Мали морални дела

Мали морални дела или Морални оперети (италијански: Operette morali) - книга на италијанскиот писател Џакомо Леопарди.

Содржина уреди

„Малите морални дела“ содржат повеќе прозни текстови и дијалози:[1]

  • Дијалог меѓу Маламбрун и Фарфарел
  • Дијалог меѓу Торквато Тасо и неговиот домашен дух
  • Дијалог меѓу Природата и Исланѓанинот
  • Дијалог меѓу продавачот на аламанаси и минувачот
  • Парини или за славата
  • Песната на дивиот петел

Осврт кон делото уреди

Леопарди ги напишал првите 20 „Мали морални дела“ во средината и во втората половина на 1820-тите, во паузата меѓу првата и втората фаза од негвоото поетско творештво, а ги завршил во 1830-тите. Иако Леопарди бил претежно поет, а „Малите морални дела“ се напишани во проза, сепак, тие не претставуваат посебен книжевен вид во неговото творештво, туку целосно се вклопуваат во она што го напишал. Во нив се истакнати основните одлики на неговиот песимизам, но поради фрагментарноста и отуството на философски систем, тие не можат да се сметаат за философска расправа, туку како песни во проза („Песната на дивиот петел“), дијалози („Дијалогот меѓу Маламбруно и Фарфарел“) или книжевно-философски есеи („Парини или за славата“).[2]

Мотивот во дијалогот меѓу средновековниот маг Маламбрун (измислен лик) и ѓаволот Фарфарел малку потсетува на Гете и на Бајрон, но внимателната анализа на основната поставка на дијалогот (дека човекот никако, ниту за еден момент, не може да дојде до среќата), сепак го открива крајниот песимизам типичен за [[поезија]та на Леопарди. За дијалогот меѓу Торквато Тасо и неговиот домашен дух, Леопарди се инспирирал од книгата „Тасовиот живот“, како и од расправата „Силата на човечката фантазија“ на Муратори во која е изнесено тврдењето дека за време на нападите на лудилото Тасо си вообразувал дека го посетува домашниот дух, така што разговарал со него. Исто како и претходните два, и дијалогот меѓу Природата и Исланѓанецот е напишан во 1824 година и ја антиципира мисловната поезија на Леопарди, карактеристична за неговата зрела поетска фаза. Во овој дијалог, Леопарди го искажува својот страв од рамнодушноста на природата, која лесно може да ги уништи не само поединците, туку и животинските видови, вклучувајќи ги и луѓето. „Парини или за славата“ е најдолгиот есеј во „Малите морални дела“, напишан меѓу 6 јули и 13 август 1824 година. Во него, преку ликот на италијанскиот поет Џузепе Парини, Леопарди ги изнесува своиет ставови за книжевноста, науката и философијата. Во есејот, особено е важен петтиот дел во кој Леопарди ја истакнува историската димензија на книжевниет дела, што укажува на големата остроумност на Леопарди како книжевен критичар. Во краткиот прозен состав „Песната на дивиот петел“ (напишан во 1824 година), Леопарди ги изнесува основните поставки на својот песимизам, како: бесмисленоста на постоењето, постојаното стареење на живите суштества, светската болка, итн. Сепак, делото завршува со грандиозна визија за мирот и тишината која ќе ја покрие целата вселена.[3]

Наводи уреди

  1. Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, 59-107.
  2. Srđan Musić, „Đakomo Leopardi“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 130-131.
  3. „Beleške“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 122-125.