Една дилема
„Една дилема“ (француски: Un dilemme) — расказ од францускиот писател Жорис-Карл Уисманс од 1887 година.
Содржина
уредиРасказот се состои од шест дела. Во домот на господинот Ламбоа, во малото место Бошан, домаќинот има состанок со нотарот Ле Понсар, со цел да направат план како да го присвојат наследството на покојниот син на господинот Ламбоа, Жил кој умрел од тифус во Париз. Проблемот се состои во тоа што Жил живеел со една жена која останала бремена и која, по смртта на Жил, му пратила писмо на господинот Ламбоа барајќи му пари. Ламбоа и Ле Понсар се единствените наследници на покојниот Жил и сакаат да го поделат неговото наследство. Поради тоа, нотарот Ле Понсар треба да замине во Париз за да ја убеди жената на Жил да не бара дел од наследството. Инаку, нотарот Ле Понсар е најпочитуваниот жител на Бошан, кој по завршувањето на студиите во Париз се повлекол во родното место, каде се оженил со богата и грда жена, а ќерката ја омажил за господинот Ламбоа. Ле Понсар е познат како голем скржавец, кој не штеди пари само за две нешта: добрата храна и жените. Од друга страна, Ламбоа ковал големи планови за својот син, а по неговата смрт, самиот тој има амбиции да стане окружен пратеник. Во Париз, Ле Понсар ја посетува жената на Жил, Софија Муво и таму дознава дека Жил не оставил никаков тестамент, со што на Софија не ѝ оставил правна основа да добие дел од неговото наследство. Потоа, во груб разговор со неа, Ле Понсар ѝ поставува на Софија услов да се изјасни длаи ја прифаќа улогата на поранешна слугинка на Жил или улогата на љубовница. Притоа, во првиот случај, таа би добила мал износ пари, додека во вториот случај би останала со празни раце. Очајната Софија бара помош од нејзината познаничка, продавачката на хартија г-ѓа Шампањ, која утредента ја придружува во настојувањето да го одоброволат нотарот Ле Понсар. Меѓутоа, тој се однесува сосема студено кон молбите на двете жени, ососбено поради тоа што претходната вечер потрошил многу пари на една жена. Така, Ле Понсар ја зема целата покуќнина од станот на покојниот Жил и безмислосно ја исфрла Софија од станот, давајќи ѝ само мал износ пари, а потоа, тој се враќа во Бошан. По една недела, господинот Ламбоа му покажува писмо од г-ѓа Шампањ во кое таа го известува дека Софија имала спонтан абортус при што таа умрела. Ле Понсар студено го фрла писмото во огнот.[1]
Наводи
уреди- ↑ Ž. K. Huismans, Pripovetke. Beograd: Rad, 1960, стр. 51-101.