Мице Јанкуловски
Мицко Мице Јанкуловски (Сливово, Охридско, 2 јуни 1954) — македонски сликар, аниматор и карикатурист. За својата творечка дејност добитник е на повеќе награди, меѓу кои: наградата „Ел Греко“ за најдобар уметник на Арт Тесалоники 2019, високата награда за животно остварување за сликарство „Лоренцо Ил Мањифико“ (Лоренцо Величествениот) на 12. Меѓународно биенале на современа уметност Фиренца во 2019 г.,[1] Италија, наградата Уметник на светот на Ларнака Биенале 2018, Кипар и др. Живее и работи во Скопје, како директор на „Остен“ и претседател на Здружениерто на карикатуристите на Македонија (ЗКМ).
Мице Јанкуловски | |
---|---|
Мице Јанкуловски во Национална галерија на Македонија, декември 2018 | |
Роден(а) | 2 јуни 1954 Сливово, Охридско |
Националност | Македонец |
Занимање | сликар и карикатурист |
Личен Живот
уредиМице Јанкуловски е роден на 2 јуни 1954 година во Сливово, Охридско, во семејството на Стеван Јанкуловски. Кога Јанкуловски имал само два месеци, неговиот татко заминува за Скопје, каде веднаш добил работа во Железницата како свртничар. Таму останал да работи, подоцна и како стјуард на спална кола на релација Атина-Минхен,се до своето пензионирање. Семејството, а особено таткото на Јанкуловски бил значајна поддршка за младиот уметник, исто така и неговиот вујко кој го охрабрувал и му носел сликарски материјали.
Своето детство го поминал во населбата Ѓорче Петров, која во периодот пред скопскиот земјотрес од 1963 година било мало место со мал број жители, издвоено од градот Скопје. Тука го завршил основното образование, а и средно училиште завршил во локалната гимназија „Кочо Рацин“. Подоцна се запишал и на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде дипломирал во 1980 г. Меѓу професорите важел за врвен цртач, а особено кај професорот Петар Мазев и неговите асистенти, како и кај истакнатите уметници од поновата генерација како што се Душан Перчинков, Ана Темкова и Симон Шемов.
Во 1968 година, кога имал само 14 години во додатокот „Колибри“ на весникот Нова Македонија се објавени неговите први илустрации, за кои го добил и својот прв авторски хонорар. Тоа било голем поттик за младиот Јанкуловски да продолжи интензивно да се занимава со цртање. Непосредно потоа, тој започнува со сликарството, на панели со маслена боја, и од тој период потекнуваат повеќе слики во жанровите мртва природа и пејзажи, со наслови кои го откриваат мотивот: „Куќата во Сливово“, „Куќата во Ѓорче Петров“, „Грне на фотелја“, „Чајник“, но не се зачувани.
Ликовна уметност
уредиФорма 1 (1969-2016)
уредиПрвиот сериозен обид на Јанкуловски во сликарството е на 15-годишна возраст со сликата „Создавање“ (1969), а потоа и „Првиот круг“ (1969), изработени во техника масло на платно. Со овие сликикои се состојат од кругови со органски форми започнува неговата прва и најдолга творечка фаза со органски форми во неорганизирани системи, подоцна наречена „Форма 1”.
Форма 2 (1988-2016)
уредиВо следните серии на слики насловени „Форма 2”, Јанкуловски приоѓа одблиску кон неговите форми, со зумирање ги растура формите, оставајќи како визуелен траг на сликите само минимални криви и лаковидни форми обоени во две бои.
Форма 3 (2011-денес)
уредиПочнувајќи од 2011 година, во најновите дела, сериите наречени „Форма 3”, тој работи само со црна боја која е нанесена на површината на платното во дебел слој, притоа користејќи посебни алатки за да направи геометриски форми, линии или различни растери на неговата површина. Неговата цел со ова е да создаде ефект кој реагира на промената на насоката на светлината, овозможувајќи му на набљудувачот различни искуства додека се движи пред делата. Мице Јанкуловски ја враќа аналогната релација кон уметноста со тоа што го покажува начинот на сликање кој се открива од страна на гледачот со одење околу просторот каде се изложени сликите.[2]
Сатирично сликарство и карикатура
уредиОд 1972 година, Јанкуловски редовно учествува на Светската галерија на карикатура со свои карикатури и сатирични цртежи. Во 1975 година тој ја има својата прва самостојна изложба во Дом на Младите „25 мај“ во Скопје, по препорака на ликовниот уметник Владимир Георгиевски, кој е автор и на освртот за истата изложба. За оваа изложба на која Јанкуловски се претставува со серија сатирични цртежи, Георгиевски вели: „Очигледно талентиран, духовит со дарба на одлична перцепција, Јанкуловски го прескокнува периодот на младешка наивност и за кусо време создава сопствен стил, архитектонски прецизен, едноставен и разбирлив цртеж“. Во 2015 година во Галеријата Остен во Скопје е одржана самостојна изложба на која се претставени неговите сатирични слики изработени во техниката масло на стакло, создадени во текот на 1980-тите години.
Групата КИКС
уредиМице Јанкуловски е еден од најистакнатите членови на групата од втората генерација карикатуристи и сатиричари кои се дел од Групата „КИКС“, со бројни претставувања во земјата и странство , како и со редовна застапеност во подлистокот на весникот, но и посебни публикации во издание на НИО Студентски збор.
Омаж на Блаже Конески
уредиМице Јанкуловски, на 19 декември 1990 година ги завршил 19-те портрети на великанот на македонската книжевност Блаже Конески. Оваа специјална серија го претставува ликот на Конески од еден до друг профил. Сликите се насликани со масло на стакло.
Филмографија
уредиАнимиран филм
уредиЈанкуловски се занимавал и со цртан филм и во 1978 година дебитирал во Вардар филм со анимираниот филм „Повлечи – потегни“.[3]
Документарни филмови
уредиВо текот на две децении, помеѓу 1985 и 2005 година, Јанкуловски работел како автор и режисер на документарните серии за уметност и култура во продукција на МТВ: „Самоуки уметници од Македонија“ (серија од десет ТВ портрети на уметници), „Самоуки уметници во Југославија“ (серија од десет ТВ портрети на уметници, „Археологијата во Македонија“ (два документарни филма), „Форум на Филмска Младина“ (серија од дванаесет документарни филмови).
Изложби и признанија
уредиЈанкуловски има над четириесет самостојни изложби во престижни места низ Македонија, како и на меѓународната сцена, меѓу кои: Арт Тесалоники (Солун, Грција), Биенале Фиренца,[4] Остен павилјон во палатата Ка‘ Занарди, Венеција (Италија), Градската галерија во Ларнака (Кипар), Галерија Лола Николау во Солун (Грција), Градската галерија во Варна (Бугарија), Архиви дела Мизерикордија, Венеција (Италија), Музејот „Девлет Ресим Хукел“ во Анкара (Турција), Југословенскиот културен центар во Париз (Франција) и др.
Наградата „Ел Греко за најдобар уметник“ ја добил на Арт Тесалоники 2019 година, наградата Лоренцо Ил Мањифико ја добил во рамките на 12-то Биенале Фиренца 2019 за извонредни постигнувања во текот на неговата животна посветеност кон уметноста, и повеќе од 10 награди и признанија кои веќе ги има добиено во текот на неговата 50-годишна уметничка кариера. Меѓу нив се: наградата „Уметник на светот” на Биеналето Ларнака во Кипар (2018), Гран При на 19-то Меѓународно биенале за графика во Варна, Бугарија (2017 година), каде што исто така ја освоил наградата за најдобра изложба на годината (2016) и почесната плакета од Министерството за култура на Бугарија (2012). Претходно, му било доделено Гран при на Светската галерија на карикатури Скопје (1997), Посебна награда на Светската галерија на карикатури, Прва награда од Здружението на карикатуристи на Македонија, Повелбата за ликовни уметности од Арбитражна заедница на Македонија и Наградата 13 Ноември од Град Скопје (1985) и Посебна награда на Светската галерија на карикатури во Скопје (1979).[5]
Покрај тоа, тој има придонесено за развојот на визуелните уметности во светот преку неговата посветеност како основач на Остен Музејот на цртеж[6], претседател на Остен Биеналето на цртеж[7] и претседател на Здружението на карикатуристи од Македонија.
Во 2022 г. Јанкуловски ја добил наградата „11 Октомври“ за придонеси кон културата и уметноста[8]
Наводи
уреди- ↑ Мице Јанкуловски добитник на престижната награда „лоренцо ил мањифико“
- ↑ https://denesmagazin.mk/izlozhba-formi-vo-tsrno-na-mitse-jankulovski-vo-muzej-kukata-na-robevtsi-ohrid/
- ↑ https://www.imdb.com/title/tt0362037/
- ↑ Објава во Независен.мк
- ↑ Изложба на сатирични слики на стакло
- ↑ „ОСТЕН Музејот на цртеж“. Архивирано од изворникот на 6 јуни 2019. Посетено на 18 мај 2019.
- ↑ „ОСТЕН Биеналето на цртеж“. Архивирано од изворникот на 2019-12-06. Посетено на 2019-05-18.
- ↑ „НАГРАДАТА „11 ОКТОМВРИ" ЗА МЕТОДИ ЧЕПРЕГАНОВ, ЛИНДИТА АХМЕТИ, ТОМИСЛАВ ОСМАНЛИ И МИЦЕ ЈАНКУЛОВСКИ“. СДК. 28.09.2022. Посетено на 28 септември 2022. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help)
Надворешни врски
уреди- Мрежно место
- Јанкуловски: Дишам нормално откако почнав да сликам само со црна боја - интервју за Радио Слободна Европа