Драмски аматерски фестивал

Драмски аматерски фестивал (скратено ДАФ) — годишна театарска манифестација на која настапувааат најдобрите аматерски театри и театарски групи од Македонија. Домаќин на фестивалот е Кочани.

Драмски аматерски фестивал
- ДАФ
Лого на Драмскиот аматерски фестивал
Центарот за култура “Бели мугри“ (♣
Датум2011
Почнувапоследна седмица на мај
Зачестеностгодишно
ЛокацијаКочани, Македонија
Првпат1 - 10 декември 1961
Последен пат28 мај - 2 јуни 2012
Учесници15 театарски групи
Жанрдрамски
ПоддржувачОпштина Кочани, Министерство за култура
Мрежно место
http://www.dafkocani.com
♣) Вообичаено претставите се играат на сцената на ЦК “Бели мугри“, иако не ретко се изведувани и на други локации во градот и околината

Историја

уреди

Фестивалот своите почетоци ги имал во 1961 година, кога од 1 - 10 декември во Работничкиот дом во Скопје се одржала Првата аматерска театарска ревија. Нејзин домаќин бил Клубот на љубителите на театарот,а на таа прва ревија настапиле пет театарски групи од Скопје, Делчево, Пробиштип, Охрид и Гостивар.

Следната, втора по ред, Ревија на аматерските драмски ансамбли се одржала од 24 - 28 ноември 1963 година во Штип и на неа настапиле 12 тетарски групи. Домаќин на третата, четвртата и петтата Ревија повторно бил Штип, и истите се одржале во 1965, 1967 и 1969 година. Од 9 - 16 мај 1970 година Битола била домаќин на шестата ревија што оттогаш го добива називот Републичка аматерска драмска смотра (РАДС). Истиот град ги пречекал најдобрите драмски аматери од Македонија и во 1971 и 1972 година, а потоа домаќин на РАДС во 1973 и 1974 година била Струмица. Домаќин на XII РАДС од 15 - 22 мај 1976 година бил Велес, а веќе од наредната 1977 година манифестацијата се сели во Кочани.

Со организирањето на XIII РАДС, Кочани станува постојан домаќин на Смотрата, сè до денес. Во меѓувреме, во периодот од 1992 - 2000 година РАДС е преименувана во Фестивал на аматерските и алтернативни театри (ФААТ), а од 2000 г. до денес го носи називот Драмски аматерски фестивал (ДАФ).

Во изминатите 50 години (1961-2011) на одржување на Фестивалот, биле прикажани 703 драмски претстави со впечатлива бројка од 8.179 актери, артисти, режисери, сценографи, суфлери, инспициенти, светло и тон мајстори, менаџери и водачи на театарски аматерски ансамбли. Во периодот од 1977 до 2010 година, кога домаќин е Кочани, на Фестивалот просечно годишно биле одиграни 14 претстави, со по 178 глумци.

Одржување

уреди

Драмскиот аматерски фестивал вообичаено се одржува секоја година во последната недела од месец мај и трае 5 фестивалски денови[1], со по две до три претстави дневно. Право на учество имаат аматерски театри, драмски секции, студија, експериментални сцени и други форми на самостојно сценско изразување и организирање на територијата на Република Македонија, како и странски аматерски театарски ансамбли.

Концепција

уреди

На ДАФ се прикажуваат дела, драмски текстови од домашни и странски автори, а изборот на драмскиот материјал е слободен, односно самостојно го определуваат аматерските театри. При подготвувањето на драмскиот проект може да се ангажираат и консултираат стручни лица. Во театарските претстави не можат да настапат професионални артисти вработени во драмски куќи во земјата и странство.

 
Плакатот на 47. Драмски аматерски фестивал

Во 1991 година, за првпат по повеќедецениско постоење на оваа театарска манифестација, бил формиран Совет на РАДС кој за задача си поставил осмислување на физиономијата на манифестацијата, имајќи предвид дека по осамостојувањето на Македонија драмскиот аматеризам доживеал силен развој, а во меѓувреме се појавиле и нови форми на театарскиот израз.

Имајќи предвид дека со години наназад на РАДС главно се појавувале три вида претстави: оние што се создавани од деца или се наменети за деца, потоа оние што ги продуцираат најразлични аматерски состави и најнакрај, алтернативниот односно експериментелниот театар. Токму затоа, се формирале три програмски сегменти во рамките на РАДС, односно ФААТ:[2]

  • театар за деца и младинци,
  • драмски аматерски театар,
  • алтернативен театар

Со оглед на тоа дека со развитокот на театарскиот израз постепено се губи границата меѓу обичниот и алтернативниот театар, во 2000 година ФААТ го добива сегашниот назив - Драмски аматерски фестивал. Со тоа се потенцира важноста на драмската игра, а не на нејзината форма, при што ДАФ ја задржува програмата за деца во дневните термини, и вообичаената, драмска програма во вечерните термини.

Во склоп на манифестацијата, а со цел таа да стане порепрезентативна и повпечатлива, низ годините се одржувале и придружни активности поврзани со театарот и драмското творештво, како: изложби, омажи, натпревари во уметничко говорење текст (рецитаторство), експериментални сцени, театарски работилници и слично.

Фестивалот има натпреварувачки карактер, при што за најдобрите се доделуваат награди: за целосно драмско остварување Гран - при наградата „Васил Ќортошев“, потоа наградата за најдобра режија, главна машка и женска улога, епизодна машка и женска улога и награда за истражување во драмскиот аматеризам.

Учесниците на ДАФ ги селектира селектор, а наградите ги одредува жири комисија. Со фестивалот управува Управен одбор и Извршен комитет, а подготовките се доверени на Извршен директор и Организационен одбор.

Развој

уреди

Организациониот одбор на ДАФ размислува за проширување на рамките на опфатот на фестивалот, па во изминатите неколку години на него гостуваат и театарски групи од балканските и европските земји[3][4]. Со тоа тој добива и меѓународен карактер. Според пропозициите, на фестивалот можат да настапат најмногу три театарски ансамбли од странство.

ДАФ 2011

уреди

На Драмскиот аматерски фестивал 2011 беа прикажани 13 претстави, од кои 10 од Република Македонија, и по една од Република Србија, Полска и Австралија.

 
Сцена од претставата “Хамлет од Долна Бошава“ на Домот на културата од Кавадарци

Жири комисијата во состав: Јелена Јованова – претседател, Борче Начев и Петар Арсовски – членови, донесе одлука специјално признание да му се додели на Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј (Австралија) за особен придонес во негувањето на македонскиот јазик и култура. Специјално признание ѝ беше доделено и на Кристина Атанасова-Арсова за негување на детската сцена и театар во Кочани.

За најдобра детска претстава е прогласена претставата „Магионичарот“ во режија на Владимир Јовановски, а во изведба на Драмското студио при НУ ЦК „Иљо Антевски-Смок“ од Тетово. Ангела Стојанова ја доби наградата за најдобра епизодна женска улога во претставата „Клетници“ за улогите на Госпоѓа Тенардие, Бабата и Работничката, додека за најдобра машка епизодна улога наградата му припадна на Никола Наковски, за улогата на Инспектор Жавер во претставата „Клетници“.

Наградата за најдобра женска улога ѝ припадна на Марија Лукаревска за улогата Естел во претставата „Соба 666“, а за најдобра машка улога на Диме Коцевски, за улогата на Богдан Прчот во претставата „Хамлет од Долна Бошава“ на Домот на културата од Кавадарци.

Наградата за најдобра режија му беше доделена на Мартин Манев за претставата „Клетници“.

Наградата ГРАН ПРИ за најдобра претстава во целина на 47. издание на „ДАФ – Кочани 2011“ ѝ припадна на претставата „Клетници“ во режија на Мартин Манев, а во изведба на Младинскиот театар „Арт А“ при Центарот за Култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово[5].[6]

ДАФ 2012

уреди
 
Плакатот на ДАФ 2012

На 48. Драмски аматерски фестивал што се одржа од 28 мај до 2 јуни во Кочани, беа прикажани вкупно 15 театарски претстави, од кои 13 од Република Македонија и по една на театрите од Нова Горица, Република Словенија и од Пивнице, Република Србија.

Жири комисијата на ДАФ 2012, во состав Изабела Новотни, Благој Веселинов и Драгана Лукан Николоски, одлучи наградата ГРАН ПРИ на 48. Драмски аматерски фестивал на Македонија да ја добие претставата “Оркестар Титаник“ по текст на Христо Бојчев, режија на Кристина Атанасова-Арсова, а во изведба на аматерскиот театар НУ ЦК “Бели Мугри“ - Кочани.[7]

Наградата за најдобра епизодна машка улога добива Петар Цветкоски за улогата на Сречко во претставата „Чекајќи го Годо“ според текст на Семјуел Бекет, во режија на м-р Благица Хаџи-Јовановска, а во изведба на Драмската секција при ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ од Охрид.

Наградата за најдобра женска епизодна улога ја доби Ангела Димеска за улогата на ќерката во претставата „Крајот на светот каков што го знаеме“ во режија на Андреј Богатиновски, а во изведба на Младинското драмско студио Театар „Чин 4, сцена 5“ при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. Наградата за најдобра машка главна улога ја доби Јован Кмечко за монодрамата „Не ќе ја напишам“ во режија на Катерина Мишикова, а во изведба на Аматерскиот театар „Јанко Чеман“ од Пивнице, Република Србија.

Жири комисијата наградата за најдобра женска главна улога и ја додели на Ана Атанасова за улогата на Љупка во претставата „Оркестар Титаник“ по текст на Христо Бојчев, режија на Кристина Атанасова-Арсова, на аматерскиот театар НУ ЦК “Бели Мугри“ - Кочани, а наградата за најдобра режија на Мојца Мадон за претставата „Друштво стари браќа“ во изведба на „Уметничката гимназија Нова Горица“, насока за драма и гледачи од Република Словенија.

Со оглед што на фестивалот не се појави претстава која што би можела да конкурира за наградата за претстава што внесува истражување во нови сценски изразни средства, иновации и екисперимент во аматерскиот театар, жири комисијата, со согласност на управниот одбор, одлучи наградата да биде заменета, односно беше именувана како награда за колективна глумечка игра. Оваа награда ја доби претставата „Кревет“ во режија на Катерина Весковска Доковска и Татјана Алексиќ, изведена од учениците од СОУ „Раде Јовчевски Корчагин“ – Скопје, Р.Ј.К. Музички Театар.

Наводи

уреди
  1. Драмски аматерски фестивал - Кочани 2002, Дванаесет претстави во пет фестивалски дена[мртва врска], Утрински весник, бр. 872, понеделник, 16 октомври 2006
  2. Александар Алексиев: ЉУБОВ ЗА ЉУБОВ, прилог кон проучувањето на аматерските и алтернативните театри во Македонија по повод 30-годишниот јубилеј на ФААТ, Кочани, 1994 г.
  3. Алтернативни театри од други континенти доаѓаат во Кочани, Дневник, 29.01.2007 г.
  4. Драмскиот аматеризам слави половина век постоење[мртва врска], Нова Македонија, број 22205, сабота 12.2.2011
  5. Гран при наградата на 47-от ДАФ за кумановските аматери Архивирано на 5 март 2016 г., Македонска радио-телевизија
  6. „Претставата „Клетници" добитник на Гран При“. Архивирано од изворникот на 2011-06-20. Посетено на 2011-06-05.
  7. „Доделени наградите на годинешниот ДАФ во Кочани“. Архивирано од изворникот на 2012-06-05. Посетено на 2012-06-03.