Закавказје

геополитички регион во меѓу Источна Европа и Западна Азија
(Пренасочено од Јужен Кавказ)

Закавказје (руски: Закавказье) или Јужен Кавказ (грузиски: სამხრეთ კავკასია) — географски регион во близина на јужните Кавкаски Планини, на границата помеѓу Источна Европа и Западна Азија.[1][2] Го опфаќа приближното подрачје на денешна Грузија, Ерменија и Азербејџан, чија вкупна површина изнесува околу 186.100 км2.[3] Закавказјето и Преткавказјето (Северен Кавказ) заедно го сочинуваат поширокото подрачје на Кавказот кој ги дели европскиот и азискиот дел на Евроазија.

Физичка карта на Кавказот.

Се протега од јужниот дел на масивот Голем Кавказ во југозападна Русија до турско-ерменската граица, и од Црното Море на запад до каспискиот брег на Иран на исток. Во подрачјето влегуваат јужниот дел на венецот Голем Кавказ, целиот венец Мал Кавказ, Колхидската и Курско-араксинската Низина, Талишките Планини, Ленкоранската Низина, Џавахетија и источниот дел на Ерменската Висорамнина.

Во регионот влегува цела денешна Ерменија, поголемиот дел од Грузија и Азербејџан (вклучувајќи ја ексклавата Нахичеван), како и делови од Турција и Иран. Најважни гранки во закавкаското стопанство се вадењето нафта и манганова руда, одгледувањето на чај, агруми и производството на вино. Подрачјето е политички проблематично уште од распадот на СССР со спорните земји како Абхазија, Јужна Осетија и Нагорно-Карабах (Арцах). Од 1878 до 1917 г. во Закавказјето се вбројувала и Карската област на Руската Империја.

Историја

уреди

За домородниоте народи на Кавказот се пишувало уште во стариот век, во делата на историчарот Херодот и географот Страбон. Во средниот век на Кавказот се доселиле повеќе народи како Скитите, Аланите, Хуните, Хазарите, Арапите, Турците-Селџуци и Монголците, менувајќи го култиурниот карактер на Закавказјето. Напоредно на ова навлегло и влијанието на блискоисточните народи преку иранските јазици и исламска вера.[3]

 
Политичка карта на Кавказот од 2008 г.

Со својата местоположба помеѓу Иран, Русија и Турција, регионот со векови е предмет на политички, воени, меѓуверски и културни судири и експанзионизам. Низ историјата е освојуван разни царства како Ахеменидското, Партското, Римското, Сасанидското, Византиското, Монголското, Османлиското, Персиското (Сефевиди, Афшариди, Каџари) и Руското — сите воведувајќи ги своите вери и култури меѓу населението.[4] Од сите нив, најдолго се задржале иранските владетели.[5] Во текот на XIX век ова нагло се променило кога Персија била принудена да го отпстапи Закавказјето на Русија како последица од двете Руско-персиски војни.[6]

Во стариот век, со територијата владееле Ерменското, Албанското и Иберското Кралство. Подоцна истите се припоени кон разни ирански царства, вклучувајќи ги Ахеменидското, Партското и Сасанидското, а во регионот се раширил зороастризмот како главна религија. Со продорот на христијанството, зороастризмот изгубил на значење и се задржал во поскромни размери благодарение на преостанатото персиско влијание. Така, Закавказјето станало предмет на политички, воени и меѓуверски спорови помеѓу големите држави, доведувајќи до низа војни помеѓу Персија и Рим, а подоцна и помеѓу Пересија и Византија.

На територијата на Закавказјето владееле и Партите, основајќи ги Ерменија, Иберија и Албанија како држави под власт три ограноци на династијата Арсакиди (Аршакуни).

Кон средината на VIII век омејадската војска извојувала победа над Хазарите и го зазела Дербент. Со ова, голем дел од Закавказјето влегол во состав на калифатот и подлегнал на исламизација.[7] Подоцна како главна сила во регионот се јавило православното Грузиско Кралство, за подоцна истиот да биде освоен од Селџуците, Монголците, Туркијците, Сефевидите, Османлиите, Афшаридите и Каџарите.

По две војни со Персија во првата половина на XIX век, (1804-1813 и 1826-1828), Русија го освоила речиси сето Закавказје (како и Дагестан во Северен Кавказ) и со тоа се прекинати историските врски со Персијците.[5][8] По првата војна Иран бил приморан да ги отстапи денешен Дагестан, источна Грузија и најголемиот дел од Азербејџан согласно Ѓулистанскиот мировен договор. По поразот во втората војна е потпишан Туркменчаскиот мировен договор, каде овојпат Иран ја отстапил денешна Ерменија и остатокот од денешен Азербејџан кој останал неотстапен. Во 1828-29 г. Русите повторно извојувале победа во регионот, овојпат против Отоманското Царство, кое морало да им ја отстапи западна Грузија (освен Аџарија, т.е. Батумскиот санџак).

Во 1844 г. руската држава извршила обединување на денешна Грузија, Ерменија и Азербејџан во едно намесништво кое траело до 1881 г. и повторно помеѓу 1905 и 1917 г. По Руско-турската војна од 1877-78 г., Русија ги освила Карс, Ардахан, Агри и Батуми од Османлиите и ги присоединила кон намесништвото, создавајќи ја Карската област како нејзино најјугозападно владение во Закавказјето.

По растурањето на Руската Империја во 1918 г. Закавказјето е обединето под советска власт како Закавкаска Демократска Федеративна Република, но истата траела месец и половина пред да се раздели на Ерменска, Азербејџанска и Грузиска ССР. Во 1922 г. е направено повторно соединување на регионот, овојпат како Закавкаска Социјалистичка Федеративна Советска Република, која траела сè до 1936 г. пред повторно да се одвои на посебни републики.

Во август 2008 г. западните сили го дестабилизирале Закавказјето, предизвикувајќи ја Руско-грузиската војна во Јужна Осетија. Подрачјето и натаму останува чувствително поради неговиот мешан верски и етнички карактер.

Прататковина на винарството

уреди

Закавказјето се смета за едно од домородните краишта на виновата лоза[9], а според некои претставува прататковина на винарството[10] На оваа територија археолозите пронашле гроздови семки кои датираат од 7000–5000 г. пр. н. е.[11] Во Иран е пронајдено вино направено помеѓу 7400[9] и 5000 г. пр. н. е.[12] а во Грузија има археолошки наоди од вино од 6000 г. пр. н. е..[13][14][15] Во Ерменија пак, се најдени остатоци од најстарата винарија во светот, која датира од 4000 г. пр. н. е..[9]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Caucasus“. The World Factbook. Library of Congress. May 2006. Посетено на 7 July 2009.
  2. Mulvey, Stephen (16 June 2000). „The Caucasus: Troubled borderland“. News. BBC. Посетено на 1 July 2009. "The Caucasus Mountains form the boundary between West and East, between Europe and Asia..."
  3. 3,0 3,1 Solomon Ilich Bruk. „Transcaucasia“. Encyclopædia Britannica. Посетено на 3 December 2014.
  4. German, Tracey (2012). Regional Cooperation in the South Caucasus: Good Neighbours Or Distant Relatives?. Ashgate Publishing Ltd. стр. 44. ISBN 1409407217.
  5. 5,0 5,1 "Caucasus and Iran" in Encyclopaedia Iranica, Multiple Authors
  6. Timothy C. Dowling Russia at War: From the Mongol Conquest to Afghanistan, Chechnya, and Beyond p 728-730 ABC-CLIO, 2 dec. 2014 ISBN 1598849484
  7. King, Charles (2008). The Ghost of Freedom: A History of the Caucasus. Oxford University Press. стр. 65. ISBN 0199884323.
  8. Allen F. Chew. An Atlas of Russian History: Eleven Centuries of Changing Borders. Yale University Press, 1967. pp 74
  9. 9,0 9,1 9,2 But was it plonk?, Boston Globe
  10. Hugh Johnson Vintage: The Story of Wine p 15 Simon & Schuster 1989
  11. Johnson p 17
  12. Ellsworth, Amy (18 July 2012). „7,000 Year-old Wine Jar“. Penn Museum. Архивирано од изворникот на 2012-08-26. Посетено на 2018-10-24.
  13. Keys, David (28 December 2003). „Now that's what you call a real vintage: professor unearths 8.000-year-old wine“. The Independent. Посетено на 20 March 2011.
  14. Berkowitz, Mark (1996). „World's Earliest Wine“. Archaeology. Archaeological Institute of America. 49 (5). Посетено на 25 June 2008.
  15. Spilling, Michael; Wong, Winnie (2008). Cultures of The World: Georgia. стр. 128. ISBN 978-0-7614-3033-9.

Надворешни врски

уреди