Долгаец
Долгаец — село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.
Долгаец | |
Поглед на Долгаец | |
Координати 41°32′08″N 21°22′32″E / 41.53556° СГШ; 21.37556° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Долнени |
Област | Прилепско Поле |
Население | 41 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7505 |
Повик. бр. | 048 |
Шифра на КО | 20031 |
Надм. вис. | 700 м |
Долгаец на општинската карта Атарот на Долгаец во рамките на општината | |
Долгаец на Ризницата |
Потекло на името
уредиИмето на селото Долгаец е со потекло и значење на македонскиот јазик и произлегува од именката долг. Имајќи ја предвид местоположбата на селото кое погледнато од височина од падината на Даутица изгледа издолжено по должината на ридовите на нејзиното подножје и селската река, најверојатно според описниот облик на неа настанало и името на селото Долгаец. Ова се потврдува и со научните претпоставки кои велат дека името на селото произлегува од старослвенскиот назив дльга вьсь односно долга вес со значење долго село.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото Долгаец се наоѓа во северниот дел од Прилепското Поле (Пелагонија) и е сместено во падините на планината Даутица. Долгаец е потпланинско село кое лежи во подножјето на масивот на планината Даутица на север, а плодна низина се простира на југ.[3] Се наоѓа во крајниот северен дел на Прилепското Поле и Општината Долнени близу границата со соседната Општина Македонски Брод. Селото е ридско на надморска височина од 700 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 34 километри.[4] Околни села се Маргари на оддалеченост помалку од 1 километар, Зрзе, Црнилиште. До пред 90 години за пиење била користена само водата од реката, а сега сите имаат бунари.[3] Најголем извор е Копана, од кој потекува селската рекичка. Долгаец е село од збиен тип. Се дели на овие маала: Младеноско, Дошлаковско, Крлеско (во него се куќите на родот Бадламовци), Цветаноско, Ангеловско и Поповско или Горно Маало.[3] Атарот зафаќа простор од 13,8 км2 на кои обработливото земјиштезазема 451,3 хектари, на шумите отпаѓаат 560,8 ха, а на пасиштата 303,5 ха.[4] Во однос на земјоделството Долгаец има мешовита функција. Потезите во атарот се викаат: Мезиница, Голема Нива, Танеица, Под Чифлик, Огради, Река, Јастребица, Бршленот, Мунчово Бачило, Копана Вода, Старците, Крст, Клепало и Сама Бука.
Историја
уредиВеројатно за првпат се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) под името Длгавеч и имало 25 семејства, 1 неженет и 4 вдовици, сите христијани.[5]
Според преданието селото некогаш имало три цркви од кои е зачувана само црквата посветена на Свети Атанасиј околу која се и селските гробишта.[3] Црквата се наоѓа над селото и „никој не знае“ кога е изградена. На западната страна близу куќите се наоѓа „расипаната“ црква Свети Никола. Таа била долга 8 метри, широка 5 метри, а се познавале ѕидови високи до 3 метри во кои се гледале греди, што укажува дека таа била разрушена не многу одамна. Околу рушевините има стари гробови со плочи во правец исток-запад. На западната страна во ливадите, е црквиштето Света Богородица каде што била чифликсајбиската кула поради што денес не можат да се видат нејзините остатоци.
Некои од околните жители за блиските соседни села Долгаец и Маргари сметаат дека се основани од Мијаци - сточари. Како показател за мијачкото потекло на ова село од околните жители често се наведува изгледот на градбата на куќите кои само во ова село и Маргари се целосно од камен, за разлика од околните соседни села како Рилево и други кои користат и непечена тула (ќерпич или плитар) во градбата. Иако, се забелелживи и некои физички црти како русост, сепак ниту во говорот, обичаите, ниту во самосвеста жителите на Маргари и Долгаец не се сметаат за Мијаци, како што е тоа случај во блиските села Папрадиште и Ореше во долината на Бабуна.
До 1912 година во Долгаец имало седум чифлици. Првиот чифлик го основал некојси Аџи-Фејзо кој бил албанец од соседното Црнилиште. Тој овде најпрвин бил селски полјак, а потоа станал чифлик-сајбија. За него се вели: „Малу земја купил, а повеќето го заграбил“. После неговата смрт чифликот го поделиле неговите синови и внуци и така настанале седум чифлици. Земјата од чифлиците била купена од селаните во 1912 година. Муново Бачило е на планината северно од селото. Таму до 1950 година со стока доаѓале Каракачани од околината на Штип. На оваа планина повремено стока чувале и Власи од Крушево. Во летата во педесеттите години на XX век на Муново Бачило паселе волови и коњи од Долгаец и 500 овци од државната задруга од Секирци, а во текот на есента штом престане жегата на планината престојувале и овците од Долнени. Долгаец многу настрадало во Првата светска војна. Тогаш бугарската војска стрелала или обесила 180 негови жители.[3] Во селото постои крушата крај заедничката гробница (западно од селото) на која бугарската војска со денови држеле обесени тела, меѓу кои и на жени и деца. По Првата светска војна во Долгаец бил подигнат споменик на овие жртви на Масакр во Долгаец кој бил срушен во 1941 година за време на Втората светска војна. Селска слава е Свети Никола „талалеј“ (18 мај). Бројот на домаќинства во текот на XX век изнесувал: 59 во 1921 г., 86 во 1948 г., 95 во 1961 г., 81 во 1971 г. Во 1954 година во селото Долгаец имало вкупно 88 домаќинства.[3]
Стопанство
уредиГлавната стопанска гранка со која се издржува населението на Долгаец е земјоделството. Според составот на атарот, во поглед на земјоделството Долгаец има мешовите функција.[4] Населението во селото Долгаец се занимава претежно со полјоделство, одгледување на тутун, житни култури, а се произведува и сирење. Од аспект на поледелството забележливи се новите трактори и земјоделска механизација која се употребува од неколкуте семејства кои живеат во новоизградени куќи во селото. Најзастапени културикои се одлгедуваат се тутун, жито односно пченица, јачмен и пченка, потоа градинарски култури како компир, кромид, пиперки и патлиџани (поради изобилството на вода), зелка. Долгаец располага со извонредни услови за сточарство. На целиот потег западно и североисточно од Маргари кон Долгаец и во правец кон Стровија и Црнилиште има пространи пасишта со изобилство на вода која се слева од падината на Даутица, на кои пасе многу стока која се одгледува во селото. На овој предел нарчеен Муново Бачило кој е на планината северно од селото до 1950 година со стока доаѓале Каракачани од околината на Штип, а на оваа планина повремено стока чувале и Власи од Крушево. Во летата во педесеттите години на XX век на Муново Бачило паселе волови и коњи од Долгаец и 500 овци од државната задруга од Секирци, додека во текот на есента штом престане жегата на планината престојувале и овците од Долнени.[3] Најмногу се одгледуваат овци, кози и крупен добиток како крави, телиња и волови, од чие млеко се прави сирење, а месото често се продава во Прилеп. Застапено е и живинарството преку одгледување на домашни птици како кокошки и гуски. Падините на Даутица изобилуваат и со густа дабова шума која се користи за сеча на дрво за огрев. Забележлива е сè поголемата земјоделско стопанска активност во Долгаец, преку многуте грижливо и убаво обработени ниви, новите трактори и механизаицја и неколкуте нови и модерно изградени куќи, кои се доказ дека животот полека се враќа и во ова село.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Долгаец било село со 64 домаќинства и 261 жители Македонци.[6]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Долгаец имало 680 жители Македонци и 10 Роми.[7] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во селото имало 480 жители Македонци.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Долгаец се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 60 куќи.[9]
За време на Првата светска војна Долгаец бил вклучен во општина Костинци и имал 306 жители.[10]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 450 Македонци.[11]
За време на бугарското фашистичко владеење во Македонија за време на Втората светска војна, на 12 декември 1943 година, се основувал читалиште „Св. Климент Охридски“ од месните селани со претседател Петре Поп Трајков и секретар Андон Јосифов.[12]
Во селото во периодот 1941-1944 година функционирало народно основно училиште по име „Иван Вазов“.[13]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 70 жители, сите Македонци.[14]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 41 жител, од кои 39 Македонци и 2 лица без податоци.[15]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 690 | 480 | 636 | 650 | 566 | 381 | 195 | 106 | 101 | 70 | 41 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[16]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[17]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[19]
Родови
уредиДолгаец е македонско село.
Според истражувањата од 1954 година, родови во селото се:
- Староседелци: Бадламовци (10 к.), Поповци (10 к.), Деспотовци (9 к.), Лозановци (8 к.), Цветановци (6 к.), Кубуровци (4 к.), Анѓеловци (3 к.), Богоевци (3 к.) и Суљовци (1 к.)
- Доселеници со познато потекло: Младеновци (16 к.) доселени се од село Винце, за кое жителите не знаат кај се наоѓа, но сепак веројатно тоа е кумановското село Винце, единствено со такво име во Македонија; Дошлаковци (9 к.) доселени се од денес албанското село Норово, Крушевско. Доселени се средината на XIX век, го знаат следното родословие: Иван (жив на 50 г. во 1954 година) Стеван-Ристе-Богдан, кој се доселил; Крапјанци (2 к.) доселени се како посинети по мајка во родот Суљовци. Доселени се од поречкото село Крапа.[3]
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Долнени од 1955 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Костинци.
Избирачко место
уредиСелото е опфатено во избирачкото место бр. 1478 од изборната единица 5 според Државната изборна комисија, сместено во зградата на поранешното училиште.[20]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 30 гласачи.[21]
Културни и природни знаменитости
уреди- Манастириште — црква од средниот век;
- Мезиница — населба и некропола од римско време;
- Расипана Црква — црква и некропола од непознат период;
- Црквиште — црква од непознат период;
- Тумба — населба од неолитско време.
- Реки
- Цркви[24]
Иселеништво
уредиПознати се следните иселеници од Долгаец: Бујуковци и Мајмуновци или Ветовци живеат во Зрзе. Од родот Богоевци има иселеници во Прилеп. Доста жители се иселиле особено во периодот помеѓу 1961 и 1971 година, најмногу во Скопје и Прилеп.
Личности
уредиРодени во Долгаец
- Христо Поп Трајков - игумен на Трескавец од 1862 година.
- Тома П. Павлев - убиен во септември 1905 година од четата на српскиот војвода Глигор Соколов.[25]
- Христо Гаврилов - кметски намесник на селото во периодот помеѓу 1941-1944 година.[26]
- Љубе Дамев Најдоски (р.1921) - убиен 1942 година во село Крапа од директен терор.[27]
Галерија
уреди-
Поглед на селото
-
Куќи во селото
-
Патот кон Маргари
-
Мост на Долгаечка Река
-
Долгаечка Река низ селото
-
Традиционална куќа во селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Видоески, Божо (1971). Македонската топонимија како извор за историската дијалекторлогија на македонскиот јазик (Зборник: IV Заседание на меѓународната комисија за словенска ономастика. изд.). Скопје: МАНУ.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина (српски). Београд: Српска академија наука и уметности. стр. 378–379.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Патрија. стр. 100.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 79
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 72-73.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 245.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 148-149.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 21.
- ↑ „Списък на населените места в Македония, Моравско и Одринско, София 1917“.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ ЦДА – Софија, фонд 264К, опис 2, а.е. 6912
- ↑ Државен весник на Бугарија, број 180, 15 август 1942.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 1 април 2020.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“ (PDF). Посетено на 1 април 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. ISBN 9989649286.
- ↑ Јован Ф. Трифуновски, Битољско - Прилепска котлина, Антропогеографска проучавања, Београд 1998
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 18. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Весник „Пелистерско ехо“, број 92, 1943.
- ↑ ДАРМ Ф.1095
- ↑ https://www.muzejgenocida.rs/images/ZrtvePub/Mak.pdf