Климатски промени во Македонија
Климатските промени во Македонија доведуваат до долгорочни влијанија врз земјоделството во Македонија, поинтензивни топли бранови и студени бранови, почести поплави и намалена достапност на вода. Дебатите за тоа како да се решат овие долгорочни предизвици предизвикани од климатските промени, исто така, предизвикале промени во енергетскиот сектор и во стратегиите за ублажување. Климатскиот индекс на „Џерманвоч“ ја ставил Македонија на 8 место во светот според степенот на загрозеност од климатските промени во 2016 година, додека во 2015 година била на 18 место[1]. Високото рангирање на Македонија во однос на ризиците се должи на два настани кои се случиле во 2016 година. Првиот бил извонредно студената зима која ја зафатила Источна Европа и која имала влијание и врз земјата, со температури кои неретко паѓале и под 20 степени. Вториот настан се катастрофалните поплави кои зафатиле делови од Скопје. Република Македонија ја ратификувала Рамковната конвенција на ОН за климатски промени УНФЦЦЦ (UNFCCC) во декември 1997 година и Протоколот од Кјото во 2004 година. Одговарајќи на обврските од потпишувањето на Рамковната конвенција како земја којашто не припаѓа во групата земји од Анекс I, беа изготвени и доставени Првиот национален извештај за климатски промени во 2003 година и Вториот национален извештај во 2008 година. Подготовката на Третиот национален извештај започнало во април 2012 година. Во претходните национални извештаи, инвентарите биле подготвени за периодот 1990 - 2002 година, со примена на методот ниво 1 (наједноставниот метод) за повеќето сектори. Методологиите од ниво (тиер) 2 биле делумно применети во енергетскиот сектор, одговорен за над 70% од емисиите. Инвентарот за периодот 2003 - 2009 бил завршен со користење на методологија пропишана во 1996 година[2].
Република Македонија го потпишала Парискиот договор во 2015 година и на 7 ноември 2017 го ратификувала без ниту еден глас против. Во согласност со Парискиот договор, земјата ги доставила соодветните национални придонеси за климатските промени (INDC) како дваесет и трета земја во светот, според Одлуката на Владата бр. 42-17/91 од 28 јули 2015 година.Министерството за животна средина и просторно планирање е назначено за националнo тело за контакт за Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC) и е назначен национален орган за спроведување на Протоколот од Кјото. Други министерства кои имаат одговорности во однос на климатските промени се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски, Министерството за здравство и Министерството за финансии. Канцеларијата на заменик-премиерот за економски прашања е одговорна за постигнување на целите за одржлив развој и исто така е национален назначен субјект за Зелениот климатски фонд. Канцеларијата на заменик-премиерот за економски прашања исто така го поддржува спроведувањето на проектите во земјата кои се поврзани со клима и енергија[3].
Вовед
уредиМакедонија, како страна која не припаѓа во Анекс 1 на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC), уште од 2000 година развива Инвентар на антропогени емисии (по извори) и отстранувања (по понори) на стакленички гасови, кои се емитирани во или отстранети од атмосферата. Инвентарот се развива како дел од Националните планови за климатски промени и Двогодишните извештаи. До UNFCCC биле поднесени три Национални планови (во 2003, 2008 и 2014 година) и Првиот двогодишен извештај (во 2015 година)[4].
Првиот Национален инвентар на стакленички гасови бил развиен во рамките на Првиот национален план за климатски промени (FNC) за периодот 1990–1998 година, а во рамките на Вториот национален план за климатски промени (SNC), се направило ревизија на инвентарот за овој период и негово проширување од 1999 до 2002 година. Во Третиот национален план (TNC), инвентарот на стакленички гасови го опфати периодот од 2003–2009 година. Временската серија од инвентарот била проширена за периодот 2009 – 2012[2].
Процесот на изработка на Национален инвентар на стакленички гасови ги вклучува следните клучни субјекти:
- Министерство за животна средина и просторно планирање
- Тим за развој на инвентар на стакленички гасови, составен од тим од ИЦЕОР- МАНУ и надворешни секторски експерти чија одговорност е развивање на инвентар на стакленички гасови за четири различни сектори (Енергетика, Индустриски процеси и користење на производи, Земјоделство, шумарство и други употреби на земјиштето и Отпад) и пресметка на претходници и индиректни емисии;
- Снабдувачи/Извори на податоци, од кои Државниот завод за статистика е најважниот извор на податоци;
- Тим за верификација, кој вклучува експерти кои прават контрола на квалитетот
Стакленички гасови
уредиИнвентарот на стакленички гасови бил подготвен во 2016 година. Согласно Упатствата од 2006, проценетите емисии и понори на стакленички гасови се поделени во следните пет сектори:
- Енергетика
- Индустриски процеси и користење на производи
- Отпад
- Други
Збирните емисии на стакленички гасови (нето емисии) во 2014 се проценува дека се 9.023 Gg CO2-eq (вклучувајќи ги и шумарството и другите употреби на земјиштето).
Сектор | 2003 | 2008 | 2012 | 2013 | 2014 |
---|---|---|---|---|---|
Енергетика | 8.887,7 | 9.026,7 | 9.450,6 | 8.419,4 | 7.957,5 |
Индустрија | 845,2 | 1.132,1 | 776,4 | 923,1 | 921,6 |
Земјоделство | 1.071,6 | 1.072,3 | 1.019,4 | 989,2 | 1.001,8 |
Шумарство | -3.757,9 | 1.351,0 | 1.914,8 | -1.837,0 | -3.181,1 |
Отпад | 1.550,7 | 1.765,5 | 2.146,8 | 2.226,1 | 2.323,4 |
Доколку не се земат предвид емисиите и понирањата од секторот Шумарство и други употреби на земјиштето, тогаш вкупните емисии на стакленички гасови во 2014 се проценуваат 12.204 Gg CO2-eq. Најголем удел имаат емисиите од секторот Енергетика, со 65,2% во 2014, а после тоа се секторот Отпад со 19% учество, секторот Земјоделство (без шумарство и други употреби на земјиштето) со 8,2% и секторот Индустриски процеси и користење на производи со 7,6%. Доминантното учество на емисиите од секторот Енергетика може да се забележи низ целата временска серија[4]. Анализирајќи ги емисиите по гасови (без секторот Шумарство и други употреби на земјиштето), може да се забележи дека низ целата серија преовладуваат емисиите на CO2. Нивното учество во 2014 изнесувало 69,3%, а потоа следат емисиите на CH4 со 25,6%, емисиите на N2O со 3,6% и сите гасови кои содржат флуор (F-гасови) со 1,5%[4].
Гас | 2003 | 2008 | 2012 | 2013 | 2014 |
---|---|---|---|---|---|
CO2 (со шумарство) | 5.554,5 | 10.832,4 | 11.766,2 | 7.097,0 | 5.272,7 |
CO2 (без шумарство) | 9.312,4 | 9.481,4 | 9.851,4 | 8.934,0 | 8.453,8 |
CH4 | 2.475,0 | 2.640,3 | 2.989,9 | 3.018,0 | 3.125,6 |
N2O | 424,6 | 484,7 | 449,2 | 439,0 | 441,5 |
HFCs | 89,8 | 390,1 | 96,7 | 165,2 | 183,5 |
PFCs | 53,4 | 0,2 | 6,0 | 1,4 | 0,0 |
Енергетика
уредиЕнергетскиот сектор во Македонија главно се заснова на фосилни горива. Нивниот удел во вкупните потреби на енергија изнесувал 86% во 2003 година, но се намалил на 81% и 79% во 2013 и 2014 година. Истовремено, енергијата произведена од обновливи извори на енергија останува на константни 11% од вкупното производство на енергија. Останатиот дел од вкупните потреби на енергија се покрива преку увоз на електрична енергија, кој се зголемил од 3% во 2003 година до 10% во 2014 година. Од друга страна, вкупните потреби на енергија во 2014 (2.628 ktoe) се намалиле за 3% споредено со потребите во 2003 и 2013 година (2.710 ktoe). Најголеми потреби на енергија се забележани во 2008 година, 3.012 ktoe.
Најдоминантно гориво во Македонија е јагленот, кој изнесува околу 50% од вкупните потреби на енергија, по кој следат суровата нафта и нафтените продукти со 33%. Во 2014 година, потребите на јаглен (главно лигнит) изнесувале околу 41% (1.074 ktoe), додека потребите на нафтени производи биле 34% (900 ktoe) од вкупните потреби на енергија[4]. Електричната енергија заедно со биомасата се многу важни енергенти за Македонија, особено како домашни ресурси. Во 2014 година, електричната енергија достапна за финална енергетска потрошувачка изнесувала 6.730 GWh (578,5 ktoe). Инсталираниот капацитет за производство на електрична енергија главно се состои од термоелектрани, со удел од 69% во 2003 година и 47% во 2014 година. Потоа следуваат хидроелектраните со 31% во 2003 година и 36% во 2014 година. Технологиите како фотонапонски, ветерните електрани и термоелектрани-топлани (те-то) исто така го зголемуваат својот удел, а во 2014 година тој изнесува 1%, 2% и 14% во вкупниот инсталиран капацитет[4].
Електричната енергија главно се произведува во термоелектрани, односно 68% во 2003 и 44% во 2014 година, а потоа следува производството од хидроелектрани кое изнесува 19% во 2003 и 15% во 2014 година. Иако 14% од инсталираниот капацитет во Македонија е од те-то, нивното производство во 2014 година изнесувало само 2%. Нето увозот на електрична енергија има значителен удел и изнесувал 37% во 2014 година[4].
Индустрија
уредиИндустриското производство во Македонија е намалено по периодот на економска транзиција од 90-тите години. Многу индустриски постројки во земјата го намалиле обемот на производство или целосно прекинале со работа. Сепак, постојат неколку индустрии каде што производството останало стабилно или се зголемило со текот на времето, и овие индустрии се дел од најголемите придонесувачи на емисии на стакленички гасови во секторот индустрија. Поголемиот дел од емисиите на стакленички гасови доаѓаат од минералната индустрија, односно од производството на цемент и од металната индустрија односно од производството на челик и феролегури. Остатокот на емисиите на стакленички во земјата доаѓаат од употреба на супститути на супстанциите кои ја осиромашуваат озонската обвивка (ODS) за ладење и климатизација. Сите вакви супстанции се увезени во земјата. Не постои индустриски погон за производство на ODS во Македонија, така што сите емисии од оваа категорија се резултат на полнење, користење или уништување на опремата која ги содржи овие гасови[4].
Нивото на вкупните емисии на стакленички гасови од овој сектор е генерално конзистентно во текот на целиот период од 1990-2014. Емисиите во 2013 година изнесуваат 923,1 Gg CO2-eq или 9,1%, а во 2014 година изнесува 921,6 Gg CO2-eq или 7,6% од емисиите на стакленички гасови (со исклучок на Шумарството и другата употреба на земјиштето). Емисиите од производствени индустрии генерално следат тренд на намалување, додека емисиите од користење на производите се зголемуваат со текот на разгледуваниот временски период[4].
Категории | 2003 | 2008 | 2012 | 2013 | 2014 |
---|---|---|---|---|---|
Индустриски процеси | 845,2 | 1.132,1 | 776,4 | 923,1 | 921,6 |
Минерална индустрија | 318,6 | 369,3 | 283,0 | 301,9 | 285,6 |
Производство на цемент | 299,6 | 357,3 | 266,6 | 284,9 | 267,9 |
Производство на вар | 5,5 | 0,0 | / | / | / |
Производство на стакло | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 |
Други процеси кои користат карбонат | 13,4 | 12,0 | 16,4 | 17,1 | 17,7 |
Керамика | 0,2 | 0,1 | 0,1 | 0,1 | 0,1 |
Друго користење на сода | 2,1 | 2,2 | 2,2 | 2,2 | 2,2 |
Останато | 11,2 | 9,7 | 14,1 | 14,7 | 15,3 |
Хемиска индустрија | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 |
Производство на сода бикарбонат | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 |
Метална индустрија | 436,8 | 372,7 | 396,7 | 455,9 | 452,5 |
Производство на железо и челик | 53,1 | 46,3 | 67,0 | 70,0 | 73,0 |
Производство на феролегури | 232,3 | 326,2 | 323,0 | 384,3 | 379,5 |
Производство на алуминиум | 59,5 | 0,2 | 6,7 | 1,6 | / |
Производство на олово | 7,1 | / | / | / | / |
Производство на цинк | 84,9 | / | / | / | / |
Неенергетски производи од горива | / | / | / | / | / |
Индустрија за електроника | / | / | / | / | / |
Користење на производи како замена за супстанции | 89,8 | 390,1 | 96,7 | 165,2 | 183,5 |
Уреди за разладување | 89,8 | 390,1 | 96,7 | 165,2 | 183,5 |
Фрижидери | 89,8 | 390,1 | 96,7 | 165,2 | 183,5 |
Отпад
уредиСекторот Отпад е втор најголем извор на стакленички гасови. Во 2013 година емисиите од овој сектор изнесувале 17,7%, а во 2014 година 19% од вкупните емисии во Македонија. Според Националниот план за управување со отпад (2009 – 2015), најголем дел од создадениот отпад се одлага на депонии за цврст отпад. Депонијата „Дрисла“, која го опслужува регионот на Скопје, со околу 590.000 жители, е единствената депонија со дозвола во Македонија и релативно добро стопанисува. На комуналните депонии или дивите депонии во руралните области, отпадот едноставно се истура од страна на комуналните претпријатија, без оперативни трошоци, со исклучок на одредени придружни трошоци и трошоците за повремената потрошувачка на вода за гаснење на појавените пожари на депониите. Постојат околу 54 активни комунални депонии што ги користат комуналните претпријатија и за нив е препознаена потреба од подобрување на практиките за управување со отпадот. Од друга страна, постојат околу 320 нелегални депонии кои според законот треба да бидат затворени.
Емисиите на стакленички гасови од секторот Отпад следат растечки тренд. Во 2014 година тие биле за 8,2% повисоки во однос на 2012 година, а за 49,8% повисоки во однос на 2003 година. Најдоминантни се емисиите од Депонии за цврст отпад кои просечно изнесуваат околу 94,4% од вкупните емисии на секторот Отпад[4].
Име | 2003 | 2008 | 2012 | 2013 | 2014 |
---|---|---|---|---|---|
Отпад | 1.550,7 | 1.765,5 | 2.146,8 | 2.226,1 | 2.323,4 |
Депонии за цврст отпад | 1.428,3 | 1.652,7 | 2.023,6 | 2.101,8 | 2.193,0 |
Биолошки третман на цврст отпад | 0 | 0 | 0,3 | 0,2 | 0,8 |
Согорување и отворено горење на отпадот | 12,5 | 22,4 | 36,2 | 37,1 | 31,6 |
Третман и испуштање на отпадни води | 109,9 | 90,4 | 86,7 | 87,0 | 98,1 |
Емисиите на метан сочинуваат 97,6% во вкупните емисии во секторот за Отпад во 2014 година. Притоа, категоријата Депонии за цврст отпад е најдоминантниот извор на емисии на стакленички гасови и учествува со 96,8% во вкупните емисии на метан. Емисиите на CO2 во Македонија од секторот Отпад настануваат само како резултат на отворено горење на отпадот и се 0,4% од емисиите на секторот. Во периодот од 2012 до 2014 година, просечните емисии на N2O изнесувале околу 47,7 Gg CO2-eq.
Прилагодување
уредиПроменливост на климата
уредиКлиматските елементи како: температурата на воздухот, врнежите, снегот и снежната покривка, сончевите денови, облачноста и маглата се анализирани за да се дефинираат климатските одлики и да се направи климатска валоризација на територијата на Република Македонија. Врз основа на добиените резултати, периодот 1971-2000 година на годишно ниво е потопол отколку периодот 1961-1990 година во речиси сите климатски области на територијата на земјата, додека средните месечни температури варираат во текот на годината. Зимските и летните месеци во последниот триесетгодишен период се потопли во споредба со претходниот период. Наспроти тоа, есенските и пролетните месеци се постудени отколку претходниот триесетгодишен период. Највисоките вредности на средните годишни отстапувања на температурата на воздухот во земјата се регистрирани во регионот со субмедитеранска клима (Валандово 0,7 C, Гевгелија 0,5 C и Нов Дојран 0,2 C).
Најтопла година забележана на територијата на Република Македонија за периодот 1971-2000 година е 1994 година. Во 2007 година, екстремно високи температури на воздухот биле забележани на 24 јули, и тоа 45,7 C во Демир Капија, 45,3 C во Гевгелија и 43,4 C во Скопје-Зајчев Рид. Годишното количество на врнежи за 1971-2000 година е намалено во споредба со годишното количество на врнежи за 1961-1990 година во сите метеоролошки станици во земјата. Поголеми негативни износи на разликите на врнежите на годишно ниво се забележани за метеоролошките станици Прилеп -35,0 mm, Гевгелија -32,4 mm, Охрид -36,0 mm, Лазарополе -38,5 mm. Постои зголемување на средниот број денови со снег за периодот 1971-2000 година за метеоролошките станици во Струмица, Битола, Гевгелија, Крива Паланка, и.т.н[5].
Променливост по сектори
уредиЗемјоделство
уредиЗемјоделството опфаќало 14% од БДП во 2006 година. Покрај тоа, од вкупното работоспособно население, 14% се ангажирани во земјоделството, а 43% од населението живее во руралните области. Земјоделскиот сектор се издвојува како еден од најважните сектори во македонското стопанство, особено поради неговото значење за социјалната сигурност и намалувањето на сиромаштијата.
Анализата за влијанијата на климатските промени врз секторот „земјоделство“ е извршена за: температурата (просечната температура и сумата на активни температури), времетраењето на растителноста, врнежите (сумата на вкупните врнежи), потенцијалната евапотранспирација, дефицитот на вода, индексот на суша според Де Мартон и дождовниот фактор според Ланг. Студијата за земјоделството дополнително ги анализира трите најзагрозени потсектори: земјоделските култури, почвите и сточарството.
Согласно со резултатите од климатските сценарија до 2100 година, идентификувани се најчувствителните земјоделски зони. Најранлива земјоделска зона е регионот Повардарие, особено областа на устието на реките Црна и Брегалница. Културите коишто доминираат во чувствителните региони се дефинирани како чувствителни култури. Најчуствителни култури се вВиновата лоза, доматот, земјата, зимската пченица, јаболкото, луцерката[5]. Како мерки за прилагодување се ппрепорачуваат: примена на органски ѓубрива, подобрување на почвената структура, плодоред и оставање на површините неколку години без да се обработуваат итн.
Сточарство
уредиСточарството, во поширока смисла, е под директно и индиректно влијание на климатските промени. Директното влијание од зголемувањето на температурите ќе го зголеми и топлотниот стрес кај домашните животни, што ќе ја намали продуктивноста на домашните животни, особено кај модерните високо продуктивни раси, во споредба со локалните раси. Индиректното влијание произлегува од проектираното намалување на фуражното производство, како и појавата на болести. Недостигот на локално произведена сточна храна се очекува да го намали сточарското производство во земјата.
За да се минимизираат ефектите на топлинскиот стрес, може да се применат три стратегии: физичка модификација на условите на средината; генетички развој на раси толерантни на топлина; и подобро управување со исхраната на домашните животни. Неопходно е спроведување мерки за:
- одредување на регионите поволни за посебни видови и типови сточарско производство, во согласност со расположливите − технологии и култури.
- идентификација и воведување раси отпорни на климатски промени и на тропски болести
- воведување специјална сточарска и технолошка практика, со специфичен режим на исхрана
- обновување или развој на нови и попрецизни норми и регулативи коишто треба да се применат во производството на храна
- поддршка на истражувачки програми кои се однесуваат на одржување на генетичките ресурси
- дисеминација на резултати и подигнување на јавната свест[5].
Биолошка разновидност
уредиЗемајќи го предвид зоналниот карактер на биолошката разновидност во Република Македонија, глобалните климатски промени на регионално ниво можат да влијаат преку промени на температурата и врнежите во различни зони. Како загрозени видови се сметаат вкупно 79 видови габи и лишаи, 74 видови алги, 392 виши растенија и 113 ‘рбетници.
Влијанието на климатски промени врз биолошката разновидност е дополнение на многу други антропогени фактори - изградба на патишта, железници, хидроакумулациски системи, далноводи, антенски системи, индустриски објекти, проширување или напуштање на земјоделски површини, водозафати, неконтролирана експлоатација на шуми, исушување на блата. Зафатите на води (извори, потоци и реки), имаат зголемено синергетско влијание на водните екосистеми со идните климатски промени, доведувајќи до загрозување, дури и исчезнување, на планинските мочуришта. Имајќи ги предвид резултатите од сценаријата за изразит пораст на температурата во алпските и субалпските предели, може да се очекува губење на алпскиот појас, што во случајот на Пелистер, според проценките, ќе се случи за околу 50 години. Алпските пасишта, карпестите станишта, растителноста што се развива на камењари, точила и карпи се распространети само на највисоките делови од планинските врвови и зафаќаат многу мал простор (само 0,5% од територијата на земјата). Вертикалното придвижување на овие заедници наметнато од порастот на температурите ќе биде спречено заради препреки што произлегуваат од релјефните особености, еколошките побарувања и особено од расположливиот простор. Само северните падини ќе можат да понудат соодветни еколошки услови, додека вистинските алпски зони на планините во Република Македонија потполно ќе исчезнат.
Некои од најприоритетните мерки за прилагодување се следниве:
- сочувување на последните остатоци од крајречните заедници (Periploca, Salicetum albae-fragilis, Juglando-Platanetum и други) во Вардарската Долина за да им се овозможи да ги преживеат очекуваните периодични поплави, со оглед на предвидувањата за поголеми снежни врнежи на планините.
- изработка на карти на дистрибуција на главните типови на eкосистеми, карти на биомите и мапирање на стаништата и вегетативните − типови за прецизна инвентаризација на биоразновидноста во Македонија и имплементација на мерките за адаптација.
- развој на задоволителна мрежа на метеоролошки станици за да се овозможи прецизна детерминација на климатските услови и микроклиматско ниво, што претставува почетна точка за моделирање на идните промени.
- јакнење на човечките ресурси, што че овозможи имплементација на гореспоменатите мерки за прилагодување и следење[5].
Шумарство
уредиВкупната површина под шумско земјиште во Македонија изнесува 11.596 km2 (1.159.600 ha), од кои 947.653 ha се шуми. Вкупната дрвна маса e 74.343.000 m3 додека вкупниот годишен прираст изнесува 1.830.000 m3, со просечен годишен прираст од 2,02 m3 по хектар.
Некои од главните закани и проблеми во управувањето и стопанисувањето со шумите се:
- бесправната сеча
- влијанието на климатски промени преку зголемен процес на одумирање на одделни делови од крошната и цели стебла
- штетите од инсекти и болести.
Меѓу најважните и одлучувачки фактори коишто влијаат на шумските пожари, се временските услови, поточно климатските одлики на регионот, кои предизвикуваат брзо и лесно запалување на сувиот горлив материјал. Во периодот 1999-2005 година, во земјата се регистрирани вкупно 1191 пожари, со опожарена површина од 59,500 хектари и вкупна штета од преку 28 милиони eвра. Најголем штети се настани во 2000 година, кога опожарената површина изнесувала 46.000 хектари, а штетата била проценета на близу 10 милиони eвра. Во текот на летото 2007 година имало голем број шумски пожари, кои силно влијаеле врз шумите и другата вегетација со опожарена површина од над 34.000 хектари. Еден од факторите за нивна појава и брзо ширење биле временските услови, односно исклучителниот топлотен бран и eкстремно високите температури на воздухот, придружени со продолжен сушен период. Штетите предизвикани од шумските пожари во 2007 година, директните и индиректните, ја достигнале сумата од околу 21 милион eвра или околу 75% од вкупните штети во периодот 1999-2005 година.
Предложените мерки за прилагодување се темелат врз претходните искуства со влијанието на климатските промени врз шумарството и очекуваните сценарија за климатски промени. Приоритети се:
- стопанисувањето на шумите да се прилагоди на климатските промени, преку воведување методи за планирање на работа во − шумарството во услови на климатски промени, подигање на соодветни шумски култури, подобрување на составот на шумите (природни и вештачки шуми) со домородни видови дрвја, отпорни на климатските промени.
- Зајакнување на превентивните и подготвителните мерки кои ги минимизираат ризиците од појава на пожари и придонесуваат за − поголема подготвеност и eфикасност при нивното гаснење.
- Воспоставување надзор и места за посматрање во најчувствителните и eкономски важните шуми. Тоа че им овозможи на Владата − и на шумските стопанства да имаат посистематски и долгорочен пристап кон одржливите (eкономски и eколошки) начини на управување со шумите[5].
Здравство
уредиКлиматските промени имаат комплексни влијанија врз здравјето на луѓето. Директните влијанија опфаќаат болести и состојби со можен смртоносен исход, поврзани со промени на температурата; здравствени влијанија предизвикани од eкстремни временски услови (поплави, суши и невремиња) и eфекти од аерозагадувањето. Другите, индиректни влијанија влијаат врз дистрибуцијата на болести поврзани со водата за пиење и храната, или болести кои се пренесуваат преку вектори и зоонози, или здравствени состојби како резултат на недостаток на храна и вода. Полот, возраста и типот на личноста се непроменливи фактори во eтиологијата на кардиоваскуларните болести. Многу фактори на ризик често пати имаат влијание врз здравствениот интегритет на поединецот, иако некои од нив, како генетичките фактори, полот, возраста и вродените мани, не влијаат. Лицата со кардиоваскуларни болести се мошне зависни од надворешната температура. Може да се очекува проектираните температурни зголемувања да предизвикаат повисока смртност. Во спроведените истражувања за утврдување на влијанието на надворешната температура врз смртноста во Скопје и Република Македонија се забележува дека средната вредност на вкупната смртност e највисока во постудениот период на годината и тоа за 7% во однос на средната вредност на вкупната смртност и 13 % во однос на средната вредност на вкупната смртност во потоплиот период на годината. Најчести причини за смртноста во постудениот дел на годината се кардиоваскуларните, цереброваскуларните, циркулаторните и респираторните заболувања. При анализата, жените покажаа поголема зимска смртност во однос на мажите.
Многу од влијанијата на климатските промени, вклучувајќи ги и влијанијата врз здравјето, би можеле да се намалат или избегнат доколу се направат одредени прилагодувња. Примарна цел на адаптацијата e да се намали товарот на болести, повреди, инвалидност, страдање и смртност. Важни механизми за превенција на болестите коишто потекнуваат од водата и храната се следењето, микробиолошката процена на ризикот, комуникацијата и управувањето со ризикот. Бројот на случаи на салмонелоза би можел да се намали со контрола и надзор на целиот синџир на исхрана[5].
Туризам
уредиКултурното наследство, во комбинација со прекрасните пејсажи, ја прават Македонија потенцијално привлечна,. Со повече од 1000 цркви и манастири и над 4200 археолошки наоѓалишта, Македонија има потенцијал да биде во самиот врв на листата на културниот туризам во Европа.
Планинскиот и eзерскиот туризам се најатрактивни во земјата и носат најголеми приходи. Од друга страна, тие дестинации се сметаат за посебно чувствителни на климатските промени, бидејќи се природни туристички дестинации и сите туристички активности на отворено директно зависат од климатските услови. Езерскиот туризам e атрактивен, главно, во летната сезона. Најпопуларните дестинации на природните eзера се сместени во западниот дел на земјата (Охридско и Преспанско Езеро). Летната сезона би можела да се продолжи како резултат на порастот на температурата на воздухот, што може да биде од полза за туризмот, имајќи предвид дека овие места го генерираат најголемиот приход од туризмот. сепак, треба да се имаат предвид потребите за вода на туристите, кои се најголеми во сливот на Црн Дрим.
Поголемата потрошувачка на вода, че наметне потреба за обезбедување нови извори на вода за пиење и изградба на нови системи за отпадните води и од домаќинствата и од индустријата, особено во туристичките дестинации. Неизбежно че порасне и потрошувачката на eнергија, поради неопходната потреба од разладување на туристичките капацитети, наметната од зголемените температури. Дојранското Езеро, кое претрпело загуби на вода како резултат и на антропогени и на климатски фактори, e најзагрозено. се очекува зголеменото времетраење на највисоките вредности и топлотните бранови да има негативно влијание и врз квалитетот на водата[5].
Наводи
уреди- ↑ www.dw.com/mk - Климатски промени: Македонија осма најзагрозена држава во светот
- ↑ 2,0 2,1 Наташа Марковска, Eмилија Попоска, Eлена Гаврилова, Игор Ристовски; Национален инвентар на стакленички гасови - РЕЗИМЕ, CIP - Каталогизација во публикација Национална и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски”, Скопје, стр. 5.
- ↑ „Национални придонеси кон климатските придонеси“. Посетено на 29 април 2021.[мртва врска]
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 4,8 Министерство за животна средина и просторно планирање; извештај за националниот инвентар за стакленички гасови, Скопје 2017 година.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 Втор национален план за климатски промени, CIP - Каталогизација во публикација Национална и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски”, Скопје, 2008 година.