Грегоријански календар
Грегоријански календар — календар кој денеска се користи во Европа, поранешните европски колонии како и поголемиот дел од светот. Тој е изменета верзија на јулијанскиот календар, и првпат бил предложен од неаполскиот доктор Алојзиј Лилиј, а бил прифатен со декрет на папата Григориј XIII, по кого е и наречен.
Кога стапил на сила во 1582 година, биле избришани 10 дена од сончевата година. Така последен ден од јулијанскиот календар бил 4 октомври 1582, а прв ден од грегоријанскиот календар бил 15 октомври 1582 година. Во Македонија стапил на сила дури во 1919 година (вид. подолу).
Месеци во годината
уредиГодината во грегоријанскиот календар е поделена на 12 месеци:
Бр. | Име | Денови |
---|---|---|
1 | јануари | 31 |
2 | февруари | 28 или 29 |
3 | март | 31 |
4 | април | 30 |
5 | мај | 31 |
6 | јуни | 30 |
7 | јули | 31 |
8 | август | 31 |
9 | септември | 30 |
10 | октомври | 31 |
11 | ноември | 30 |
12 | декември | 31 |
Лесен начин да се запамти колку дена има даден месец е да се стиснат двете раце во тупаници и да се доближат една со друга кај палците. Потоа се бројат коските и вдлабнатините меѓу прстите. Почнувајќи, од коската на малиот прст на левата рака, се набројуваат месеците од јануари. Броејќи коска, вдлабнатина, коска, вдлабнатина сè до декември. Коските претставуваат месеци со 31 ден, вдлабнатините претставуваат месеци со 30 дена (со исклучок на февруари).
Седмици и денови
уредиГрегоријанскиот календар е сончев календар, зависи од вртењето на Земјата околу Сонцето. Според грегоријанскиот календар секоја година има 365,2425 дена, секој ден 24 часа, секој час 60 минути, секоја минута 60 секунди.
Период од седум дена се нарекува седмица. Деновите од седмицата се:
Бр. | Име |
---|---|
1 | понеделник |
2 | вторник |
3 | среда |
4 | четврток |
5 | петок |
6 | сабота |
7 | недела |
Усвојување на државно ниво
уредиВо прво време, бидејќи папата нема световна власт освен во папската држава (Ватикан), грегоријанскиот календар важел само за Римокатоличката црква. Во текот на првите децении по воведувањето прво го прифатиле државите во кои католичкото христијанство било официјална религија, додека протестантските држави и заедници го игнорирале или одбивале. Повеќето земји од Западна Европа, нивните колонии и државите кои произлегле од нив го имале прифатено календарот до средината на XVII век. Јапонија го прифатила во 1873 година, Кореја во 1895 г., а Кина во 1912 г. Во Советскиот Сојуз е прифатен во 1918 година, а последна европска земја што го прифатила била Грција во 1923 г.
Во Македонија
уредиВо Македонија грегоријанскиот календар на државно почнал да важи на 28 јануари 1919 г. според реформата во целото Кралство СХС.[1] Ова се однесува само на Вардарска Македонија. Во Пиринска Македонија во состав на Бугарија промената е направена на 14 април 1916 г., а во Егејска дури на 1 март 1923 г. кога е спроведена во цела Грција.[2]
Македонскиот црковен календар до денес останува непроменет и се води по јулијанскиот.
Прифаќање од другите христијански цркви
уредиНаспроти граѓанските прифаќања, ниту една православна црква го нема признаено грегоријанскиот календар за црковни или религиозни намени. Наместо тоа, во мај 1923 година била предложена нова верзија на јулијанскиот календар, кој испуштил 13 дена во 1923 година и вовел поинаква престапна година. До 2003 година овој и грегоријанскиот календар нема да се разликуваат. Ревидираниот јулијански календар го прифатиле Цариградската патријаршија, Грчката православна црква од Александрија, Грчката православна црква од Антиохија, како и националните православни цркви на Грција, Кипар, Романија и Бугарија. До 2800 година овие новокалендарски цркви ќе го прославуваат Божиќ на 25 декември според грегоријанскиот календар, на ист ден како западните цркви.
Ерменската апостолска црква го прифатила грегоријанскиот календар во 1923 година, со исклучок на Ерменскиот патријахат од Ерусалим, којшто сè уште го користи јулијанскиот календар.[3][4]
Грчката православна црква на Ерусалим, Руската, Српската, Македонската, Полската православна црква, грузиските православна и апостолска црква, како и грчките старокалендарци го немаат прифатено ревидираниот јулијански календар и продолжуваат да го прославуваат Божиќ на 25 декември според јулијанскиот календар, кој до 2100 година ќе се паѓа на 7 јануари. Одбивањето да се прифатат грегоријанските реформи исто така влијае на различното пресметување на датумот за Велигден кај овие цркви.
Од сите други источни цркви, православните Коптска, Етиопска, Еритрејска и Сириска продолжуваат да ги користат своите стари календари кои се засноваат на јулијанскиот, додека кога Асирската црква го прифатила грегоријанскиот календар во неа се случила шизма и од неа се одделила Старовремската асирска црква.
За разлика од другите источни цркви, Финската православна црква го прославува Велигден според грегоријанскиот календар.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Закон о изједначењу старог и новог календара.
- ↑ Über die Abbildung der Zeit durch Kalender (PDF), стр. 5
- ↑ The Armenian Church | Christmas Архивирано на 1 февруари 2010 г. (c. 2010). Diocese of the Armenian Church of America (Eastern).
- ↑ Ardem A. Tajerian (n.d.). When Is Easter This Year? Архивирано на 11 март 2012 г. CAKE Foundation. Retrieved 7 January 2009.