Означување на променливи ѕвезди

Означување на променливи ѕвезди — начин на бележење на променливите ѕвезди во астрономијата кое се состои од букви од Бајеровото означување заедно со латинскиот генитив на соѕвездието (на македонски стои само називот на соѕвездието поради отсуството на падежи).

Системот на именување е следниов:

  • ѕвездите кои веќе имаат Бајерови ознаки со грчки букви не добиваат нови ознаки.
  • во сите други случаи се почнува со буквата R, и така до Z.
  • се продолжува со RR...RZ, а потоа SS...SZ, TT...TZ и така сè до ZZ.
  • се применуваат AA...AZ, BB...BZ, CC...CZ до QZ, изоставувајќи ја J во обете положби.[1]
  • по 334 комбинации се преоѓа на именување со V335, V336 итн.

Втората буква никогаш не ѝ претходи на првата во азбучниот редослед; на пр. не се допуштени BA, CA, CB, DA и сл.

Такви примери се R Северна Круна, YZ Кит, V603 Орел.

Највеќето новооткриени ѕвезди првично добиваат само каталошка шифра од нивните огкривачи ( на пр. OT J155631.0-080440 или SDSS J110014.72+131552.1), а потоа се заменуваат со ознаки во гореопишаниот формат.

Историја уреди

На почетокот на XIX век биле познати само малку променливи ѕвезди, па затоа немало потреба да се користат букви вон латиницата. Бидејќи речиси немало ѕвезди со голема латинична буква по Q (по Бајеровото означување), одлучено е да се отпочне со буквата R за да се избегне забуна со буквите за спектрални типови на (денес ретко употребуваното) Бајерово латинично означување. Иако Лакај применувал големи букви од R до Z во поретки случаи (на пр. X Крма), овие ознаки се отфрлени или прифатени како променливи ѕвезди. Ѕвездата T Крма е прифатена како променлива и заведена во Општиот каталог на променливи ѕвезди со таа ознака, но денес се води како непроменлива.[2]

Ова правило за именување на променливите ѕвезди е разработено од германскиот астроном Фридрих В. Алгеландер.

Со доаѓањето на фотографијата, бројот на променливи ѕвезди почнал нагло да расте, па затоа астрономите пристапиле кон користење на двојни букви, а потоа и броеви.

Како и кај сите астрономски објекти, имињата на ѕвездите ги доделува Меѓународниот астрономски сојуз (IAU), кој пак за тоа го задолжува Државниот астрономски институт „Штернберг“ во Москва. Институтот објавува Општ каталог на променливи ѕвезди (GCVS), кој еднаш на околу две години издава нов список на именувани ѕвезди. На пример, во декември 2011 г. е издаден 80. Список на имиња на променливи ѕвезди, Дел II, кој опфаќа ознаки на 2.161 неодамна откриени променливи ѕвезди; со што вкупниот опфат на каталогот достигнал 45.678 ѕвезди. Меѓу новоименуваните објекти биле V0654 Кочијаш, V1367 Кентаур и BU Северна Круна.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Системот е разработен во Германија во време кога печатните слогови на големо „I“ и големо „J“ изгледале многу слично.
  2. Coelum australe stelliferum ... H L Guerin & L F Delatour. 1763. стр. 7–.

Надворешни врски уреди