Отвори го главното мени
Споменик на местото каде што е формиран одредот

Прв скопски народноослободителен партизански одред — прва партизанска единица на НОВ во Македонија. Формиран е на 22 август 1941 година кај месноста Чифлик во близина на Скопскиот градски парк и опстојува до 2 ноември 1941 година кога се самораспуштил.[1] Прв командант на одредот бил Чедомир Миленковиќ, а потоа, од 18 до 31 октомври, Љубомир Лековиќ.[2] Политички комесар на одредот бил Даме Крапчев. За време на постоењето на Одредот, во него, континуирано или повремено, се бореле 42 борци од кои 17 загинале во текот на НОВ.[3] По војната, тројца борци од одредот (Раде Јовчевски - Корчагин, Боро Петрушевски и Александар Урдаревски) се прогласени за народни херои на Југославија.

На местото на формирање на одредот, на 22 август 1981 година е откриен споменик во чест на одредот, изработен од вајарот Максим Димановски.[4]

Формирање на одредотУреди

 
Споменик пред Музејот на илегалната партизанска оружарница, каде се изработувале мини и бомби за Скопскиот партизански одред

Одредот е формиран по одлуката на илегалното Јунско советување на Скопската организација на КП во Македонија (одржана во Козле на 22 јуни 1941) за почеток на вооружената борба. Одредот бил формиран од 12 или 13 борци, главно од составот на петте дотогашни скопски диверзантски групи. Во неговиот борбен пат му се приклучиле вкупно 42 борци, со мешовит национален состав - Македонци, Срби, Албанци, Турци, Црногорци, Хрвати и Чеси.

Дејствување на одредотУреди

Веднаш по формирањето Одредот извршил диверзија на рудникот Радуша, по што заминал на Водно. По судирот на Боро Петрушевски со бугарската полиција и по апсењето на курирот, Боса Ѓурашковиќ на 8 септември,[5] на 9 септември се префрлил во старата диверзантска база покрај Вардар, а оттаму следниот ден се префрлил на Скопска Црна Гора, каде што престојувал во малата пештера Лазаров Камен кај селото Чучер (од 11 септември до првата половина на септември) и во манастирот „Благовештение“ (од 18 септември до средината на октомври).

На 28 септември во месноста Горне Бавче бил одржан заеднички состанок на активистите на народно-ослободителното движење од селата во Скопска Црна Гора, бил формиран првиот македонски местен народно-ослободителен одбор во селото Чучер (4 октомври), ги испробале илегално изработените рачни бомби во Скопје, ги испитале објектите на железничката линија во Качаничката Клисура за евентуално минирање, убиле еден шумар (30 октомври) и воделе борба со бугарската војска во реонот на Ѓорче Петров. На 7 октомври борци од одредот извеле акција за ликвидирање на бугарските полициски агенти Мане Мачков и Круме Панков - Кросот, во која загинал Благоја Деспотовски - Шовељ, а Александар Смилковски бил уапсен. На 18 октомври, во месноста Бела Вода, од десната страна на реката Лепенец, борците на одредот положиле заклетва.

Расформирање на одредотУреди

Отежнатите услови за дејствување од притисокот на бугарската војска и полиција, како и претстојната зима и пресметката на окупаторот со кумановските одреди (Козјачкиот и Карадачкиот) и Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, во Штабот на Одредот предизвикале колебања во однос на продолжувањето на дејствувањето на Одредот. На 2 ноември 1941 година била донесена одлука за привремено расформирање на одредот, по што одредот е расформиран кај с. Злокуќани, Скопско.

По расформирањето на одредот, неговите борци илегално влегле и се растуриле низ градот. Од 5 до 8 ноември група од шест борци од Скопскиот одред илегално се префрлува во Велес, со намера да се приклучи на Прилепскиот партизански одред. Во групата се: Васил Антевски - Дрен, Благоја Давков, Невена Георгиева - Дуња, Боро Боцевски, Даме Крапчев и Боро Ончев.

На 6 јануари 1942 година, покрај реката Лепенец, на патот Скопје-Качаник, се состанале борците на Скопскиот одред, Даме Крапчев, Александар Урдаревски и Трајко Стојков. Се договориле да заминат за Косово со цел да се поврзат со тамошното народно-ослободително движење.

На 17 април 1942 година, Даме Крапчев, Раде Јовчевски – Корчагин, Кемал Сејфула, Трајко Стојков и Ѓорги Саздовски влегуваат во составот на новоформираниот Вториот скопски партизански одред, кој во тој момент броел 10 борци.[6]

Борци во одредотУреди

Првите 12 партизани кои на 22 август го формираат Скопскиот партизански одред се:

Подоцна, кон одредот се приклучуваат:

НаводиУреди

  1. „Македонската енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1371 стр.
  2. Александар Спасовски „Партизанското движење во Скопје и Скопско 1941-1945“, Архив на Скопје, Скопје, 1984, 60 и 66 стр.
  3. Крсто Здравковски „Да не се заборави: споменици и спомен белези од НОВ во Скопје“, Скопје, 1982, 41 стр.
  4. Здравковски, цит. дело, 40 стр.
  5. Спасовски, цит. дело, 45 стр.
  6. „Скопје во НОВ 1942“, Скопје, 1975, 41-42 стр.

ЛитератураУреди

  • „Скопје во НОВ 1941: материјали од научниот собир“, Градски одбор на СЗБ од НОБ, Скопје, 1973.
  • Александар Спасовски „Партизанското движење во Скопје и Скопско 1941-1945“, Архив на Скопје, Скопје, 1984.
  • Крсто Здравковски, „Дамјан Крапчев-Стари“, Архив на Македонија, Скопје, 1974.
  • Димитар Солев, „Дрен“, Скопје, 1980.
  • Стоилко Ивановски - Планински, „Васил Антевски-Дрен: прилог кон биографијата“, Архив на Скопје, Скопје, 1980.
  • Крсто Здравковски, „Александар Урдаревски-Станко: прилог кон библиографијата“, Архив на Скопје, Скопје, 1981.
  • Александар Спасовски „Раде Јовчевски-Корчагин (прилог кон библиографијата)“, Скопје, 1983.
  • Стојан Илиќ-Каталенец, „Боте Боцевски: прилог кон биографијата“, Архив на Скопје, Скопје, 1988.
  • Митре Инадески, „Благоја Деспотовски-Шовељ: прилог кон биографијата“, Архив на Скопје, Скопје 1990.
  • Стоилко Иваноски-Планински, „Невена Георгиева Дуња“, Скопје, 1998.