Ѓерѓ Лигети

австриски композитор

Ѓерѓ Лигети (György Sándor Ligeti) се родил на 28 мај 1923 во Трансилванија, починал на 2 јуни 2006 во Виена) бил унгарски композитор со еврејско потекло.

Ѓерѓ Лигети (György Sándor Ligeti) се родил на 28 мај 1923 во Трансилванија, починал на 2 јуни 2006, фотографија од 1984
Лигети со неговото семејство (лево) и Конлон Ненкероу и Мајкл Доерти на Светските Музички Денови во Грац, Австрија, 1982

Период во Унгарија

уреди

Лигети се родил во еврејско семејство на уметници. Неговиот дедо бил професионален сликар, а неговиот чичко бил познатиот унгарски виолинист Леополд Ауер. Во период од 1941 до 1943 го посетува Конзерваториумот во Коложвер со Фаркас, каде се преселил со целото семејство. Во 1945 се префрла на Конзерваториумот во Будимпешта каде повторно учи композиција со Фаркас, но и со Верес и Јердени. По неговото дипломирање, во 1949 се враќа на Конзерваториумот, овој пат како професор по хармонија и контрапункт. Во период кога Кодаљ е национална гордост во Унгарија, Русија длабоко навлегува во структурите на унгарското општество, Лигети компонира користејќи фолклорни извори за да добие внимание. На тој начин, се усовршува при компонирањето, без да успее да ги развива своите иновации. Притиснат од социјалистичките политички доктрини во уметноста, во период помеѓу 1949 и 1953, Лигети бара начини да биде информиран околу најновите музички струи во Западна Европа. Радио-емитувањата на првите електронски дела на Карлхајнц Штокхаузен и музиката на Антон Веберн, ќе влијаат врз неговите понатамошни музички идеи. Во последните години, пред да замине за Виена и Келн, Лигети го компнира Musica ricercata, секвенца од 11 дела за пијано, каде секоја секвенца е систематско истражување на ограничен број на интервалски класи.

1956 - 1978

уреди

Во декември 1956, Лигети ја напушта Будимпешта и заминува за Виена и потоа за Келн. Посветува една година да ги изучува новите техники и музиката на Веберн и неговите современици. Во атмосфера кога серијализмот е една од водечките музички истражувања во Европа, Лигети изработува анализа на делото за пијано Structures 1a на Пјер Булез, каде го критикува тоталниот серијализам. Во Електронското Студио во Келн го изработува неговото најпознато електронско дело Artikulation, кое тој го нарекува комичен пандан на Gesang der Jünglinge на Карлхајнц Штокхаузен. Работи и на реализирањето на неизмерливи ритми, кои ќе ги искористи во Apparitions за оркестар во 1959, каде истовремено, но сепак независно го истражува користењето на кластери заедно со Криштоф Пендерецки, Јанис Ксенакис и Штокхаузен. Овие студии за кластерите, ќе го доведат до нивна уште похомогена употреба во Atmosphères за оркестар од 1961, каде за првпат ги применува неговите микрополифонии, густи напластувања на унисони канони, каде секоја линија се движи со различна брзина и не се препознаваат одвоено. Овој вид на користење на непаралелни комплексни структури, како микрополифонии и кластери, го продолжува и во Volumina од 1962 за оргули, а кулминацијата ја доживува со Poème symphonique, дело за 100 метрономи каде сите се стабилизираат со различни брзини. Слична употреба доживуваат и Aventures и Nouvelles aventures, како и Реквиемот од 1965, каде главното внимание е посветено на нетрадиционалната употреба на гласот. Кластерите често се разрешуваат во едноставни интервали како октави и тритонуси, како што е случај во последниот став на Реквием, истражувањето на хармонски центри во Lux Aeterna од 1966 и во Lontano за оркестар од 1967. Сепак, овие феномени немаат никаква поврзаност со тоналитетот, бидејќи според Лигети, овие интервали се резултат на канонските движења. Како контраст на спорите музички гестови, во делото за чембало Continuum од 1968, брзите механички репетиции му служат при создавање на звучни илузии и спори постепени промени. Од 1969 со Ramifications, камерните дела од почетокот на 70-тите, оркестарското дело Melodien, се години кога музиката на Лигети доживува експанзија во поглед на микротонални интервали и текстури. Во 1972 станува професор на Универзитетот “Стенфорд”, каде се запознава со американската авангарда и композитори како Стив Рајх, Тери Рајли и Хери Парч. По нарачка на Шведската Кралска Опера, Лигети ја создава операта Le Grand Macabre во период помеѓу 1974 и 1977, каде сите негови дотогашни истражувања ќе бидат остварени во едно единствено дело. Ова ќе му донесе и голем успех и многу успешни изведби.

По 1978

уреди

По операта, Лигети продолжува да ги истражува начините на создавање несиметричност во симетрични елементи, коишто се наоѓаат во Етидите за Пијано. Во делото Monument за пијано, користи алгоритамски начин на речиси автоматско создавање на структурата, фасциниран од компјутерската музика која ја запознава на неговиот престој во САД. Многумина наоѓаат сличност помеѓу делата на Лигети и графичкиот уметник Мауриц Корнелис Ешер. Нови инспирации при истражувањето на ритамот ќе ги бара во африканските, како и во балканските неправилни ритми. Во 90-тите години, Лигети доаѓа до идеја да изработи втора опера, заснована на книгата за Алиса, на Луис Керол. Но, тоа останува нереализирано.