Орце Николов

(Пренасочено од Јордан Николов)

Јордан „Орце“ Николов (Скопје, 7 јануари 1916 - 4 јануари 1942) — македонски комунист, еден од организаторите на работничкото движење во Скопје и член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија.[1] Бил прогласен за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов - Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски - Карпош и Кузман Јосифовски - Питу).

Орце Николов
Роден 7 јануари 1916
Скопје
Починал 4 јануари 1942(1942-01-04) (возр. 25)
Биста на Орце Николов во Градскиот парк во Скопје

Животопис

уреди

Роден е во Скопје, во сиромашно, работничко, повеќечлено семејство.[2][3] Го изучил кројачкиот занает и станал активист на УРС-овите синдикати.[4] Во 1935 година станува член на КПЈ. Го отслужува воениот рок во 1937 - 1938 година во Загреб. По враќањето од војска повторно се вклучува во активностите на УРС-овите синдикатите и заедно со Цветан Димов ја предводи подружницата на шивачките работници.

Тој бил организатор на многу штрајкови во Скопје и останатите градови во Македонија. Се јавува како иницијатор и организатор и на други акции во предвоениот период, како што се: собирање помош и испраќање на борци во Шпанија, организирање прослави по повод годишнината од Илинденското востание, организирање протести и демонстрации против окупацијата на Албанија од страна на фашистичка Италија. Во есента 1938 година, по негова иницијатива е организирана акција за запишување доброволци за одбрана на Чехословачка од нацистичка Германија.[3]

Во есента 1939 година, согласно решението на КПЈ за засилување на мобилизацијата во Македонија, кога во Македонија доаѓа и Светозар Вукмановиќ - Темпо, во Скопје го затекнува Орце Николов како секретар на Месниот комитет на КПЈ и член на Покраинското раководство на КПЈ за Македонија. Тој организира повеќе штрајкови на работниците во Скопје, Тетово, Гостивар, Прилеп, Куманово и други градови.

Во август 1940 година Орце Николов учествува во организирањето на масовната екскурзија на работниците и други граѓани на Илинден во Скопје и на политичките демонстрации за Илинден. На 9 август 1940 година паднал во полициска заседа пред неговата куќа. Во септември тој, со уште тројца уапсени, е одведен во Белград, во истражниот затвор на Ада Циганлија, а оттаму во Велика Кикинда. Таму стапува во штрајк со глад за подобрување на положбата на затворениците. Кон средината на ноември изведен е пред судот за заштита на државата во Белград, каде што е осуден на две години строг затвор. Во ноември 1940 испратен е во затворот во Сремска Митровица. Додека се наоѓал во затвор, на Петтата земска конференција на КПЈ, одржана во Загреб, Орце Николов е избран за кандидат на ЦК на КПЈ.[5] По фашистичката окупација на Југославија, на 22 август 1941 година, Николов успева да побегне од затворот, заедно со поголема група затворениците меѓу кои се и Бане Андреев и Богоја Фотев.

По бегството, му се приклучува на Фрушкогорскиот партизански одред, а на почетокот од октомври 1941 година оди во Ужице, каде по одлука од Врховниот штаб, сите комунисти - бивши затвореници се јавуваат на Врховниот штаб. Орце Николов таму добил задача да се пробие во Македонија, каде што се вршеа подготовки за создавање на првите партизански одреди.

На 27 октомври Николов со една група Македонци заминува за Македонија. Во околината на Лесковац чека да му бидат испратени фалсификувани документи за да може полесно да ја помине демаркационата линија низ територијата окупирана од Бугарија. Во првиот обид да ја премине граница, во декември 1941 година, не успеал, и се вратил назад. При вториот обид, ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942 година, во пробивањето низ демаркационата линија Орце Николов загинува при заседа на бугарскиот окупатор на планината Кукавица, кај селото Туба, во близина на Владичин Хан, Србија.

Во текот на НОВ, кумановскиот баталјон, формиран во декември 1943 година, го носеше неговото име.

Во негова чест, една од скопските гимназии го носи неговото име. Исто така, неговото име го носи и Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов“ од Скопје.[6]

Наводи

уреди
  1. „Народни хероји Југославије“, „Младост“, Београд, 1975.
  2. Анита Димова „На прагот на својата Македонија“ Архивирано на 8 ноември 2006 г., „Македонско Сонце“, 2003.
  3. 3,0 3,1 Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив - Скопје. 1969. стр. 14–15. На |first= му недостасува |last= (help)
  4. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1050 стр.
  5. СУГС Гимназија „Орце Николов“, „За патронот“
  6. Ансамбл на народни игри и песни „Орце Николов“, Историјат[мртва врска]

Литература

уреди
  • Милош Константинов, Митре Инадески „Јордан Николов - Орце: прилог кон биографијата“, Архив на Скопје, Скопје, 1984.
  • „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 295-299