Дедебалци

село во Општина Могила

Дедебалци — село во областа Пелагонија, во Општина Могила, во околината на градот Битола.

Дедебалци

Панорама на селото

Дедебалци во рамките на Македонија
Дедебалци
Местоположба на Дедебалци во Македонија
Дедебалци на карта

Карта

Координати 41°07′00″N 21°29′05″E / 41.11667° СГШ; 21.48472° ИГД / 41.11667; 21.48472
Регион  Пелагониски
Општина  Могила
Област Пелагонија
Население 220 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7212
Повик. бр. 047
Шифра на КО 02035
Надм. вис. 588 м
Дедебалци на општинската карта

Атарот на Дедебалци во рамките на општината
Дедебалци на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Селската чешма во Дедебалци

Селото се наоѓа во Пелагонија, во средишниот дел на Битолското Поле, во јужниот дел на територијата на Општина Могила.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 592 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 24 километри.[2]

Ова е полско село, североисточно од градот Битола. Соседни села се Далбеговци, Радобор и Трап.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Еленчица, Стари Лозја, Бања, Грашишта, Бањски Ливади, Росулица, Белутраци, Папрас, Плоча, Дупен Камен, Пајчина Дупка, Бењоски Порој, Рогувчица, Коњарски Ливади, Шипо, Рупка, Клисури, Тврди Град, Широка Падина, Расје, Црвеница, Горни Чаир, Метилајца, Слатина, Круша, Потка, Браненица, Демирица, Арапски Гробишта, Коњарево и Бањево.[3]

Селото има збиен тип и е поделено на две маала: Горно и Долно.[3]

Историја

уреди

Месностите Коњарево и Бањево се наоѓаат кон селото Црничани, во подножјето на возвишението Тврди Град. Таму сега се ливади и ниви. Биле пронаоѓани материјали и гробови.[3]

Традицијата наведува дека во минатото постоела голема населба на местото на денешното село. Од таа населба останале гробиштата, сега наречени Арапски Гробишта. Таа месноста сега се користи како пасишта, но уште може да се забележат забодени камења, кои мештаните во минатото ги користеле како градежен материјал.[3]

Денешното село, пак, не е многу старо. Го основале доселенички родови во текот на XIX век. Најголемиот број на родови се доселиле во текот на турското владение.[3]

Во XIX век, Дедебалци било село во Битолската каза на Отоманското Царство.

Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[4]

Стопанство

уреди

Атарот зафаќа простор од 13 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 939,1 хектар, на пасиштата отпаѓаат 203,8 хектари, додека шуми нема. Селото има исклучително полјоделска функција.[2]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948420—    
1953523+24.5%
1961561+7.3%
1971509−9.3%
1981474−6.9%
ГодинаНас.±%
1991454−4.2%
1994322−29.1%
2002288−10.6%
2021220−23.6%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Дедебалци живееле 250 жители, од кои 200 Македонци и 50 Турци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Дедебалци имало 240 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Дедебалци се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 20 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[8]

Дедебалци е средно село по големина, но со намалување на бројот на жители. Во 1961 година броело 561 жител, а во 1994 година бројот се намалил на 322 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Дедебалци живееле 288 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 220 жители, од кои 211 Македонци, 1 Србин, 1 останат и 7 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 250 240 420 523 561 509 474 454 322 288 220
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

уреди

Дедебалци е македонско православно село, сите родови во селото се доселени.[3]

Според истражувањата од 1956 година, родови во селото

  • Доселеници: Љаковци или Доктуровци (9 к.), доселени се од Бучин кај Крушево. Таму живееле тројца браќа. Тие еднаш отепале Турчин и затоа се иселиле. Еден брат (Степан) дошол овде. Го знаат следното родословие: Петре (жив на 33 г. во 1956 година) Анѓеле-Илија-Аце-Коте-Степан), вториот брат се населил во Алинци (родот Измировци), а третиот во Добрушево (родот Таировци); Измировци (2 к.), деленици од Љаковци; Бодловци (6 к.), доселени се од некое село во Мариово, од каде дошол некој Бодло. Го знаат следното родословие: Димитрија (жив на 61 г. во 1951 година) Стојко-Ристе-Боше-Бодло кој се доселил, тогаш е основано денешното село; Емишковци (2 к.), гранка се од Бодловци; Курцовци (2 к.), и тие се доселени од Мариово; Зоњовци (10 к.), потекнуваат од предокот Петко, кој терал нешто по патот Прилеп-Солун, тогаш на поминување го запознал селото и останал во него, некои велат дека Петко бил по потекло од Бугарија; Багашовци (11 к.) од Будаково прешле во Добрушево, па од таму во Дедебалци; Секуловци (1 к.), доселени се однекаде; Ќосевци (6 к.), доселени се од Црничани; Гаштевци (2 к.), доселени однекаде; Домузовци (3 к.), доселени се од Долно Агларци, а таму биле доселени од Кајлари, Егејска Македонија; Пижаровци (1 к.), доселени се од прилепското село Вранче; Манаровци (2 к.), доселени се од Радобор; Чурлиновци (4 к.), и тие се доселени од Радобор; Будаковци (3 к.), доселени се 1925 година од селото Будаково; Беличани (3 к.), доселени се од селото Белица во Кичевско во 1936 година; Чифлигани (1 к.), доселени се 1936 година од Ношпал; Кочовци (1 к.), доселени се од Смилево, Железник; Тренга (1 к.), доселени се 1943 година од Путурус, таму припаѓале на Белевци; Куклата (1 к.), доселени се од Горно Агларци, таму припаѓале на родот Станчевци доселен од Преспа; Илинци (4 к.) и Илинци (5 к.), првите се доселени од селото Големо Илино, а вторите од Мало Илино во 1945/46 година.

Општествени установи

уреди
 
Поштата во селото

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Могила, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната рурална општина Добрушево.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.

Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Тополчани.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Будаково, во која селото Дедебалци, се наоѓале и селата Алинци, Арматуш, Будаково, Горно Чарлија, Далбеговци, Добрушево, Долна Чарлија, Мусинци, Ношпал, Путурус, Радобор, Трап и Црничани. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на истоимената општина, во која влегувале селата Арматуш, Дедебалци, Далбеговци, Горно Агларци, Долно Агларци и Црничани.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0214 според Државната изборна комисија, сместено во основното училиште.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 211 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 205 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Воскресение Христово“
Археолошки наоѓалишта[18]
  • Лудеј — населба и некропола од доцноантичко време;
  • Тумба — населба од неолитско време;
  • Градиште — населба и некропола од римско време;
  • Арматуш — населба од доцноантичко време;
  • Широка Падина — населба од доцноантичко време;
  • Шупуро — населба од доцноантичко време; и
  • Ритче — населба од доцноантичко време.
Цркви[19]

Редовни настани

уреди
  • Велигден — селска слава[20]

Личности

уреди
Родени во Дедебалци

Иселеништво

уреди

Се знае за следниве иселеници: Головодовци (6 к.) и Волканови (2 к.), кои живеат во Долно Агларци; Чекутковци (2 к.), живеат во Логоварди; Шутаковци (2 к.), живеат во Алинци и Мицевци (4 к.), живеат во Стрежево.[3]

Бројот на иселеници е над 200 лица. Најголем дел заминале во градовите Скопје, Битола и Демир Хисар, но и во прекуокеанските земји и Европа.[20]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 93. Посетено на 14 октомври 2019.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  4. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 237.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 166-167.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 12.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 14 октомври 2019.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 15 октомври 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-10-07. Посетено на 15 октомври 2019.
  17. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 17 октомври 2021.
  18. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. 20,0 20,1 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2020-06-29. Посетено на 2019-10-15.
  21. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди