Жорис-Карл Уисманс

(Пренасочено од Уисманс)
Жорис-Карл Уисманс
фотографија
Изворно имеJoris-Karl Huysmans
Роден/а5 февруари 1848
Париз, Франција
Починат/а12 мај 1907
Париз, Франција
Занимањеписател
НационалностФранцузин
ДржавјанствоФранцузин
НародностФранцузин
Жанрроман, поезија, уметничка критика, хагиографија, монографија
Книжевно движењесимболизам, декадентизам и натурализам

Животопис

уреди
 
Комеморативна плоча за Жорис-Карл Уисманс

Уисманс е роден на 5 февруари 1848 година, во домот на улицата „Сигер“ во шестиот арондисман во Париз, од татко Годфрид Уисманс (Холанѓанец, по професија литограф) и мајка Французинка, учителка.[1] Целото детство го поминал во таа куќа, а целиот работени век бил службеник во Министерсвото за внатрешни работи на Франција. Уисманс заболел од рак на вилицата и умрел во својот дом во Париз, на 12 мај 1907 година, а закопан е на гробиштата Монпарнас.

Творештво

уреди

Како романописец и критичар на уметноста, Уисманс активно учествувал во уметничкиот и литерарен живот на Франција во последните петнаесетина година на 19 век, сè до својата смрт во 1907 година. На почетокот бил приврзаник на натурализмот, но подоцна раскрстил со таа школа за да ги истражува новите можности што ги нуди симболизмот и станал главен претставник на естетиката од крајот на векот. Во последните години од својот живот, тој се преобратил во католицизам и навлегол во традициите на мистичната литература. Со своето дело како критичар на уметноста, тој во Франција го промовирал импресионизмот како и симболизмот и пред публиката повторно ја открил примитивната уметност. По неговата смрт, на иницијатива на неговиот пријател и романописец Лисјен Декав, било основано Друштвото Ж.-К. Уисманс.

Уисманс се појавил на книжевната сцена со збирката песни во проза Сад за мирудии од 1874 година во која авторот им оддава почит на холандските и на фламанските сликари Рембрант, Рубенс, Браувер, ван Остаде, Корнелиус Бега итн.) и на поезијата на Франсоа Вијон. Во ова негово младешко дело се забележува нагласеното влијание на романтизмот (Гаспар на Ноќта од Алоисиус Бертран) и на модерната поезија (Мали прозни песни од Бодлер), но тоа сведочи и за еден вистински талент на реалистичен писател и на нагласен интерес за развиената натуралистичка естетика што во тоа време ја развива Емил Зола.

Натуралистичка фаза

уреди
 
Уисманс од Кол-Ток (Луѓето денес, 1885)

Во 1876 година, Уисманс го објавил својот прв роман со јасна натуралистичка инспирација Марта, приказна за една девојка, во кој темата е животот и развратот на една млада парижанка во едно распуштено општество во кое треба да се проституира за да опстане. Плашејќи се од тогашната цензура во Франција, Уисманс го објавил романот во Брисел. Истата година се спријателил со Емил Зола кого го бранел во еден напис посветен на неговиот последен роман Кабаре. Toj напис останал во историјата на литературата како еден од првите манифести за натурализмот. Неговиот втор роман, Сестрите Ватар кој, исто така, има натуралистичка нишка, се појавил во 1879 година, со посвета на Зола кого го признавал како свој учител во литературата. Оттогаш, Уисманс ѝ припаѓал на малата група млади писатели што Зола ги примал во својата вила во Медан. Тој се дружел со Ги де Мопасан, Леон Аник, Анри Сеар, и со нив во 1880 година, под водство на Зола, соработувал на објавувањето на колективната збирка на натуралистички новели Вечери во Медан во која го вметнал расказот Со ранецот на грбот, ироничен и антипатриотски расказ за своето искуство од Француско-пруската војна од 1870 година.

Романот Во брак, објавен следната година, и особено Без контрола, долга новела од 1882 година, ги сликаат мрачните и безлични животи на антихероите истрошени од „овој ужасен модерен живот“[2], чии црни мисли се натопени со песимизмот на Шопенхауер. Уисманс во тој период напишал и низа извонредни архитектонски описи посветени на религиозни градби, како што е циклусот „Диртал“.

Со делата од неговата прва фаза („Сестрите Ватар“, „Марта“, „Во семејството“, „Со ранецот на грбот“, „Низ водата“, „Една дилема“ итн.), Уисманс се наметнал како еден од најистакнатите претставници на францускиот натурализам. Во нив, тој ја сликал суровата стварност, со нејзините подлости, глупости и валкани работи.[1]

Декадентен писател

уреди

Објавувајќи го во 1884 година романот Наспроти, Уисманс нагло прекинал со натуралистичката естетика. „Склоностите кон лукавството“[3] на неговиот херој Дезесент, неговото отфрлање на модерноста, неговиот декадентен вкус, неговите манири на ексцентричен денди и неговите каприци на естет ги одушевиле читателите и особено „уметничката младина“[4] која се препознала во естетиката што ја создал Уисманс, а која била синтеза на морбидните влијанија од Бодлер или од Едгард По, склоностите кон сонот во песните на Стефан Маларме или сликите на Гистав Моро, и реализмот од делата на латинската литература од времето на римската декаденција. Романот Наспроти станал дел од историјата на литературата и романескно искуство што авторот никогаш веќе не го повторил. Тој роман се вткајува во срцето на романескната нарација, на размислите за уметноста и за литературата, која следејќи ја мислата на Паскал, е против вкусот на мнозинството. Романот го покажува цинизмот на Уисманс („Прави им го на другите тоа што не сакаш да ти го прават тебе; со оваа максима далеку ќе стасаш“). Тој го открива својот пријател Луј Феликс Башерер во замокот Лурп, кој му служи како рамка во која го почнува романот. Обидувајќи се преку романот да отвори нов пат во литературата за да го избегне безизлезот на натурализмот, Уисманс сам си го поставува прашањето на верата. Романот завршува со зборовите: „Господе, смилувај му се на христијанинот кој се сомнева, на неверникот кој сака да верува, на осуденикот во животот кој сам се впушта во ноќта, под небото кое веќе не ги осветлува светилниците на старата надеж!“[3] Во втората фаза, Уисманс делумно го напуштил фанатичниот натурализам и започнал да бара нови патишта, анализирајќи го современиот сензибилитет, измачен со идеализмот.[1]

Сатанистички обид

уреди

Ценејќи дека, за да го заинтересира читателот, романот треба да ја измеша нарацијата на „потврдените документи“[5], Уисманс во романот Таму (1891) го проучува феноменот на сатанизам поаѓајќи од историскиот случај на Жил де Ре и го проследува сижето сè до современите манифестации. Тој го документира тоа со своето присуство на една црна миса, ги посетува езотеричните средини, има иницијација во кабалата и го проучува симболизмот и окултизмот. Во романот Таму се појавува ликот на Диртал, некаков романескен двојник на Уисманс, кој подоцна се појавува во неговите три наредни романи кои го сочинуваат „Циклусот на Диртал“.

Книжевен преобратеник

уреди

Откако го прочитал романот Наспроти, католичкиот писател Барбе д'Орвили го повторил тоа што веќе го рекол за поетот Шарл Бодлер и предвидел дека Уисманс еден ден ќе треба да одбере меѓу „пиштолот и крстот“[6], или поинаку речено: меѓу самоубиството и религиозното преобраќање. И по таа „црна книга“ каква што е Таму, Уисманс сакал да напише „бела книга“, во која ќе го истражува светот на христијанската мистика , преку невидена литерарна форма што ја именува како „спиритистички натурализам“[2]. Тој роман, со наслов На пат (1895), ги започнал последователните етапи на бавното и болно преобраќање на авторот во католичката религија.

Потоа, во Катедрала од 1898 година, Уисманс ја проучува христијанската симболика во рамките на величествената римска катедрала во Шартр. Во истиот период, тој ги истражувал богатствата на религиозната архитектура во Париз и напишал повеќе монографии и историски студии за разни споменици.[7] исто така, тој се интересирал за сите облици на мистичната литература, од Јан ван Рејзбрук и Тереза Авилска, сè до грегоријанското литургиско пеење, сликарството и религиозната скулптура.

Откако во 1892 година се повлекол во повеќе манастири (Салет, Ињи, Солесм, Сен-Вондриј итн.), Уисманс го напушил Париз во 1899 година и конечно се сместил во малото село Лигиже, близу до Поатје во Виен, каде што си изградил дом во близината на бенедиктинската опатија Сен-Мартен. Тука, тој живеел со монасите и се подготвувал да стане искушеник. Но, во 1901 година, со законот за здружување се расформирала заедницата во Сен-Мартен, монасите биле прогонети, а Уисманс бил принуден да се врати во Париз. Откако ја објавил хагиографијата посветена на христијанската мистична светица Лидвина од Схидам (1901), Уисманс го раскажал својот живот по манастирите во романот Искушеник (1903).

Во трите романа што ги објавил по своето преобраќање (На пат, Катедрала и Искушеник), Уисманс бил предвесник на големото литерарно преобраќање во Француската литература во почетокот на XX век, со авторите како: Пол Бурже, Шарл Пеги, Бринетиер, Пол Клодел, Леон Блоа или Франсоа Моријак.[8]

Сепак, според некои критичари, дури и во оваа фаза, Уисманс само привидно го напуштил натурализмот, зашто тој останал натуралистички и реалистички сликар на религијата и понатаму ја жигосувал глупоста со својот брутален стил во кој се мешаат народните изрази, уметничката живописност и неологизмите.[1]

Критичар на уметноста

уреди
 
Портрет на Ж.-К Уисманс Ж.-Л. Форен

Уисманс, по татко му, бил потомок на уметничка лоза, поточно на холандски сликари. Некои слики од неговиот наславен предок, Корнелиус Уисманс, сликар од Антверпен од 17 век, и денес постојат во Лувр. Исто така, Уисманс, кој го сменил своето лично име (Жорж-Шарл) за да прифати име кое според звучноста повеќе потсетува на неговите холандски корени (Жорис-Карл), дебитирал со опишување на слики од холандските сликари: Добар другар од Франс Халс (1875) и Осуденик од Питер де Хох (1875).

Потоа, од 1876 година, Уисманс соработувал како хроничар на уметноста со разни весници за кои пишувал извештаи од Сликарските салони. По тој повод, тој открил повеќе независни сликари кои изложувале надвор од официјалните салони, бидејќи таму жиријата ги одбивале нивните слики. Тој бил одушевен од непознатиот Едуар Мане и ја фалел неговата слика Нана (инспирирана од хероината на Зола), со зборовите: „Нана е неспорно едно од најдобрите негови платна... Таа е многу подобра од оние смешни слики кои се појавија во Салонот од 1877 година“[9]. Оттогаш, Уисманс се наоѓал на чело на заложбата да се наметне импресионизмот на публиката на која тој успешно ѝ ги открил делата на Моне, Дега, Кајбот, Анри Жерве, Сезан, Писаро, Гоген, Жорж Сера, Жан-Луј Форен итн. Притоа, тој бил строг противник на академската уметност и ги критикувал тогашните главни претставници : Александар Кабанел, Жан-Леон Жером и Каролус-Диран.

Околу 1889 година, Уисманс ги открил делата на Одилон Редон, на Гистав Моро, на Жан-Франсоа Рафаели и на Фелисијан Ропс и многу работел на запознавање на публиката со симболизмот во сликарството. Потоа, голем број од хрониките за уметноста ги собрал во две збирки: Модерна уметност (1883) и Некои (1889).[10] Откако ги прочитал нив, Клод Моне рекол: „Никој не пишувал толку добро за модерните уметници“, Стефан Маларме во Уисманс го гледал „единствениот кој пишува за уметноста и може да те натера да прочиташ за Салоните од првата до последната страница“. По своето преобратување во католицизимот, околу 1895 година, Уисманс ја открил религиозната уметност (Фра Анџелико итн.), и особено сликарството на примитивната уметност. Тогаш, тој пишувал пофални текстови за Матијас Гриневалд, Рогир ван дер Веиден, Квентин Масејс и Робер Кампен.

Главни дела

уреди
  • Le Drageoir aux épices (recueil de prose poétique, 1874);
  • Марта, историја на една девојка (Marthe, histoire d’une fille, роман, 1876);
  • Les Sœurs Vatard (роман, 1879);
  • Sac au dos (новела, 1880);
  • Croquis parisiens (песни во проза, 1880);
  • En ménage (roman, 1881);
  • À vau-l’eau, (новела, 1882);
  • L’Art moderne (уметничка критика, 1883);
  • Наспроти (À rebours, роман, 1884);
  • En rade (роман, 1887);
  • Дилема (Un dilemme, новела, 1887);
  • La Retraite de monsieur Bougran (новела, 1888 и 1964);
  • Certains (critique d’art, 1889);
  • La Bièvre (монографија, 1890);
  • Là-bas (роман, 1891);
  • En route (роман, 1895);
  • Катедрала (La Cathédrale, роман, 1898);
  • La Bièvre et Saint-Séverin (монографија, 1898);
  • Les Gobelins; Saint-Séverin (монографија, 1901);
  • Sainte Lydwine de Schiedam (хагиографија, 1901);
  • De tout (recueil d’articles, 1902);
  • L'Oblat (роман, 1903);
  • Trois Primitifs (уметничка критика, 1905);
  • Les Foules de Lourdes (роман, 1906);
  • Trois Églises (монографија, 1908);
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 D. Milačić, „Beleška o piscu“, во: Ž. K. Huismans, Pripovetke. Beograd: Rad, 1960, стр. 135.
  2. 2,0 2,1 Là-bas (1891)
  3. 3,0 3,1 À rebours (1884)
  4. „J.-K. Huysmans“ , во Луѓето денес (1885)
  5. Préface d’À rebours (1903)
  6. Jules Barbey d’Aurevilly, „À rebours“, Le Constitutionnel, (28 juillet 1884)
  7. Ces textes ont été réunis dans deux recueils : J.-K. Huysmans, À Paris (Bartillat, 2005) et Les Églises de Paris (Éditions de Paris, 2005)
  8. Jules Sageret, Les Grands Convertis, Société du Mercure de France, 1906.
  9. Нана на Мане“, Уметник (Брисел), 13 мај 1877 година; преиздадено во Ж-K. Уисманс, Записи за уметноста (1867-1905), издание Патрис Локман, Париз, Бартија, 2006.
  10. Целината на естетските текстови на Уисманс се собрани во комплетно издание: Ж.-К. Усиманс, Записи за уметноста (1867-1905), édition établie et préfacée par Patrice Locmant, Paris, Éditions Bartillat, 2006.