизабета Канческа Милевска, водачите на двете најголеми партии, Никола Груевски и Зоран Заев, претставници на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква, како и претставник од семејството на Мајка Тереза.[4]
Истата вечер се одржало свечено отворање на изложба во црквата „Св. Станислав“ во Рим, на која се претставени фотографии и текстови поврзани со животот и делото на Мајка Тереза, насловена како Madre Teresa – Santa di Skopje, Santa del mondo („Мајка Тереза — Светица од Скопје, Светица на светот“).[4] Организатори на настанот биле Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје и Министерството за култура на Македонија.
Во Скопје канонизацијата на Мајка Тереза се одбележа со еднонеделна Татковинска прослава која на 11 септември 2016 година се заврши со Понтификална миса на плоштадот Македонија, предводена од папскиот кардинал Винко Пулиќ .[2] а во Индија е одржана посебна миса од нејзиниот ред.[3]
Награди
уредиВо текот на својот живот, Мајка Тереза, за својата хуманитарна работа, има добиено повеќе од 700 награди и се смета за најнаградуваната личност на XX век.
Позначајни награди и признанија кои ги има добиено се:
- 11 август 1962 година – Награда Падма Шри од претседателот на Индија
- 31 август 1962 година – Награда Мегсејсеј во Филипини
- 6 јануари 1971 година – Папата Павле VI ѝ ја доделува наградата за мир „Папата Јован XXIII”
- 16 октомври 1971 година – Награда Џон Ф. Кенеди
- 15 ноември 1972 година – Награда Џавахарлал Нехру
- 25 април 1973 година – Темплетон награда за извонредни заслуги во хуманитарната работа
- 1977 година – Титула Доктор Хонорис Кауза по Теологија на Универзитетот Кембриџ
- 1978 година – Балцанова награда за хуманост и мир меѓу луѓето
- 10 декември 1979 година – Нобелова награда за мир
- 22 март 1980 година – Награда Барат Ратна (Скапоцен камен) – највисоко државно признание на Индија
- 27 јуни 1980 година – Прогласена за почесен граѓанин на Скопје
- 24 ноември 1983 година – Орден за заслуги од кралицата Елизабета II
- 1985 година – Претседателски медал за слобода доделен од претседателот на САД Роналд Реган
- 1996 година – Прогласена за почесен државјанин на САД
- 5 јуни 1997 година – Конгресен златен медал на САД
Критики и спорови
уредиМајка Тереза беше величена од бројни поединци, влади и организации; но сепак нејзиното дело се соочува и со разновидни критики. Критиките вклучуваат и обвиненија од различни поединци и групи, како на пр. Кристофер Хиченс, Мајкл Паренти, Аруп Чатерџи, Вишва Хинду Паришад, протестирајќи против прозелитизмот на нејзината дејност вклучувајќи и силниот став против абортусот, верата во духовната оправданост на сиромаштијата и наметливото крштевање на оние кои се пред умирање. Медицинските списанија исто ја критикуваа поради стандардот на медицинската нега во нејзините хосписи и болници и изразуваа загриженост поради начинот на кој донираните парични суми беа трошени.
Кон крајот на нејзиниот живот, Мајка Тереза освен признанија, привлече и негативно внимание во западните медиуми. Новинарот Кристофер Хиченс бил еден од нејзините најактивни критичари. Тој беше овластен да биде соавтор и раскажувач во документарецот за Мајка Тереза - „Ангел на пеколот„ подготвен за британскиот Channel 4 по охрабрувањата од Аруп Чатерџи да се направи таква емисија, иако Чатерџи не беше задоволен со „сензационалистичкиот пристап„ изнесен во конечниот производ.[5] Хиченс ги прошири своите критики во книгата Мисионерска поза (The Missionary Position) издадена 1995 година.[6]
Чатерџи пишува дека за време на нејзиниот живот, Мајка Тереза и нејзините официјални биографи одбија да соработуваат со неговите сопствени истражувања и дека таа не успеа да ги демантира критичките написи во западниот печат. Тој како примери наведува извештаи на Гардијан (The Guardian) во Британија чиј „уверлив и мошне детален„ напад врз состојбите во нејзините сиропиталишта ... [вклучува] обвиненија на сериозно запоставување како и физичка и емоционална злоупотреба„,[7] и другиот документарец Мајка Тереза: Време за промена? емитуван во неколку европски земји.[5] И Чатерџи и Хиченс беа критикувани поради нивнитe ставови.
Германското списание „Штерн“ (Stern) објавило критичка статија повод првата годишнина од смртта на Мајка Тереза со тврдења во врска со нетранспарентните финансиски работи и трошењето на донациите. Медицинскиот печат, исто така, објавил критики кои произлегуваат од мошне различните набљудувања и приоритетите во врска со потребите на пациентите.[8] Натамошни критики доаѓаат од Тарик Али, член на уредничкиот одбор на „Њу Лефт Ривју„ (New Left Review), како и од ирскиот истражен новинар Донал Мекинтајр.[6]
Мајка Тереза како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „мајка тереза ја формира партијата на проститутки ‘наша куќа’“ - кус расказ на македонскиот писател Хигсов Бозон од 2011 година.[9]
Влијание
уредиПо повод 100 години од раѓањето на Мајка Тереза, во Скопје била отворена Спомен-куќа на Мајка Тереза.
Во говорот по повод примањето на Нобеловата награда, француско-американската економистка Естер Дифло ја навела Мајка Тереза како една од нејзините херои во младоста.[10]
Наводи
уреди- ↑ „Mother Teresa to become saint after Pope recognises 'miracle' - report“. The Guardian. Agence France-Presse. 18 December 2015. Посетено на 18 December 2015.
- ↑ 2,0 2,1 Povoledo, Elisabetta (2016-09-03). „Mother Teresa Is Made a Saint by Pope Francis“. The New York Times. ISSN 0362-4331. Посетено на 2016-09-04.
- ↑ 3,0 3,1 „Mother Teresa declared saint by Pope Francis at Vatican ceremony - BBC News“ (англиски). Посетено на 2016-09-04.
- ↑ 4,0 4,1 „Ватикан: Мајка Тереза прогласена за светица“. Нова Македонија. 4 септември 2016. Посетено на 4 септември 2016.
- ↑ 5,0 5,1 Chatterjee, Aroup, Introduction to The Final Verdict
- ↑ 6,0 6,1 MacIntyre, Donal (August 22, 2005), „The Squalid Truth Behind the Legacy of Mother Teresa“, New Statesman, 134 (4754), стр. 24–25, Архивирано од изворникот на 2011-11-27, Посетено на 2010-02-01
- ↑ „Sins of the Missions“. The Guardian. 14 October 1996.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ Walter Wuellenweber , Мајка Тереза: каде се милионите? (англиски), Stern, 10 септември 1998.
- ↑ Хигсов Бозон, Педерски Катахрезис, Темплум, Скопје, 2011.
- ↑ Esther Duflo (2020), „Field Experiments and the Practice of Policy“, American Economic Review, 110(7), 1952-1973.
„Mother Teresa“ на Ризницата ? |