Роберт Кох
Роберт Кох (11 декември 1843 – 27 мај 1910) — германски лекар. Неговото значење за развитокот на медицината, науката и човековото знаење воопшто се состои во следното:
- изолирањето на Bacillus anthracis (1877)
- изолирање на бацилот на туберкулозата (1882)
- изолирање на Vibrio cholerae (1883)
- развојот на Коховите постулати
Роберт Кох | |
---|---|
Роден(а) | 11 декември 1843 |
Починал(а) | 27 мај 1910 | (возр. 66)
Полиња | Микробиологија |
Познат по | Кохови постулати Изолација на бактериите кои предизвикуваат антракс, туберкулоза и колера |
Поважни награди | Нобелова награда за физиологија или медицина (1905) |
Потпис |
Роберт Кох ја добил Нобеловата награда за физиологија или медицина за неговата работа за откривањето на причинителот на болеста туберкулоза во 1905. Се смета за еден од основачите на бактериологијата, која е гранка на микробиологијата.
Животопис
уредиХајнрих Херман Роберт Кох е роден во Клаустал, Германија. Студирал медицина на Универзитетот во Гетинген, кај професорот Фридрих Густав Јакоб Хенле. Дипломирал во 1866 година. Потоа зел учество во Франко-Пруската војна. Работејќи со многу ограничени ресурси, тој станал еден од основачите на бактериологијата, заедно со Луј Пастер.
Кох го истражувал антраксот. Измислил методи за отстранување на бацилот од крвните примероци и методи за растење на чисти култури. Тој открил дека надвор од домаќинот антраксот градел трајни ендоспори. Овие ендоспори, паднати на почва, биле причина за необјаснетите “спонтани” наезди од антракс. Кох ги публикувал своите откритија во 1876 и бил награден со работа во Империјалната Здравствена Канцеларија во Берлин во 1880. Во 1881, тој ја забрзал постапката на стерилизација на хируршките инструменти користејќи топлина.
Во Берлин, тој ги подобрил методите на боење и пурификација, бактериските медиуми за растење (вклучувајќи и агарни плочки), како и Петриевите садови, именувани по неговиот асистент Јулиус Рихард Петри. Овие направи се користат и денес. Со помош на овие техники тој ја открил бактеријата која ја предизвикува туберкулозата (Mycobacterium tuberculosis) во 1882. Туберкулозата била причина за една од седум смртни случаи во средината на 19 век.
Во 1883, Кох работел со француски истражувачки тим во Александрија, Египет, проучувајќи ја колерата. Кох ја идентификувал вибрио-бактеријата која ја предизвикува оваа болест, иако не успеал да ја докаже во експериментите. Претходно оваа бактерија била изолирана од италијанскиот анатом Филипо Пачини во 1854, но неговиот труд бил игнориран поради предоминантноста на мијазма теоријата на заразите. Кох не знаел за откритието на Пачини и создал независно откритие. Меѓутоа, во 1965, бактеријата била формално преименувана како Vibrio cholera Pacini 1854.
Во 1885 Кох станал професор по хигиена на Универзитетот во Берлин, а подоцна, во 1891, директор на новоформираниот Институт за инфективни заболувања, од која позиција отстапил во 1904. Започнал да патува околу светот, проучувајќи ги болестите во Јужна Африка, Индија и Јава (Индонезија).
Многу важни се Коховите постулати, кои велат дека за да се утврди дали еден организам е причинител на зараза, тој мора:
- да се најде кај сите испитани пациенти
- да биде подготвен и одржуван во чиста култура
- да биде способен за продукција на оригиналната инфекција во култура, дури и по неколку генерации
- да може да се повлече од вакцинирано животно и да може да се постави во култура повторно.
По успехот на Кох, квалитетот на неговите натамошни истражувања опаѓал (посебно по фијаското со неговиот неефикасен лек туберкулин), иако неговите ученици ги откриле организмите одговорни за дифтеријата, тифусот, пневмонијата, гонорејата, ’рбетномозочниот менингитис, лепрата, тетанусот и сифилисот користејќи ги неговите методи. Роберт Кох починал на 27 мај 1910 како резултат на инфаркт во Баден-Баден на 66 годишна возраст.
Коховиот кратер на Месечината е именуван по него. Наградата на Роберт Кох и Медалот на Кох се создадени во чест на микробиолозите кои прават исклучителни откритија или на оние кои придонесуваат за светското здравје на уникатен начин. Првиот негерманец кој го добил овој медал бил професорот Бил Хачинсон од Универзитетот Стратклид во Глазгов, Шкотска.