Изида
Изида, Изис или Асет — божица на плодноста и мајчинството од египетската митологија. На египетски Асет или Есет — таа припаѓа на Енеадата од Хелиополис. Таа е сестра (и жена) на Озирис, Нефтида и Сет; ќерка на Нут (Небото) и Геб (Земјата) како и мајка на детето Хор. Во иконографијата на обожувањето, таа е претстава за архетип на сопруга и мајка. Култот кон Изида главно се развивал во два центри: градот Хелиополис и (нилскиот остров) Фила. Обожувањето во Фила било најактивно на крајот од 4 век п.н.е., за време на 30-тата династија. Нејзиниот култ доста рано се пренесол во Грција и во Стариот Рим, каде култот се состоел од лустрација и тајно посветување. За време на свеченоста, нејзините свештеници носеле кучешки маски.[1]
Нејзиното име буквално значи жена на престол, т.е. само „престол“ нешто што е често претставено како амблем или покривка на глава. Нејзиното име преку хиероглифите често се поврзува со светост на историските кралици. Често се прикажува како носи сончев диск и рогови од крава, кои се слични со оние од божицата на љубовта и забавата Хатор. Често се прикажува и грабливец/лешинар на нејзината круна или пак кралската кобра „Уреj“, која е симбол на магиските способности (Кундалини).
Во митот за Озирис, кој бил убиен и распарчан на делови од неговиот брат Сет, таа успева да ги собере сите делови (освен пенисот кој го проголтале крокодилите) од мртвиот сопруг и брат Озирис и да ги спроведе погребните обичаи. Откако Хор пораснал, тој успеал да го порази вујкото Сет и да ја одмазди смртта на татка си Озирис. Оттогаш, Хор се смета како првиот владетел на обединетиот Египет. Затоа честопати во прегратките на Изида, наместо Хор се прикажувани фараоните.
Во Книгата на мртвите, Изида е спомната како дарителка на живот и храна за мртвите; се појавува и во улога на судија на мртвите. Друга нејзина улога била да го заштити Имсет, еден од четирите сина на Хор. За време на Птолемаидите (македонските династии во Египет) била почитувана и како заштитничка на морнарите.
Изида е сметана како голема волшебничка и е позната по употребата на нејзините маѓепснички вештини. Толку била моќна магијата на Изида, што и самиот Анубис, богот на смртта, се плашел од неа. Како моќна волшебничка, заморена од земските работа, таа стекнала бесмртност откако го измамила богот Ра (Ре). Имено, таа успеала да му земе дел од неговата плунка и да ја претвори во кобра, која му ја пуштила по патот за да го измачува. Изида му ветила на Ра дека ќе го поштеди од маките доколку и го каже неговото тајно име. Откако го стекнало неговото тајно име таа почнува да изведува најразлични чуда. Затоа, луѓето ѝ се молеле да им помогне на болните и оние кои се на умирање. Како божица на лекувањето и породувањето, таа ноќе ги посетувала болните, замавнувала нежно со нејзините крилја и изговарала магиски инкантации за да ги излекува.
Нејзиното потекло како божица не е со сигурност откриено, но се верува дека дошла од делтата на Нил. За разлика од другите фигури во египетската митологија, таа немала свој култ. Првото споменување за Изида потекнува од петтата династија, но нејзиното присуство се развива многу подоцна. Со време се проширува низ цел Египет, преку средниот Исток и Европа. И денес постојат нејзини храмови и статуи на пример во Обединетото Кралство, Македонија, Грција итн.
Како божица таа била добротворка, верна сопруга, чија љубов била насочена кон секое живо битие. Изида, всушност, била најчист пример на љубезна сопруга и грижлива мајка и токму затоа Египќаните најмногу ја почитувале. Овие нејзини атрибути ги презеле раните христијани и ги пренесле на Дева Марија. Сликите на кои е прикажана Изида како го дои малиот Хор, се смета дека влијаеле врз приказот на бројните икони со Девицата Марија и малиот Христос. (Види „Златна Гранка“ од Џорџ Фрејзер)
Изида била жена на Озирис и мајка на Хор; како божица на природата имала место во Сончевиот чун (барка) за време на создавањето, кој пловел по првобитната вода, кога веројатно служела како претставничка на зората. Поради нејзината жалост по Озирис кога бил убиен, заедно со својата сестра Нефтида станала божествената оплакувалка на мртвите. Таа, исто така, била позната како Кралица на небото и владателка над сите работи кои се поврзани со животот, мајчинството и волшепството. Таа го излечила Ра кога бил каснат од змија и му го дознала неговото име. Со тоа што му го дознала името добила моќ еднаква на него и ѝ била дадена голема магиска моќ, па станала „божествената волшебничка“. Исто така, и поради успехот во оживувањето на телото на својот маж со изговарање на магичните формули дадени од Тот, наречена е „господарка на волшебниците“. Изида имала различни видови, но најзастапен вид бил видот „божествена мајка“; во овој вид влегуваат илјадници кипови кои ја претставуваат како седи и го дои својот син Хор, држејќи го на нејзините колена.
Изида како тема во уметноста и во популарната култура
уредиЛитература
уреди- Е.А. Волис Баџ, „Египетска религија - египетската идеја за задгробниот живот“.
Наводи
уреди- ↑ A. V., „Objašnjenja“, во: Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 222.
- ↑ Discogs, Bob Dylan – Desire (пристапено на 19.9.2018)