Горан Тренчовски
Горан Тренчовски (роден на 24 април 1970 во Струмица) — македонски режисер и писател.[1]
Горан Тренчовски | ||
Роден | 24 април 1970 Струмица, Македонија | |
---|---|---|
Познат | по режијата на: Словенски Орфеј Вампирџија Златна петорка Игра и спас | |
Занимање | режисер и писател |
Животопис
уредиДоцент д-р Горан Тренчовски е роден на 24.4.1970 година, во Струмица. Дипломирал режија на Академијата за уметност во Нови Сад во класата на проф. д-р Боро Драшковиќ. По завршувањето на студиите, непосредно по распадот на СФРЈ, станaл еден од најмладите и најплодни режисери во Југоисточна Европа и на Балканот, како и првиот струмичанец - професионален режисер со диплома за високо академско образование. Бил на стручна специјализација во Прага и посетувал постдипломски студии на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што ја одбранил магистерската теза „Кинестетичните раскази на Солев и Чинго: низ филмските адаптации на Русомир Богдановски“. Одбранил докторска дисертација за односите помеѓу литературата и филмот, под наслов: „Интермедијалните верификации на романите Црвениот коњ од Ташко Георгиевски и Нежниот варвар од Бохумил Храбал“. Во својот уметнички опус Тренчовски има режирано во сите драмски медиуми. Режирал во МНТ, Драмски театар, Турскиот театар (Türk Tiyatrosu - Üsküp), театрите во Битола, Штип, Прилеп, Велес, Струмица. Потписник е на 100-тина професионални креативни уметнички проекти. Објавил над 300 текстови во печатот и периодиката (Млад борец, То јест, Нова Македонија, Современост, Сум, Акт, Премин, Наше писмо, Кинопис, Сцена, Театарски гласник, Денес, Македоника, Медиантроп), а во Македонската радио-телевизија режирал над 500 ТВ-емисии од најразлични програмски жанрови [серии, документарци, докудрами, радиодрами]. Преку своите режии овозможил претставувања на Адамов, Ајсхил, Арабал, Бекет, Бихнер, Виткаци, Ибзен, Јонеско, Плавт, Хавел, како и на драми или сценарија од Андоновски, Гарванлиева, Коцевски, Манчев, Маџунков, Мирчевска, Насев, Плавевски, Стефановиќ, Ташковски, Чашуле, Чернодрински и др. Неговите кусометражни и среднометражни филмови се освежување во третманот на урбаната и на новомитската балканска иконографија [Клошари и плакати, Мултилевел, Езерската земја на Никола К., Андер, Духот на татко ми, Игра и спас...]. Ја режирал првата македонска урбана играна серија Бумбари, документарецот Верувам во Македонија префрлен на 35 мм, како и Вампирџија – прв македонски игран ТВ-филм снимен на дигитална техника. Повеќето претстави му се инвентивни парафрази на европската драматика на апсурдот [Крајот на играта, Звучни слики, Словенски Орфеј, Часови по злостор, Луна прима, Либрето Вагнер, Адска машина, Од првиот здив, Питачка опера, Духот на лименката, Суво дрво од Вавилон, Крајот на кралот, Партáле, Кабинетот на проф. Тарана...]. Автор е на седум книги есеи на македонски и една на англиски јазик. Неговите проекти се изведувани и прикажувани во Австралија, Велика Британија, Европа, Индија, Канада, Русија, САД, Турција. Работел и како драматург во Народниот театар „Антон Панов“, координатор на Академската театарска лабораторија, раководител на сектор по режија во националната телевизија, селектор на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, уредник и супервизор на списанија, менаџер и меѓународен културен активист. Има плодно искуство и како продуцент, организатор и издавач. Заедно со сопругата Софија Тренчовска е основоположник на меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“, а ја иницирал и Тивериополската филмска алијанса. Учествува на манифестации, симпозиуми, конференции и научни собири, членува во меѓународни стручни жирија. Држи предавања и мастеркласови од областа на филмот, театарот и интермедијалноста. На Универзитетот за аудиовизуелни уметности - Европска филмска, театарска и танцова академија ЕФТА – Скопје ги предавал предметите Режија, Историја и теорија на режијата, Анализа на филмско дело и Театрологија. Тој ја воведува и промовира "поетиката на (де)тронизација". Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2010. Член на Европската филмска академија и Британската асоцијација за компаративна литература. За неговите режии и проекти повеќепати е високо оценуван, вреднуван и наградуван од домашната и меѓународната јавност, како и од стручната критика. Последни проекти во режија на Горан Тренчовски се долгометражниот игран филм Златна петорка кој го обиколи светот и претставата Идиот според Достоевски. Неговата последна книга на македонски Кинестетични наративи на мултидисциплинарен начин го препознава феноменот фи во граничните сфери на филмот, фикцијата и филологијата. Живее и работи во Велика Британија.
Творештво
уреди- Филмографија
- "Алтер варијации", 1987.
- "Временик", 1993.
- "Клошари и плакати", 1994.
- "Бумбари" (ТВ серија во 8 епизоди), 1994.
- "Јиржи Менцел и чешкиот филм", 1999.
- "Кречо", 2000.
- "Мултилевел", 2000.
- "Македонска емиграција", 2001.
- "Вампирџија (ТВ филм)", 2002.
- "Ден шести", 2002.
- "Клевета", 2002.
- "Чекор пред времето", 2003.
- "Андер", 2004.
- "Бајколенд", 2005.
- "Кандидати" (ТВ серија во 5 епизоди), 2006.
- "Езерската земја на Никола К.", 2006.
- "Мартин од скалите" (ТВ серија во 6 епизоди), 2006.
- "Adieus", 2007.
- "Верувам во Македонија" (за Борис Трајковски), 2007.[2]
- "Претседателот", 2009.
- "Духот на татко ми" (за Ристо Шишков), 2010.[3]
- "Игра и спас", 2013.[4]
- "Златна петорка", 2016.
- "Љубов и предавство" (сериски филм во 5 епизоди), 2017.
- Театрографија
- Крајот на играта, писател: Семјуел Бекет
- Звучни слики, Горан Тренчовски
- Водена кокошка, Станислав Виткијевич Виткаци
- Словенски Орфеј, Зоран Стефановиќ
- Часови по злостор, по мотиви на „Лекција“ од Ежен Јонеско
- Евмениди, Ајсхил
- Желките од Галапагос, Жанина Мирчевска
- Либрето Вагнер, Сашко Насев
- Адска машина, Венко Андоновски
- Luna Prima, Горан Тренчовски
- Од првиот здив, Данило Коцевски
- Леонс и Лена, Георг Бихнер
- Питачка опера, Вацлав Хавел
- Вон колосек, Томе Арсовски
- Елешник, Југослав Петровски
- Приказна за Филолахес и другите, по мотиви на „Мостеларија“ од Плавт
- Духот на лименката, Билјана Гарванлиева
- Зоолошка приказна, Едвард Олби
- Македонска емиграција, Војдан Чернодрински
- Тутунски споменар, Горан Тренчовски
- Крај на играта 2001, по мотиви на „Крајот на играта“ од Бекет
- Суво дрво од Вавилон, Петре Бакевски
- Големиот смок, Митко Маџунков
- Дом за птици, по антички и други мотиви
- Струмица 1918, по мотиви од Стојан Ковачев
- Тибурсио и Синфороса, Коле Чашуле
- Мрсна чуденка, Братислав Ташковски
- Крајот на кралот, Васе Манчев[5]
- Беше еднаш, Братислав Ташковски
- Партáле, по мотиви од Бекет
- Кабинетот на проф. Тарана, Артур Адамов
- Џон Габриел Боркман, Хенрик Ибзен
- Идиот, Фјодор Достоевски
- Книги
- Од питач до крал: режисерски белешки, Здружение на драмски уметници и љубители на театарот „Талија“, Скопје, 1995. ISBN 9989-9803-0-6
- Orbis Pictus: македонската филмска и ТВ-режија и други текстови, „Магор“, Скопје, 2001. ISBN 9989-851-49-2
- Поетика на (де)тронизацијата, „Тера Магика“, Скопје, 2004. ISBN 9989-905-35-5
- Pars Pro Toto: студија за краткиот филм и други текстови, „Улис“, Скопје, 2008. ISBN 978-9989-2699-4-3
- Кино неимар, „Македонска реч“, Скопје, 2011. ISBN 978-608-225-040-3[6]
- Кинестетични наративи, "ЕФТА", Скопје, 2018. ISBN 978-608-4555-18-6
- Тези и аскези', „Феникс“, Скопје, 2015. ISBN 978-9989-33-693-5
- Pit Kralsky - an artist of (de-) thronization : selected writings, TFA AF, Strumica, 2011. ISBN 978-608-4546-04-7 (13)
Награди и признанија
уреди- Авторска награда "Војдан Чернодрински" за современа драматизација и адаптација
- Награда за уметнички сценски израз во Стоби
- Гран при за ТВ филм на Сараевскиот филмски фестивал
- Награда за ТВ продукција во Москва
- Номинација за документарец во Вашингтон
- Специјална награда за документарец во Новогард
- Најдобра алтернативна претстава во Македонија
- "Св. 15 Тивериополски свештеномаченици" за долгогодишен придонес во филмот и театарот
- "Скрипт фест" за повеќегодишен успех во полето на филмската уметност
- Златен Грифон за најдобар странски филм во Перуџа
- Гран при за филм во ЈИЕ во Париз
- Најдобар Балкански дух во Поградец
- Најдобар странски игран филм во Мумбај
- Гран при (најдобар игран филм) во Њу Џерси
- Најдобар странски филм во Кардиф
Наводи
уреди- ↑ Горан Тренчовски — биографија, Проект Растко - Македонија, 11. 12. 2009.
- ↑ Рецензија за филмот "Верувам во Македонија", Утрински весник, Скопје, 25. 6. 2008.
- ↑ Рецензија за филмот "Духот на татко ми"
- ↑ Напис за филмот "Игра и спас"
- ↑ Гогов, Ацо. Рецензија за претставата "Крајот на кралот", Репер, Скопје, 2011.
- ↑ Насев, Сашко. Рецензија за книгата "Кино неимар, Премин, Скопје, 2012.
Литература
уреди- Стефановић, Зоран. "Племенитиот поход на Горан Тренчовски", осврт по повод 20-годишнината од творештвото, 4. 12. 2011. (српски)
- Стефановиќ Зоран. Уметникот е научник на метафизичкото: Режисерскиот метод на Горан Тренчовски како спознание на големиот притисок, 14. 1. 2012.
Надворешни врски
уреди- Горан Тренчовски на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- Горан Тренчовски — биографија на Проект Растко - Македонија (македонски)
- www.gorantrenchovski.com Архивирано на 4 октомври 2017 г. (официјално мрежно место)
- "Игра и спас" (англиски)
- "Духот на татко ми" (YouTube)
- "Златна петорка" (трејлер)
- Trenčovski, Goran. „A View Of The Macedonian Documentary Film“, Project Rastko - Macedonia, December 26, 2007. (англиски)