Бајерово означување
Бајерово означување — систем на ознаки на поединечни ѕвезди грчка буква, проследени од латинско име на матичното соѕвездие во генитивен облик. Изворниот Бајеров список содржел 1.564 означени ѕвезди.
Германскиот астроном Јохан Бајер во 1603 им го дал првото научно име на највеќето посјајни ѕвезди во неговиот ѕвезден атлас „Уранометрија“ (во чест на Уранија, музата на астрономијата и Уран, богот на небото). Бајер на ѕвездите им доделил мали грчки букви како алфа (α), бета (β), гама (γ) итн. заедно со латинскиот назив на нивните матички соѕвездија во генитивен (посвоен) облик[1]. На пример, Алдебаран е означен како α Tauri, што значи „Алфа од Бик“.
Едно соѕвездие може да има педесет и повеќе ѕвезди, но грчката азбука има само 24 букви. Кога буквите се потрошиле, Бајер почнал да им доделува мали букви од латиницата, како на пр. s Carinae (s од Кобилица) и d Centauri (d од Кентаур). Кај соѕвездијата со многу голем број ѕвезди се јавил недостаток од букви, па затоа Бајер продолжил со големи латинични букви, како што се примерите G Scorpii (G од Скорпија) и N Velorum (N од Едро). Последната буква што ја употребил е Q.
Дали алфа е секогаш најсјајната ѕвезда?
уредиБајер им доделувал грчки и латински букви на ѕвездите во рамките на едно соѕвездие претежно по редослед на сјајност (од најсјајна до најслаба). Бидејќи во мнозинството соѕвездија најсјајната ѕвезда ја носи ознаката Алфа (α), многумина погрешно претпоставуваат дека Бајер доделувал букви само по сјајност, но се знае дека во неговото време немало начин за точно мерење на сјајноста . Во тоа време било вообичаено ѕвездите да се ставаат во една од шест величински класи. Класификувајќи ги, Бајер не се обидел да ги подреди ѕвездите од секоја класа по релативна сјајност. .[2]
Но Бајер не се држел слепо до ова правило, туку напати буквите им ги доделувал според нивната местоположба во матичното соѕвездие (на пр. северен, јужен, источен и западен дел на соѕвездието), според редоследот по кој изгреваат на исток, според историските или митолошките информации за ѕвездите, или пак по сопствен произволен избор. Честопати именувањето оди од главата кон стапалата (или опашката) на ликот на соѕвездието (како кај Голема Кола).
Од 88-те современи соѕвездија, барем 30 имаат ѕвезда „Алфа“ што не е најсјајна, а четири од нив сосем немаат „Алфа“. Вакви се Едро и Крма (што порано го сочинувале соѕвездието Брод Арго чијашто „Алфа“ е ѕвездата Канопус која се наоѓа во соѕвездието Кобилица.)
Бајерови ознаки во Орион
уредиБајерова ознака |
Привидна величина |
Име |
---|---|---|
α Ori | 0,45 | Бетелгез |
β Ori | 0,18 | Ригел |
γ Ori | 1,64 | Белатрикс |
δ Ori | 2,23 | Минтака |
ε Ori | 1,69 | Алнилам |
ζ Ori | 1,70 | Алнитак |
Соѕвездието Орион е добар пример за Бајеровиот метод. (Посјајните ѕвезди добиваат помала бројка од послабите, и тоа според точната дефиниција: ѕвезда од „второстепена величина“ е онаа со вредност од 1,51 до 2,50). Бајер прво ги означил двете првостепени ѕвезди, Бетелгез и Ригел како „Алфа“ и „Бета“, каде Бетелгез (рамото) е пред Ригел (стапалото), иако Ригел е обично посјаен. (Бетелгез е променлива ѕвезда, и може во прилично ретки случаи да биде посјајна од Ригел.[3]) Истата постапка ја повторил и со ѕвездите од второстепена величина. Како што може да се види во картата, и тука Бајер го следел редоследот „од горе надолу“ (север-југ).
Распореди на означување
уредиБајер им давал предност на оние што први ќе изгреат на исток и во ред други случаи, дури и кај Кастор и Полукс од соѕвездието Близнаци. Иако Полукс е посјајна од Кастор, Кастор добил „Алфа“ бидејќи прва изгрева на исток. Овој редослед може да се должи и на историско-митолошките сознанија. Кога се споменуваат овие двајца близнаци, Кастор секогаш се кажува прв, што е веројатно причината што Кастор добил „Алфа“ (α), а Полукс добил „Бета“ (β).
Иако најсјајната ѕвезда во соѕвездието Змеј е Елтанин (Гама Драконис), ознаката „Алфа“ (α) ја добил Тубан бидејќи некогаш во минатото бил поларна ѕвезда (пред 4.000 години). Така, речиси сите ѕвезди што некогаш биле северници ја добиле ознаката „Алфа“ (α) во рамките на нивните соѕвездија. Вакви примери се Вега, Алдерамин и Северницата (Поларис).
Понекогаш не можеме да најдеме редослед во означувањето. Вакви примери се соѕвездијата Вага и Стрелец, кајшто Бајер ѕвездите ги означил по произволен редослед.
Преработени Бајерови ознаки
уредиНекои ѕвезди биле на границата помеѓу две соѕвездија, и затоа Бајер им доделил по една грчка буква од секое соѕвездие. Најзначајни примери за вакви ѕвезди се β Tau/γ Aur и α And/δ Peg. Кога во 1930 г. Меѓународниот астрономски сојуз (IAU) ги исцртала границите на соѕвездијата, било решено дека секоја ѕвезда или друго астрономско тело може да припаѓа само на едно соѕвездие. Затоа биле отфрлени сите двојни ознаки, па така денес се користат само Бета Таури и Алфа Андромедае. Ѕвездата σ Lib пак, порано се нарекувала γ Sco, иако била во соѕвездието Вага. Денес сепак има неколку ѕвезди што не се сместени во рамките на соѕвездието по кое се наречени (според современите граници), но сепак продолжуваат добро да им служат на астрономите.
Стилови на ознаките
уредиПостојат два начина на пишување на Бајеровите ознаки. Ознаката може да се наведе во целост (како Алфа Канис Мајорис или Бета Персеи) или со мала грчка буква заедно со стандардната кратенка од 3 букви, како α CMa или β Per. Постои и комбиниран начин (α Canis Majoris). Денес ретко се користат постарите кратенки со четири букви (како α CMaj).
Други Бајерови ознаки
уредиЛатиничните ознаки ретко се користат, но има исклучоци како h Persei (што е впрочем ѕвездено јато) и P Cygni. Големите латинични ознаки не одат понатаму од буквата Q. Имињата како R Leporis и W Ursae Majoris се ознаки за променливи ѕвезди, а не Бајерови ознаки.
Во некои случаи се користи бројчен горен индекс за разликување на ѕвезди со иста Бајерова буква. Ова обично се двојни ѕвезди (претежно оптички двојници наместо вистински двојни ѕвезди), но има извесни исклучоци како веригата од ѕвезди π1, π2, π3, π4, π5 и π6 Orionis.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Генитивните облици на имињата на соѕвездијата ќе ги најдете на страницата Список на соѕвездија
- ↑ Swerdlow, N. M. (1986). „A Star Catalogue Used by Johannes Bayer“. Journal of the History of Astronomy. 17 (50): 189–197. Bibcode:1986JHA....17..189S. Вид. стр. 192.
- ↑ Patrick Moore, Brilliant Stars, 1996.