Воислав Вујовиќ
Воислав Вујовиќ (1897 – 1936) — југословенски комунист, член на најтесното раководство на Комунистичката интернационала и секретар на Комунистичката младинска интернационала (КМИ) во периодот 1924-1926 година. Близок до Григориј Зиновјев, Вујовиќ од доцните 1920-ти паѓа во немилост кај советското раководство и во 1936 година е погубен како прв југословенски комунистички функционер-жртва на Сталиновите чистки.
Рани години
уредиВоислав Вујовиќ е роден во јануари 1897 година во Пожаревац. Со социјалистичките идеи се запознава уште во средното училиште, зачленувајќи се во Српската социјалдемократска партија веќе во 1912 година. Кога во 1914 година Австроунгарија ја напаѓа Србија, Вујовиќ преку Албанија, пребегнува во Франција. Во Франција водачот на српските социјалисти Душан Поповиќ го препорачува на водечките француски социјалисти, по што Вујовиќ, иако доста млад, почнува да гради успешна партиска кариера на левото крило од работничкото движење, кое станува сè покритичко кон политиката на десните социјалдемократи во однос на Првата светска војна, а потоа и кон Октомвриската револуција.
По завршетокот на Првата светска војна Вујовиќ се обидува да се врати во Југославија, но поради опасноста со која се соочуваат сите комунисти во тоа време, имено, да биде затворен поради својата комунистичка определба, тој не го продолжува својот пат од Виена за Југославија.
Во раководството на комунистичкото движење
уредиКариерата на Вујовиќ во комунистичкото движење во следните години бележи постојана нагорна линија. Тој игра забележителна улога во младинското комунистичко движење и во самата Коминтерна. Голем придонес за тоа има неговото делување за време на француската окупација на Рурската област во октомври 1923 година, каде е испратен за да агитира помеѓу француските војници и да им предочува дека окупацијата не е во согласност со интернационалистичката ориентација.
Учествува на основачкиот конгрес на КМИ што се одржува во Берлин во ноември 1919 година. На Вториот конгрес од 1921 година и на Третиот конгрес од 1922 година е биран во нејзиниот Извршен комитет, за на Четвртиот конгрес одржан во јули 1924 година да биде избран и за секретар на КМИ.
Истовремено, активен е и во работата на Коминтерната. Учествува на Вториот конгрес во јули-август 1920 година, како гостин и како дел од советска делегација, бидејќи од 1918 година тој е член на Руската комунистичка партија. Како гостин ќе присуствува и на Третиот конгрес на Коминтерната, одржан следната година, а првпат како официјален делегат ќе учествува на Четвртиот конгрес, во својство на претставник на Комунистичката младинска интернационала. Учествува и на Петтиот конгрес во 1924 година, повторно како дел од советската делегација. На овој конгрес, Вујовиќ, како претставник на ИК КМИ, е избран во Извршен комитет на Коминтерната.
Во опозиција
уредиПри судирот на Лав Троцки со останатиот дел од советското раководство Вујовиќ истапува против Троцки, но кога Јосиф Сталин го принудува и Зиновјев да премине во опозиција, Вујовиќ, кој со Зиновјев се знае уште од времето на Првата светска војна во Париз, застанува на негова страна. Непосредно по 14-от конгрес на СКП(б) од декември 1925 година, на кој е осудена новата опозиција на чело со Зиновјев, Вујовиќ се приближува до оваа опозиција и зазема истакнато место во неа.
Поради приклонувањето кон опозицијата, Вујовиќ доаѓа на удар од страна на Сталин-Бухариновата владејачка група во СКП(б). Првиот удар се случува на состанокот на Извршниот комитет на КМИ од 16 октомври 1926 година, кога е донесена одлука Вујовиќ да се ослободи од функцијата секретар на КМИ. При тоа, против него ќе истапи и претставникот на СКОЈ, неговиот роден брат Гргур Вујовиќ.
Клучна улога во падот на Вујовиќ ќе одигра неговото истапување против политиката на Сталин и Бухарин кон Кинеската револуција на седницата на Извршниот комитет на Коминтерната од мај 1927 година. Очекувано, имајќи го предвид односот на силите, тој нема да успее да ги убеди останатите членови на ова тело во правилноста на својата позиција, при што е донесена „Резолуција за истапувањето на Троцки и Вујовиќ“ со кои тие се осудуваат поради искажаните ставови. Притисокот врз Вујовиќ постојано расте. На 27 септември истата година, заедно со Троцки, е исклучен од Извршниот комитет на Коминтерната,[1] а веќе следниот ден Вујовиќ е исклучен и од СКП(б). Во декември е донесена одлука за негово прогонство, најпрво во Архангелск, а потоа во Саратов.
По двегодишно прогонство, Вујовиќ на 7 септември 1929 година, меѓу последните зиновјевисти, капитулира пред Сталин и на 4 април 1930 година повторно е примен за член на СКП(б). Но, прогонувањето на зиновјевистите од страна на Сталин не завршува и во 1933 година Вујовиќ по вторпат е испратен во прогонство, сега во Алма Ата. Таму останува до јануари 1935 година, кога е уапсен и изведен пред суд. Осуден е на 5 години робија и е упатен на издржување на казната во Сибир, во Суздал. Во август 1936 година, на самиот почеток од Сталиновите чистки, на таен процес е осуден на смрт и погубен.
Вујовиќ двапати се женел и негов син од вториот брак е францускиот глумец Мишел Оклер.
Извор
уреди- Branislav Gligorijević, “Između revolucije i dogme: Voja (Vojislav) Vujović u Kominterni”, “Spektar”, Zagreb, 1983.
Наводи
уреди- ↑ "Extracts From a Decision of the ECCI Presidium and the ICC expelling Trotsky and Vuyovich from the ECCI" in "The Communist International: Documents", Vol. 2, pp. 403-407.
Надворешни врски
уреди- Архива на Воислав Вујовиќ на македонски јазик
- Говор на Воислав Вујовиќ, мај 1927 (англиски)