Бедни луѓе (руски: Бедные люди) е роман на Фјодор Достоевски (неговото прво објавено дело), првобитно издаден во 1846 година во „Петроградскиот зборник“ на Н. А. Некрасов.[1]

Бедни луѓе
корица на македонското издание
АвторФјодор Достоевски
Изворен насловруски: Бедные люди
ЗемјаРусија
ЈазикРуски
ЖанрЕпистоларен роман
Издадена
1846
Медиумпечатено издание
OCLC2041466
891.73/3
Клас. КБPG3328

Историјат на делото

уреди

Првото дело на Достоевски имало необична судбина. Имено, далеку пред неговото објавување, веста за романот брзо се проширила низ Петроград и книгата била очекувана со големо нетрпение. Во тоа време, Достоевски бил сиромашен инженерски поручник во оставка, кој ги посетувал редакциите со своите преводи и фељтони, но без никаков поголем успех.

Во своите „Спомени“, Д. В. Григорович напишал: „Кога почнав да живеам со Достоевски, тој само што го беше завршил преводот на Балзаковиот роман Евгенија Гранде. По цел ден и до доцна во ноќта, Достовески седеше на масата за пишување. Ниту збор не кажуваше за тоа што го пишуваше. На моите прашања одговараше безволно и скржаво. Знаејќи ја неговата затвореност, престанав да го потпрашувам. Можев само да видам маса испишани листови.“

Во септември 1844 година, Достоевски му напишал на брат му дека го завршува романот, но првата редакција ја завршил дури во ноември, а во декември започнал да го поправа делото. Меѓутоа, незадоволен од напишаното, во февруари 1845 година, тој повторно се навратил на романот и бил готов кон половината на март. Загрижен за успехот на делото и воден од стремежот за совршенство, тој започнал по третпат да го преработува романот, пишувајќи во едно свое писмо дека „ако романот не успее, јас можеби ќе се обесам“. Во писмото од 4 мај 1845 година, тој е заколнал дека повеќе нема да го преработува романот.

Кога го завршил романот, Достоевски не знаел како ќе го објави, бидејќи немал познанства во светот на книжевноста. Со посредство на Григорович му го дал романот на поетот Некрасов, кој собирал прилози за планираниот алманах „Петроградски зборник“. Притоа, Достоевски се плашел од можната реакција на книжевната група собрана околу Татковинските записи, а особено од критичарот Висарион Белински, но доживеал пријатно изненадување. Утредента, во мај 1845 година, околу четири часот наутро, Достоевски го посетиле ненајавени гости - Некрасов и Григорович, а многу подоцна тој ден го нарекол „најсреќниот миг во мојот живот“. Во својот дневник, Достоевски вака го опишал тој настан: „Вечерта, истиот ден кога го предадов ракописот на Бедни луѓе појдов кај еден стар другар. Се вратив дома дури кон четири часот, по белата петроградска ноќ, видлива како ден. Беше убаво и топло време. Кога влегов во станот, не легнав да спијам, го отворив прозорецот и седнав крај него. Наеднаш се слушна ѕвончето кое неверојатно ме зачуди и, гледај - Григорович и Некрасов ме гушкаат, восхитени - само што не плачат! Тие сношти рано се вратиле дома, го зеле мојот ракопис и започнале да читаат: 'само десет страници и ќе се види колку вреди'. Но, кога прочитале десет страници, одлучиле да прочитаат уште десет и така преседеле до зората, читајќи наглас и сменувајќи се кога некој ќе се уморел... Кога го завршиле читањето (седум печатарски табаци), одлучиле веднаш да дојдат кај мене: 'не е важно ако спие, ќе го разбудиме, ова е поважно од сонот'“. Откако била испечатена (во средината на јануари 1846 година), книгата била примена со воодушевување и била масовно читана, како во Петроград, така и во провинцијата.[2][3]

Содржина

уреди

Варвара Алексеевна Добросјолова е млада девојка која живее во сиромашен кварт во Петроград, заедно со својата слугинка. Во зградата спроти нејзината живее сиромашниот службеник Макар, кој е вљубен во Варвара и постојано ѝ помага на тој начин што ѝ дава пари или ѝ купува разни нешта. Макар има добро срце, но исто така, тој е скромен, плашлив и несигурен, така што не сака да биде озборуван од околината поради неговата врска со младата Варвара. Поради тоа, Макар многу ретко ја посетува Варвара и тие најчесто комуницираат преку писма. Одвреме-навреме, двајцата си позајмуваат и книги, а еднаш, Варвара му го дава својот дневник што го пишувала во младоста.

Читајќи го дневникот, Макар се запознава со минатото на Варвара. Таа живеела во некое село во провинцијата, но кога имала 12 години, нејзиното семејство се преселило во Петроград, а три месеци потоа ја сместиле во женски интернат, со цел да се школува. Варвара го мразела интернатот, поради строгите учители, лошиот однос на воспитувачките и непријателскиот однос од страна на другите ученички, кои постојано ја задевале и ѝ се потсмевале. Воопшто, таа не го сакала животот во градот и често се сеќавала на своите среќни денови поминати во селото. Кога таа имала 14 години, нејзиниот татко умрел и семејството останало без можност да преживее. Тогаш, нивната роднина Ана Фјодоровна ги примила во нејзината куќа, во која живееле и други потстанари. Еден од нив бил студентот Покровски во кого Варвара се вљубила, но тој долго време не ја забележувал, сметајќи ја за дете. Нивниот однос се променил кога Варвара скришно влегла во неговата соба за да земе некоја книга од неговата богата библиотека, но била откриена од него. Малку подоцна се разболела мајка ѝ, а Покровски цело време бил крај неа, со што нивната врска се зацврстила. Кога се наближил роденденот на Покровски, Варвара ја потрошила целата своја заштеда за да му купи поклон - комплет книги на Пушкин. Меѓутоа, нивната романса била грубо прекината со ненадејната смрт на Покровски, кој умрел од туберкулоза.

По смртта на мајка ѝ, Варвара го напуштила домот на Ана Фјодоровна и оттогаш потекнува нејзиното познанство со Макар. Таа му е бескрајно благодарна за несебичната помош без која таа не би можела да преживее. Макар е ситен службеник, на возраст од 47 години, кој живее како потстанар во една зграда наспроти зградата на Варвара. Самиот тој е толку сиромашен, што нема доволно пари за редовно да ја плаќа киријата, ниту пак за да си купи нова облека и обувки. Неговиот надворешен лик е жалосен, зашто тој оди во стара облека, со искинати копчиња на капутот и со распаднати чизми. Тој е свесен за својата бедна положба и тоа има огромно негативно влијание врз неговата самодоверба: во односите со соседите и со колегите на работа, тој е потполно несигурен, потчинет и повлечен во себе. Сепак, гледајќи ја бедата во која живее Варвара, Макар ја троши целата своја заработувачка за да ѝ помогне.

Проблемите настануваат кога самиот Макар запаѓа во многу тешка состојба, бидејќи веќе подолго време е задолжен и нема пари ниту да ја плати киријата, ниту да си обезбеди редовна исхрана. Иако тој никогаш не се жали пред Варвара, таа дознава за неговата беда и нивниот однос се менува: сега Варвара му помага финансиски на Макар, кој запаѓа во очај и започнува да пие. Неговите напори да позајми пари пропаѓаат и Макар не гледа никаква иднина за себе и за Варвара. Истовремено, сопственичката на куќата започнува да го навредува, колегите на работа му се потсмеваат, а соседите го озборуваат. Единствено, љубовта кон Варвара му дава надеж и желба за живот. Исто така, Макар согледува неговата состојба воопшто не е посебна, туку дека наоколу има многу луѓе кои живеат уште полошо од него. Сепак, во мигот кога Макар се дави во материјална и морална беда, среќата му се насмевнува кога не сакајќи прави грешка во работата, поради што е повикан кај претпоставениот. Кога ќе го здогледа парталавиот Макар, тој се сожалува и му поклонува 100 рубљи, со кои Макар може да ги плати своите долгови, да си купи нова облека и да ѝ помогне на Варвара.

Сепак, радоста на Макар е краткотрајна, зашто набргу Варвара му соопштува дека ја посетил богатиот господин Биков, нудејќи ѝ брак. Иако не чувствува никаква љубов или привлечност кон него, таа без размислување ја прифаќа брачната понуда и му пишува писмо на Макар, полно со благодарност за сета помош што ѝ ја пружил. Макар е тажен, но, воден од својата љубов и грижа за Варвара, се однесува необично дарежливо, трчајќи по продавниците и купувајќи ги потребните работи за нејзината венчавка. Откако е извесно дека Варвара ќе замине, во последното писмо Макар ја искажува својата бескрајна тага и ја моли Варвара да не го напушта, зашто не може да си го замисли животот без неа.[4][5]

Осврт кон делото

уреди

Уште при самото објавување, романот „Бедни луѓе“ наишол на блескави критики. Така, големиот критичар Белински рекол дека тоа е најважниот прилог објавен во „Петроградскиот зборник“ „и по местото и по вредноста“.[6] Исто така, оценувајќи го делото, Белински напишал: „Мора да се признае дека Бедни луѓе како деби е необично дело и дека никој од руските писатели така не ја почнал кариерата... Со исклучок на луѓето кои се потполно неспособни да ја сфатат и осетат поезијата, и можеби двајца, тројца пискарала кои се исплашиле за себеси, сите се сложуваат со тоа дека оваа новела ја создал необичен талент.“[3][7] Всушност, Белински го прочитал романот уште пред да биде објавен, бидејќи штом Некрасов го прочитал ракописот утредента му го однел на Белински, кому уште од прагот на куќата му рекол дека се појавил новиот Гогољ.[8] Белински го примил ракописот со скепса, но откако го прочитал бил многу возбуден и му рекол на Некрасов веднаш да му го доведат Достоевски. Тој настан го опишал и самиот Достоевски во својот дневник: „Ме дочека многу воздржано, но не помина ниту една минута и сè се промени. Почна да зборува пламено и очите му гореа: Знаете ли вие што сте напишале? - ме праша неколкупати. - Вие единствено со непосредното чувство, како уметник, сте можеле да го напишете ова, но дали сте свесни за страшната вистина која ни ја откривте и покажавте? Не е можно вие на вашите дваесет години да сте го сфатиле тоа. Ние, публицистите и критичарите, настојуваме да ги објаснеме нештата преку анализа, а вие како уметник, со еден потег, слика, веднаш ја покажувате целата суштина, и тоа толку непосредно, што и на најпростиот читател му е сè разбирливо. Ете, во што е тајната и вистината на уметноста. Тоа е служењето на уметникот на вистината! Вам вистината ви е откриена како на уметник, дадена како дарба, ценете го својот дар, останете му верен и ќе бидете голем писател.“[9][10]

Во времето кога бил објавен, романот „Бедни луѓе“ бил актуелно дело како по темата така и по начинот на кој се обработени проблемите во него. Опишувајќи ги „малите“ луѓе, притиснати од сиромаштијата, Достоевски се наметнал како поет на градот и успеал да открие нов свет кој дотогаш бил речиси непознат во руската книжевност. Во романот се прикажани луѓето кои претходно не го привлекувале вниманието на писателите, зашто тие не се исклучителни карактери ниту пак во нивните животи се случува нешто важно; оттука, за предреалистичката книжевност тие биле целосно неинтересни. Впрочем, во романот нема речиси никакво надворешно дејствие, но Достоевски успеал да ги прикаже вистинските човечки чувства. Сликајќи ги понижените луѓе, Достоевски не паднал во стапицата на сентименталноста и не направил од нив мелодрамски личности и безгрешни страдалници. Напротив, тој ги претставил своите јунаци со сите позитивни и негативни својства кои ги стекнале во дадениот социјален амбиент. Токму во примената на оваа постапка се прпеознава влијанието на Гогољ, но тоа никако не значи слепа имитација, туку Достоевски успеал да изгради оригинален книжевен израз. Сличноста и разликата меѓу Гогољевите книжевни јунаци и јунаците во „Бедни луѓе“ ја истакнал и критичарот Белински во неговиот приказ на романот во „Петроградскиот зборник“. Уште во овој роман Достоевски се покажал како мајстор на психолошката анализа и така своите ликови ги насликал како незаборавни единки. Навистина, некои критичари му забележувале на Достоевски дека понекогаш бил преопширен и дека се повторувал во својата анализа на ликовите, но дури и тогаш, тој не е неинтересен, туку успева да ги опише дури и најситните душевни детали и притоа секогаш успева да даде нешто ново.[11]

Иако надворешното дејствие во романот е сиромашно, сепак тоа успешно ја дополнува аналитичката постапка на авторот. Исто така, таа ја одредува и идејната насока на делото и го објаснува потеклото на ставот на авторот кон неговите јунаци. Имено, дејствието во романот покажува дека изворот на психолошките страдања на ликовите во романот се наоѓаат во социјалните односи. Токму оваа врска меѓу душевната состојба на книжевните ликови во романот и тогашните општествени односи придонесла за силниот впечаток што го остварил романот, кој делувал како силна социјална критика во тоа време. Затоа, Александар Херцен го нарекол романот „Бедни луѓе“ прво социјалистичко уметничко дело во Русија. Впрочем, во времето кога го напишал овој роман, Достоевски бил во блиски односи со прогресивните сили во Русија. Имено, тој бил припадник на левото крило на т.н. „петрашевци“ поради што подоцна бил осуден на затворска казна.[12]

Во споредба со останатото творештво на Достоевски, „Бедни луѓе“ се како зрното во однос на класот, зашто овој роман во себе ги носи сите одлики на Достоевски како уметник и мислител. Веќе во ова дело, тој поставил низа проклети прашања за чие разрешување ќе се мачи доживотно, од кои најкрупни се две - општествената нерамноправност и децата-страдалници. „Бедни луѓе“ се исто толку студија за душата на несреќните на овој свет колку и роман. Оваа книга се солзите и проклетството на поетот упатено кон светот во кој има и мора да има страдалници. „Бедни луѓе“ подолго од еден век му соопштува на читателот една болна порака: „Не мисли само на себе и не живеј само за себе!Заврти се и погледни, најди благороден и достоен објект на своите грижи и мисли!“ Бидејќи Достоевски на самиот почеток на своето книжевно творештво ги слушнал лелеците на понижените и навредените, така што неговото срце ја впило сечовечката болка, тој бил најнесреќниот меѓу несреќните. И оттаму, неговиот бунт е најголем меѓу бунтовите против злото во животот.[13]

Наводи

уреди
  1. Радован Лалић, „О Бедним људима Достојевског“, во: Ф. М. Достојевски, Бедни људи. Београд, 1952, стр. 184.
  2. Milosav Babović, „Bedni ljudi F. М. Dostojevskog“, Fjodor Dostojevski, Bedni ljudi. Beograd: Rad, 1960, str. 147-150.
  3. 3,0 3,1 Радован Лалић, „О Бедним људима Достојевског“, во: Ф. М. Достојевски, Бедни људи. Београд, 1952, стр. 186.
  4. Fjodor Dostojevski, Bedni ljudi. Beograd: Rad, 1960.
  5. Ф. М. Достојевски, Бедни људи. Београд, 1952, стр. 184.
  6. Радован Лалић, „О Бедним људима Достојевског“, во: Ф. М. Достојевски, Бедни људи. Београд, 1952, стр. 185.
  7. Milosav Babović, „Bedni ljudi F. М. Dostojevskog“, Fjodor Dostojevski, Bedni ljudi. Beograd: Rad, 1960, str. 147.
  8. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. LIX.
  9. Milosav Babović, „Bedni ljudi F. М. Dostojevskog“, Fjodor Dostojevski, Bedni ljudi. Beograd: Rad, 1960, ст.. 150.
  10. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. LVIII-LIX.
  11. Радован Лалић, „О Бедним људима Достојевског“, во: Ф. М. Достојевски, Бедни људи. Београд, 1952, стр. 187-190.
  12. Радован Лалић, „О Бедним људима Достојевског“, во: Ф. М. Достојевски, Бедни људи. Београд, 1952, стр. 191-193.
  13. Milosav Babović, „Bedni ljudi F. М. Dostojevskog“, Fjodor Dostojevski, Bedni ljudi. Beograd: Rad, 1960, str. 152-155.

Надворешни врски

уреди
 
Викиизвор на англиски јазик содржи текст на тема: