Со ранецот на грбот

„Со ранецот на грбот“ (француски: Sac au dos) — расказ на францускиот писател Жорис-Карл Уисманс.

Содржина

уреди

Во расказот се зборува за доживувањата на војникот Ежен Лежантел за време на Француско-пруската војна од 1870 година. По матурирањето, тој се запишал на правните студии, но не бил добар студент, туку ги претпочитал кафеаните, девојките и книгите. Откако успеал да ја заврши првата година на студиите, Ежен бил мобилизиран и потоа со воз бил испратен во околината на Шалон, во областа Шампањ. Набргу по пристигнувањето на фронтот, тој се разболел и бил примен во воената болница, каде се спријателил со сликарот Франси Емоно. Кога пруската војска се приближила кон Шалон, болницата била евакуирана и војниците биле преместувани во неколку града за најпосле да ги сместат во болницата во градот Евре. Исто како и претходно, така и за време на престојот во Евре, Ежен и Франси се измачувале во неактивност и во пиење, а единствената светла точка во болницата била сестрата Анжела која го привлекла вниманието на Ежен. Во Евре, Ежен ги посетил благородниците де Фрешед, кои преку своите врски кај воените лекари му помогнале да добие отсуство во Париз, додека Франси, по казна, бил испратен на фронтот. На патот кон дома, Ежен се зближил со една девојка со име Кралица, која никогаш повеќе не ја видел. Во Париз, Ежен лежел болен неколку дена, а потоа ја посетил својата мајка.[1]

Осврт кон расказот

уреди

Расказот „Со ранецот на грбот“ за првпат се појавил во збирката „Медански вечери“, наречена по местото во кое живеел Емил Зола, каде што се собирале неговите ученици и следбеници, меѓу кои бил и Уисманс. Иако станува збор за воен расказ во кој авторот ги опишува доживувањата на еден млад регрут во Француско-пруската војна од 1870 година, карактеристично за него е тоа што се опишани сосема неважни епизоди, т.е. во него нема ниту еден опис на борби или воени дејства. Сепак, иако во расказот не се случува ништо значајно, благодарение на стилот на Уисманс, тој се одликува со сочност и со релјефност.[2]

Наводи

уреди
  1. Ž. K. Huismans, Pripovetke. Beograd: Rad, 1960, стр. 105-133.
  2. D. Milačić, „Beleška o piscu“, во: Ž. K. Huismans, Pripovetke. Beograd: Rad, 1960, стр. 136.