Панде Јаревски
Панде Јаревски (роден на 24 април 1922 година во Буково) — илустратор и еден од основачите на македонската современа карикатура[1].
Животопис
уредиПанде Јаревски е роден на 24 април 1922 година во село Буково, Битолско, во земјоделско-печалбарско семејство. Основно и средно училиште завршува во Битола каде и матурирал во 1940 година. Учесник е во НОБ. По ослободувањето ја посетувал - Париската дописна школа за цртање и илустрирање. Првите новински карикатури ги објавил во весникот „Единство“ од Скопје каде бил ангажиран како професионален карикатурист - илустратор во 1950 година. Од 1950 година бил избран за член на редакцијата на списанието „Остен“. Од 1953 година е редовен карикатурист и илустратор во весникот „Нова Македонија“. Свои карикатури објавувал и во: „Народна задруга“, подоцна „Трибина“, „Вечер“, „Трудбеник“, „Стопански весник“, „Млад борец“[2].
Творештво
уредиПокрај бројните карикатури објавувани најчесто во весникот „Нова Македонија“и списанието „ Остен“ се занимавал и со илустрации на книги за деца а за „Просветно дело“ илустрира и поголем број учебници за основните училишта, кои биле издадени и печатени на македонски, албански и турски јазик.
Во 1976 година го објавил зборникот на карикатури „Длабоко орање – тематски цртан хумор за село“, во кој биле ретроспективно собрани и публикувани неговите карикатури. Реализирал повеќе изложби на карикатури особено во Галријата „Остен“, како и учествувал во традиционалната „Светска галерија на карикатури“ во Скопје.
Автор е и на еден од првите македонски стрипови објавен по ослободувањето - „Чорбаџи Вангел прислушкуе“ од 1946 година, објавен во весникот „Единство“. Создал и серија на цртани филмови за деца под наслов „ПРИКАЗНИ ОД ДЕДОВОТО ЛУЛЕ“ според мотиви од Марко Цепенков, прикажувани на Македонската телевизија во 70-те години.
Награди
уреди- Спомен-плакета за долгогодишна соработка во издавачката дејност, издавачкото претпријатие „Просветно дело“,
- Награда „13 Ноември“ на град Скопје за публицистичка дејност од областа на „Новинската карикатура“
Публикации
уреди- „Итар Пејо- Македонски хумористични приказни“ од Стале Попов - илустрации[3].
- Илустрации за книгоиздателството „Македонска книга“ од Скопје
- „Немирни години“ - (романизирана повест за царот Самоил)“ - од Драган Ташковски - изработка на илустрации
- „Карпош - македонскиот селски крал“ (Романизирана повест за Карпошовото востание) - Драган Ташковски - изработка на илустрации
- „Детски раскази“ - Владимир Назор - изработка на илустрации
- „Гриваревите деца “ - Франц Бевк - илустрации
- „Басни“ - Крилов - изработка на илустрации
- „Првите цутови“ од Борис Бојаџиски - изработка на илустрации
- „Македонски народни приказни“ - изработка на илустрации
- „Вели Јоже“ - Владимир Назор - изработка на илустрации
- „Волшебното самарче“ - Ванчо Николески - изработка на илустрации
- „Ајдучка легенда“ - Карел Чапек - изработка на илустрации
- „Црвениот гусар“ - Џемс Фенимор Купер - изработка на илустрации
- „Барон Минхаузен“ - Готфрид Аугуст Биргер - изработка на илустрации
- „Деца јунаци“ - Македонски јуначки народни песни - изработка на илустрации
- „Раскази за деца“ – Марко Цепенков - изработка на илустрации
- Десет сликовници за деца од Марко Цепенков - изработка на илустрации