Златна петорка (филм)
Златна петорка — македонски филм од 2016 година, во режија на Горан Тренчовски, кој е еден од авторите на сценариото, заедно со Елеонора Венинова и Билјана Гарванлиева. Директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажата на Андрија Зафрановиќ заедно со Аристид Филактов, автори на музиката се Дарко Спасовски и Горан Керкез; сценографијата е на Кирил Спасески, костимографијата е дело на Нела Тодоровска; а шминката дело на Ирена Сенокозлиоска.
„Златна петорка“ | |
---|---|
Режисер | Горан Тренчовски |
Продуцент | Дејан Милошевски |
Главни улоги | Александар Ристоски Јана Стојановска Петар Арсовски Љупка Џундева Игор Ангелов Ненад Милосављевиќ Славко Штимац Билјана Танески Влатко Илиевски |
Жанр | драма, историја |
Музика | Дарко Спасовски и Горан Керкез |
Кинематографија | Апостол Трпески |
Монтажа | Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов |
Студио | „Револушн“ |
Премиера | 2016 |
Времетраење | 83 минути |
Земја | Македонија |
Јазик | |
Буџет | €300,000 |
Факти за филмот
уредиПред да започне снимањето на филмот, авторите го развивале сценариото дури две години при што биле напишани шест верзии. Непосредно пред премиерата на филмот починала една од сценаристките, Билјана Гарванлиева. Филмот бил снимен во октомври 2015 година, со финансиска поддршка од Агенцијата за филм, како и од општините Василево, Босилово и Струмица. Филмот конечно бил завршен во август 2016 година, а првата гала-проекција била во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Потоа филмот се прикажувал десет дена во Струмица, каде што го виделе околу 10.000 гледачи. Исто така, филмот имал светска премиера на фестивалот „Реинденс“ (Raindance) во Лондон, како и на фестивалите во Сиднеј, Торонто, Њу Џерси, Берлин, Париз, Њу Делхи, Перуџа, Санкт Петербург, Варна, Темишвар, Варшава, Кардиф, Брно, а на фестивалот во Кан продуцентот и режисерот го претставиле филмот пред филмските дистрибутери.[1] Филмот е селектиран на 25 фестивали и добил 10 награди, од кои 5 за најдобар филм. Се смета дека е најгледан македонски филм во последнава деценија и повеќе. Според статистиката, претходно тоа беа „Пред дождот“, “Бал-кан-кан“ и „Викенд на мртовци“. Од филмот произлезе играна серија во 5 епизоди под наслов „Љубов и предавство“.
Содржина
уредиМаки, Ката и Џиџи се пријатели кои веруваат во своите младешки идеали. Но откако Маки и Ката ќе ја објават својата свршувачка, кај Џиџи се раѓа љубомора. Во момент на слабост, тој ги клевети Маки и неговите другари. Набргу се случува неразјаснето убиство на петтeмина студенти, меѓу кои е и Маки. „Петорката“ е свирепо убиена од тајните комунистички служби. По 65 години, Алавантие, како сведок и истражувач, се враќа во родниот крај со досието „Златна петорка“. Неговите тајни и сознанија внесуваат дополнителен немир во брачниот живот на Ката и Џиџи. Во филмот провејува вистинитиот мотив за 5-темина струмички студенти мистериозно ликвидирани на 13 август 1951 година. Сценариото е делумно правено врз основа на романот „Расцепен ум“ на Братислав Ташковски.
Улоги
уреди- Славко Штимац (Ламариниќ),
- Јана Стојановска / Љупка Џундева (Ката)
- Игор Ангелов / Петар Арсовски (Џиџи)
- Васил Михаил / Ненад Милосављевиќ / Мето Јовановски (Алавантие)
- Александар Ристоски (Маки)
- Билјана Танески (Загариева)
- Дине Дрваров (Дедо Кољо)
- Стојан Велков - Трн (Монах)
Петте студенти ги играт: Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров и Виктор Јакимовски.
Надворешни врски
уреди- ↑ С. Прањиќ, „Ние сме генерацијата што ќе ја однесе Македонија во модерните филмски води“, Infinity, број 1, декември 2016, стр. 30-33.