Васил Антевски - Дрен

Васил Антевски - Дрен (28 октомври 1904 во Оморани, Велешко18 август 1942 во Софија, Бугарија) — македонски комунист, учесник во НОВ.

Васил Антевски - Дрен
Роден 28 октомври 1904
Оморани, Велешко
Починал 18 август 1942
Софија, Бугарија
Стрелан во Софискиот затвор
Националност Македонец

Животопис

уреди

Основното училиште го завршил во родното село, а потоа се занимавал со чување овци.[1] По вклучувањето на Бугарија во Првата светска војна, Васил Антевски, заедно со многу свои соселани бега во Солун, откаде заминал за Франција. Таму престојувал од 1915 до 1919 година и завршил основно училиште во гратчето Вилфранш. По враќањето во Македонија, завршил гимназија во Велес, а од 1922 година студира на Правниот факултет во Белград, кој го завршил во 1928 година. По завршувањето на студиите работи како судски приправник во Куманово и Велес, а потоа и во Скопје. Од октомври 1938 година отвора своја адвокатска канцеларија.[2]

Во март 1937 година е уапсен како комунист и е осуден на една година затвор која ја издржува во затворот во Сремска Митровица. По издржувањето на затворската казна, во април 1938 година се враќа во Скопје. По изборите во 1938 година станува член на Земјоделската партија.[3] Од јануари до крајот на февруари 1941 година, како земјоделец, е интерниран во логорот Меѓуречје кај Иваница. Мобилизиран е во Априлската војна. По повеќе години активност во напредните кругови, во мај-јуни 1941 година Антевски станува член на КПЈ.[4]

Кон крајот на јули Антевски преминува во илегалност, а на 20 септември 1941 година се приклучува на Скопскиот партизански одред.[5] По расформирањето на одредот, шестмина борци, меѓу кои и Антевски, од 5 до 8 ноември илегално се префрлаат во Велес, каде се прифатени од велешката партиска организација. Обидите за воспоставување врска со Прилепскиот партизански одред завршуваат неуспешно[5] и набрзо, на 15 ноември 1941 година Антевски е уапсен во Велес од бугарската полиција.[6]

Заедно со уште 24 комунисти, на 27 април 1942 година Антевски е изведен пред суд во Скопје и на 9 мај е осуден на смрт со бесење. Откако поминува уште три месеци во скопскиот затвор, на 15 август,[7] заедно со Периша Савелиќ, Љубомир Лековиќ и Чедомир Миленковиќ, е префрлен во затворот во Софија, каде е убиен.[8] Во неговото пледоаје, јавно ја осудил бугарската окупација на Македонија, по што е осуден на смрт со стрелање и застрелан во Софискиот затвор.[4][9]

Запомнето е неговот излагање пред судиите на кои им се обратил со зборовите:

Ние сме револуционери и знаеме зошто ги даваме животите. Знаеме дека ќе умреме, но ќе дојде време, кога ќе ви судат партизаните ...Зборувавте дека и донесовте слобода на Македонија, а вашата слобода е оваа! - рекол и ги покажал веригите на своите раце.[1]

Во негова чест е испеана партизанската песна „Од Софија жален глас се слуша“.[10] Покрај тоа, Економско–правното средно училиште во Скопје од 1993 година го носи неговото име, а неговото име го носи и една железничка станица на линијата Велес-Прилеп.

Васил Антевски во литературата

уреди

Македонскиот истакнат писател Димитар Солев, во 1980 година го издава романот „Дрен“ со биографска содржина, посветен на Васил Антевски каде што хронолошки е опфатен и раскажан целиот негов живот.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив. 1969. стр. 25–26. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. Стоилко Ивановски - Планински „Васил Антевски-Дрен: прилог кон биографијата“, Архив на Скопје, Скопје, 1980, 149 стр.
  3. Димитар Солев „Дрен“, Скопје, 1980, 35 стр.[мртва врска]
  4. 4,0 4,1 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 32. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  5. 5,0 5,1 Стоилко Ивановски - Планински, цит. дело, 173,180-182 стр.
  6. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 64 стр.
  7. Дучо Кранго „Бугарскиот терор и отпорот во скопскиот затвор“, Архив на Скопје, Скопје, 1986, 164 стр.
  8. „Вардарски глас“, 23 декември 1986, 12 стр. Стоилко Ивановски - Планински, цит. дело, 214 стр.
  9. Личности од Македонија. Скопје: МИ-АН. 2002. стр. 24. ISBN 9989-613-28-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  10. Песната во изведба на Оркестарот на Панче Тевчев и на Октет Куманово.

Надворешни врски

уреди