Низ водата
„Низ водата“ (француски: A vau-l'eau) — расказ на францускиот писател Жорис-Карл Уисманс од 1882 година.
Содржина
уредиРасказот се состои од четири дела во кои авторот го опишува животот на главниот лик, Жан Фолантен. Тој потекнува од старо, но осиромашено семејство, а уште во детството останува без татко. Сепак, неговата мајка се жртвува и вредниот Фолантен успева да матурира. Потоа, тој се вработува како службеник во едно министерство, но набргу умира мајка му. Физички слаб, куц на едната нога и срамежлив, Фолантен останува неженет, а во младоста постојано имал сексуални односи со евтините улични проститутки. Во една прилика, тој одржувал врска со една девојка од која добил венерична болест. Останувајќи без роднини и без пријатели. Тој живее во мал стан, во сиромашниот дел на Париз, минувајќи го животот во постојана и неуспешна потрага по ресторан во кој би добил добра и вкусна храна. Фолантен ги минува деновите во апатија, незадоволен од својот живот, но немоќен да го промени. Неговото мрачно расположение се променува со доаѓањето на пролетта и летото, кога донесува одлука да се дружи со луѓето и да го реновира станот. Меѓутоа, неговиот ентузијазам трае кратко, зашто по средбата со еден познаник, тој сфаќа дека сите во евтини ресторани се служи лоша, невкусна храна, а во театарот се прикажуваат слаби дела. Еден ден, во ресторанот му приоѓа непозната жена која отворено му кажува дека сака да води љубов со него и го вовлекува во својот стан. Фолантен го напушта нејзиниот стан со непријатно чувство, заклучувајќи дека сите обиди да внесе промени во својот живот се залудни и дека во овој свет нема место за сиромашните луѓе.[1]
Осврт кон расказот
уредиЗачетокот на расказот „Низ водата“ се наоѓа во „Песната во проза за месото печено во фурна“. Расказот претставува потресна поема за упорната потрага по вкусна храна и за помирувањето со тажната судбина по низата разочарувања во животот и по пропаднатите илузии. Во расказот се опишува како пропаѓаат сите обиди на главниот лик да го промени начинот на живот, во којшто нема ниту љубов ни задоволство за на крајот тој да заклучи дека треба да ѝ се препушти на судбината, т.е. да се пушти „низ водата“, зашто „најдоброто на постои за светот без пари; се случува само најлошото.“ Иако навидум блага, сатирата на Уисманс е остра и се граничи со карикатурата, но никогаш не преминува во неа. Притоа, расказот не е само портрет на еден чудак, туку и слика на една општествена атмосфера.[2]