Црни и жолти
„Црни и жолти“ — збирка со детска поезија на македонскиот писател Славко Јаневски. За првпат, книгата била објавена во 1967 година, а подоцна има доживеано поголем број изданија. Долго време, таа е дел од задолжителната лектира на учениците во основните училишта во Македонија.
Содржина
уредиЗбирката „Црни и жолти“ содржи предговор со наслов „До мојот читач, се знае - кој и да е! (строго доверливо)“, 19 песни, како и Речник и објаснувања. Во предговорот, авторот им соопштува на читателите дека книгата настанала како резултат на неговите три патувања низ Африка и Азија, каде посетил повеќе земји, како: Сирија, Пакистан, Индија, Бурма, Малаја, Јужен Виетнам, Борнео, Сингапур, Хонгконг, Јапонија, Гвинеја, Судан и Египет. На тие патувања видел: мумии, скулптури на фараони, камили, нилски коњи, факири, змии, погреби на кои се пее, црнци во лов на газели, Малајци во лов на сабјарки и јапонски столетни дрва. Притоа, тој нагласува дека вистинските настани од патувањата ги опишал во книгата „Горчливи легенди“, додека измислените случки ги ставил во „Црни и жолти“.[1] Во речникот, авторот дава објаснувања на поимите што се среќаваат низ книгата, како вистинските (Азија, Африка, баобаб, Бедуини итн.) така и измислените (Абавагула, Автара бавтара, Гапонини, Дунг-Донг итн.).[2]
Збирката ги содржи следниве песни:[3]
- Пошла прва камила, пошла втора камила
- Црн роман
- Автара-бавтара
- Што шепоти тревата
- Суданска балада
- Шах
- Жабоци гајдамаци
- Нхма-Кхма
- Мудреци над мудреците
- Ако не е вистина, голема лага е
- Бунтот на чадорите
- Мандаринијада
- Песната за лебот и за водата
- Кинески театар
- Прикаска по спротивен ред
- Безбожна јапонска приказна
- Песна за Јапонецот и за уште нешто
- Абавагула и Дорефасула
- Носорог Росоког Роногос
Изданија
уредиИздание од 2004
уредиВо 2004 година, Редакцијата „Детска радост“ ја објавила збирката „Црни и жолти“ како дел од библиотеката „Лектирни изданија“. Книгата има 96 страници, со обем од 20 сантиметри, а била отпечатена во печатницата „Напредок“ од Тетово. Лектурата и коректурата се дело на Оливера Ќорвезироска, дизајнот и графичко-ликовното уредување ги направил Жарко Туниќ, додека илустрациите во книгата ги нацртал Димче Исаиловски. Книгата е каталогизирана во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, а го носи меѓународниот број ISBN 9989-30-466-1. Покрај главниот текст, книгата содржи и поговор со наслов „Чудесна поетска географија“ напишан од Јадранка Владова.[3]
Осврт кон делото
уредиВо поговорот кон збирката, Јадранка Владова истакнува дека книгата претставува убава поетска географија, не само поради песните што обрааботуваат мотиви од Азија и Африка, туку и поради прекрасниот „поетизиран“ речник со објаснувања, даден на крајот од книгата. Во него, авторот ги измешал вистинските податоци со измислени. Притоа, уште во предговорот на книгата се прави разлика меѓу доживеаното и документарното и она што е прочувствувано, измислено и поетско. И воведот и речникот на сличен начин ги комбинираат реалните и измислените нешта.[4]
Меѓутоа, „Црни и жолти“ е важна книга и поради тоа што во неа авторот се обидел да пронајде бројни гласовни совпаѓања на зборовите во македонскиот јазик. На пример, тој ги ставил во врска следниве зборови: смена-хиена, танки-гранки, палма-чалма, сито-питон, брашно-страшно, поглаварите-краварите, козарите-лозарите, чуда-Буда, чекор-млеко, хипопотам-да претам, црпка-грпка итн. Звучноста на своите песни Јаневски ја постигнува и со повторување на некои гласови со што се засилува музиката на стихот. На пример, во песната „Ако не е вистина голема лага е“, тој го користи гласот „ш“ за да го изрази ноќниот мир. Исто така, тој често ја користи ономатопејата: там-там, автара-бавтара, бавтара-тавтара, Кре-кре-крака, тика-тик, тика-так итн. Покрај тоа, во книгата е присутен хијазмот, т.е. симетричната инверзија на исказот во стихот (зини-лапни, лапни-зини; ќерка мамина или черкина мамичка), како и други семантички фигури во кои стилското средство се гради со помош на значењето што се менува, користејќи ги метонимијата и оксиморонот. Секако, во песните се присутни и необични метафори, а најголемата доблест на песните е нивниот хумор. Понатаму, интересно е тоа што авторот води дијалог со литературата, зашто многу од песните се однесуваат на книжевните поими, како што се: роман, балада, приказна, песна, театар итн.[5]
Во песната „Црн роман“, во согласност со насловот, авторот ја поделил песната на четири глави. Притоа, намерата на авторот била дека поетската фантазија умее да ги спои различните нешта, а зборот „црн“ во насловот веднаш укажува дека мотивите во песната се земени од „црниот континент“, т.е. од Африка. Уште повеќе, Африка е првиот збор кој се појавува во првиот стих, но во песната се употребени бројни поими што се типични за Африка: зебра, шимпанзо, хиена, газела, баобаб, слон, пантер итн. Бидејќи песната е наречена роман, таа се обидува и на поинаков начин (освен поделбата на четири глави) да заличи на роман, и тоа преку раскажувачкиот дел за црното момче Кали.[6]
„Суданска балада“ е интересна поради тоа што во насловот се содржи името на баладата како поетска форма која содржи лирски, епски и драмски елементи. Во неа авторот го употребил раскажувачкиот елемент, опишувајќи го таинственото исчезнување на тројца луѓе во џунглата. Притоа, лирското Јас не тврди дека луѓето биле изедени од дивите животни, но ставајќи ги луѓето во врска со животните, тој му сугерира на читателот дека тие биле изедени. Оваа песна наликува на балада поради тоа што ги содржи и дијалогот, напнатоста и тагата, иако тагата е малку нејасна и замаглена.[7]
„Кинески театар“ е песна чиј поим е дополнително (и шеговито) објаснет во речникот на крајот од книгата. И во неа, авоторот внесува минимални означувачи кои го оправдуваат насловот. Така, нејзината содржина е поделена на чинови, а кинескиот карактер на театарот е означен со хартиените змејови како типичен симбол на кинеската култура. Исто така, кинескиот карактер е претставен и со употребата на зборот „мандарин“.[8]
Во песната „Прикаска по спротивен ред“ авторот направил песна која е азиска само поради градот Шангај кој е спомнат во првиот стих. Инаку, таа е духовита песна во која нештата се отпревртени, т.е. во песната се раскажува за една необична случка во која куферите ги загубиле своите стопани. На тој начин, со употребата на персонификацијата, поетот им дал човечко својство на предметите.[9]
„Безбожната јапонска приказна“ е безбожна затоа што во неа Буда е прикажан како суров господар кој сурово го казнува својот поданик затоа што не му ја исполнил желбата.[10]
„Песната за Јапонецот и за нешто друго“ претставува гордост на македонската поезија за деца, зашто во неа авторот обработил важен проблем за поезијата, воопшто - како настанува песната и како таа се претвора во уметничко дело. Уште во првата строфа, лирското Јас, кое зборува во множинска форма, посочува дека измислувањето песна е спротивставено на играта како физичка активност. Имено, фантазијата како игра со зборови не бара простор, зашто силата на фантазијата може да го прошири замислениот простор до бесконечност. Оваа песна е направена со употреба на зборовите што се римуваат со Јапонец: лонец, конец, ѕвонец итн. Исто така, во неа Јапонецот се менува со други народности чии имиња завршуваат на „ец“: Малаец, Бурманец, Виетнамец, Китаец.[11]
Наводи
уреди- ↑ Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 5-6.
- ↑ Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 73-79.
- ↑ 3,0 3,1 Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004.
- ↑ Јадранка Владова, „Чудесна поетска географија“, во: Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 83-84.
- ↑ Јадранка Владова, „Чудесна поетска географија“, во: Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 84-87.
- ↑ Јадранка Владова, „Чудесна поетска географија“, во: Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 87-88.
- ↑ Јадранка Владова, „Чудесна поетска географија“, во: Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 88-89.
- ↑ Јадранка Владова, „Чудесна поетска географија“, во: Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 89-90.
- ↑ Јадранка Владова, „Чудесна поетска географија“, во: Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 91-92.
- ↑ Јадранка Владова, „Чудесна поетска географија“, во: Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 92.
- ↑ Јадранка Владова, „Чудесна поетска географија“, во: Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 93-94.
Надворешни врски
уреди- „Црни и жолти“ Архивирано на 11 јули 2019 г., аудио книга на страницата на Нацоиналниот сојуз на слепи на Македонија.