Фер

(Пренасочено од Феер)


Фер (германски: Föhr; фериншки севернофризиски: Feer; дански: Før) — еден од Севернофризиските Острови на германскиот брег на Северното Море. Претставува дел од округот Северна Фризија, во сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн. Фер е втор најголем остров во Северното Море во Германија и омилено одредиште за туристи. Градот и единаесет други општини се наоѓаат на островот. Климата е океанска со умерени зими и релативно свежи лета.

Фер
Feer, Föhr, Før
Сателитска снимка на островот
Географија
МестоВаденско Море
Координати54°43′N 8°30′E / 54.717° СГШ; 8.500° ИГД / 54.717; 8.500
АрхипелагСевернофризиски Острови
Поголеми островиЗилт, Фер, Амрум
Површина82,82 км2
Должина12 км
Ширина6,8 км
Највисоко место13 м
Држава
Покраина Шлезвиг-Холштајн
ОкругСеверна Фризија
Демографија
Население8.592 (1 декември 2010)
Густина104 /km2 (269 /sq mi)
Етнички групиГерманци, Фризи, Данци
Дополнителни податоци
Мреж. местоwww.foehr.de

Станувајќи населба уште во неолитот, Фер бил дел од копното на Северна Фризија до 1362 година. Тогаш, брегот бил уништен од силна бура и биле создадени неколку острови, а помеѓу нив и Фер. Северните делови на Фер се состојат од мочуришта, додека јужните делови се состојат од песочни делови. Од средниот век до 1864 година, Фер потпаѓал под данска власт во рамките на Војводството Шлезвиг, но потоа бил предаден на Прусија како последица на Втората шлезвишка војна. Поморството долго била единствена стопанска дејност, но постепено земјоделството и туризмот станувале важни економски чинители. До островот може да се дојде со автомобил преку патнички ферибот или преку аеродромот.

Покрај германскиот јазик, дијалект на севернофризискиот јазик, фериншкиот дијалект, се говори исто така на островот. Неколку писатели имаат пишувано на фериншки.

Географија

уреди

Фер се наоѓа југоисточно од Зилт; втор најголем германски остров во Северното Море. Помеѓу оние германски острови кои се достапни само преку брод или авион (без мост, тунел или насип кој ги поврзува со копното), Фер е најнаселен и има најголема површина.

Фер е наречен „Зелениот остров“ поради тоа што е заштитен од бурите на Северното Море од неговите соседи, Зилт и Амрум, па така растителноста на Фер е голема во однос на другите острови. Широк е 6,8 километри и долг 12 километри; површината изнесува 82,82 км². Додека северните делови се мочуриште, југот се состои од повисоки делови. Највисоката точка изнесува 13 метри над морето и се наоѓа на раб помеѓу селата Ниблум и Мидлум. Поголемиот дел од селата на Фер се наоѓаат во јужниот дел. Во мочуриштата може да се сретнат бројни фарми, кои се преселиле од селата во текот на 1960-тите години.

До поплавата Гроте Мандренке (Grote Mandrenke), Фер не бил остров туку дел од копното, поврзан со морето преку длабоки плимни потоци.

Фер, како и околните острови, е омилено туристичко одредиште. Од фериботскиот терминал се протега долга песочна плажа од околу 15 километри долж јужниот брег на Фер и половина од западниот брег. Во северниот и северозападниот дел се наоѓа првата заштитна зона на Националниот парк Ваденско Море.

Населението на Фер брои 8.592 жители (до 1 декември 2010 г.).[1] Единствен град на островот е Вик на југоисточниот брег, кој е омилено приморско одморалиште. Дополнително, има шеснаесет мали села на Фер, кои се распоредени во единаесет општини. Тие припаѓаат на општинската заедница Фер-Амрум:

Локална посебност е дека скоро сите имиња на местата завршуваат со -ум, што означува „дом“.[2]

Клима

уреди

Фер е под влијание на умерена океанска клима. Корисните ефекти од локалната клима и морската вода го инспирирале лекарот Карл Хеберлин (1870–1954) од Вик да развие третмани за климатотерапија и таласотерапија на почетокот на XX век. Станал пионер во овие дисциплини во Германија.[3]

Клима на Вриксум (просеци: 1961–1990)
Показател Јан Фев Мар Апр Мај Јун Јул Авг Сеп Окт Ное Дек Годишно
Просечна температура (°C) 1,1 0,9 3,0 6,4 11,0 14,4 15,8 16,1 13,8 10,3 5,7 2,4 8,4
Просечно кол. врнежи (мм) 61,6 36,2 48,4 41,7 44,2 63,1 68,8 70,8 88,2 97,5 97,4 74,9 792,8
Сончеви часови (месечно) 42,4 71,0 110,2 169,8 229,3 229,7 213,4 213,6 139,5 89,3 50,0 38,1 1.596
Извор: Германска временска служба[4]

Историја

уреди

Повисоките делови на Севернофризиските Острови, распослани помеѓу мочуриштата, привлекле доселеници кога морското ниво се искачило кон крајот на неолитот. Гробниците и неколкуте артефакти пронајдени на Фер сведочат за ова.

 
Лембексбург (Lembecksburg), прстенест ѕид од IX век

Кога Фризите ја населиле областа на Северна Фризија во текот на VII век, нивните први населби биле подигнати на Фер, според археолошките пронајдоци. Поранешниот слабо населен остров доживеал стрмен раст на населението. Голема количина на накит која потекнува од Скандинавија и била пронајдена во гробиштата посочува жива врска со северна Европа.[5] Од времето на Викинзите се зачувани неколку прстенести ѕидови, меѓу кои е и Лембексбург (Lembecksburg).[6]

Данската пописна книга на кралот Валдемар II прикажува две административни единици на Фер во тоа време. Вестерхарде Фер на времето бил прибежиште на пиратите.[7] Во 1368 година, Вестерхарде, кој го вклучувал и Амрум, бил доделен на грофовите од Холштајн под надзор на витезот Клаус Лембек. Во 1400 година, Харде се предал на кралицата Маргарет I и останал во рамките на округот Рибе. До 1864 година, западниот дел на Фер, заедно со Амрум, припаѓале на данските енклави во Северна Фризија, додека Остерланд и Вик припаѓале на Војводството Шлезвиг откако се повлекле од данското кралство во 1420-тите години. Заедно со Видингхарде, Бекингхарде, островот Штранд и Зилт, Остерланд во 1426 година ja потпишал „Желбата на седумте единици“ (германски: Siebenhardenbeliebung) со војводата Хајнрих IV од Шлезвиг, во која се наведувало дека единиците ќе ја задржат нивната судска автономија.

Во 1523 година, северните делови на Фер биле заштитени од морето со брани и се добиле нови 22 хектари земја.[8] Почнувајќи во 1526 година, протестантската Реформација започнала да се воведува на Фер, која завршила во 1530 година.

Во XVII век била основана приватна поморска школа во Зидеренде од свештеникот Рихардус Петри, која била прва од ваков вид на островот. Ја подобрила состојбата на поморското население и наскоро биле отворени и други поморски училишта. Иако Петри ја водел школата во Зидеренде, тој никогаш не пловел на море. Меѓутоа, Ешелс (1757–1842) пишувал, дека во неговата младост, изучувањето на поморство помеѓу младите било неомилено, бидејќи потсетувало на елитизам.[9] Сепак, овие поморски училишта уживале добар углед и подалеку од островот.[10] Подоцна, китоловството претставувало златна гранка за Фер. Во текот на XVII и XVIII век, повеќето холандски и англиски китоловски бродови имале екипаж составен од Фризи од овие острови. Околу 1700 година, Фер имал околу 6.000 луѓе, а 1.600 од нив биле китоловци.[11] При врвот на холандското китоловство во 1762 година, 1.186 поморци од Фер служеле на холандските бродови на Гренланд и Свалбард и 25% од сите морнари на холандските бродови биле луѓе од Фер.[12] Кон крајот на XVIII век, илјада морнари, 150 команданти меѓу нив, живееле на Фер. И денес можат да се видат нивните украсени куќи во Ниблум и Зидеренде. Таканаречените „зборувачки гробови“ во гробиштата на трите цркви на Фер говорат за нивниот живот. Со опаѓањето на бројот на китови, сè помалку луѓе оделе на брод и луѓето на Фер повторно се насочиле на земјоделство. Познати морнари од Фер се Матијас Петерзен (1632–1706) и Јенс Јакоб Ешелс.

Меѓутоа, кога нивните фарми давале недоволни приходи за семејствата во средината на XIX век, многу луѓе од Фер одбрале да емигрираат во Северна Америка. Главно се населиле во Калифорнија каде чувале живина и во Њујорк каде основале свои бизниси. Други фактори за заминувањето од островот биле невработеноста и задолжителната воена обврска воведена од Прусија по освојувањето на островот по Втората шлезвишка војна.[13]

 
Поглед на плажата во Вик во 1907 година

По 1842 година, кога кралот Кристијан VIII го одбрал Фер како негова летна резиденција, островот станал омилено туристичко одредиште.

Во текот на Втората шлезвишка војна, данскиот командант Ото Кристијан Хамер, престојувал во Вик на Фер и успеел да ги одбрани Севернофризиските Острови од австриските и пруските поморски сили.[14] На крајот бил фатен од прускиот мајор Ернст фон Притвиц и Гафрон. На 17 јули 1864 година, додека Хамер бил на море, 250 австриски војници се истовариле на Фер и го окупирале островот до ноември 1864 година.[15] По војната и подоцнежната Австриско-пруска војна, Прусија ја припоила Шлезвиг-Холштајн во 1867 година и Фер станал дел од пруската Покраина Шлезвиг-Холштајн.[16]

Трите села Утерзум, Витзум и Хедехузум биле единствените кои гласале за Данска во втората зона за време на Шлезвишкиот референдум во 1920 година; сепак бидејќи не се наоѓале на самата граница тие останале во Германија.

На 1 јануари 2007 година поранешните општински заедници Фер-Ланд, Амрум и слободниот град Вик на Фер се споиле во општинската заедница Фер-Амрум.

Јазик и култура

уреди

Јазик

уреди

Голем дел од населението во западниот дел на островот говори, покрај германски, локален дијалект на севернофризискиот јазик познат како фериншки (Föhring). Потоа, фериншкиот е поделен на два поддијалекти на Вестерланд и Остерланд Фер. Во Остерланд позастапен е долногерманскиот јазик отколку фериншкиот, додека во Вик традиционален јазик е стандардниот германски.

Во текот на китоловството од XVII и XIX век, многу поморци од Фер ги промениле нивните фериншки имиња во холандски, бидејќи им било попрактично за нивната работа во странство. Исто така, многу холандски заемки биле донесени во фериншкиот дијалект во тоа време и сè уште се користат и денес.[17]

Постојат различни толкувања во однос на потеклото на името Фер (Föhr) и неговото првобитно фризиско име (Feer). Моменталните етимолошки студии покажуваат дека имињата на Фер и на Амрум потекнуваат од поморската традиција.[18] Друго можно потекло е фризиското feer кое означува „неплодно“ и се однесувало на површината на островот. До XIX век овие делови биле под силно влијание на подзоли.[19]

Традиција

уреди
 
Традиционална женска облека

На специјални настани, главно во западните делови на островот, жените носат традиционални облеки. Неколку популарни обичаи се зачувани на Фер, како Бикебренен (Biikebrennen) на 21 февруари со голем оган и Тамсен (Tamsen, именуван по Апостол Тома) на 21 декември каде младите луѓе изведуваат шеги едни на други преку криење на работи.

Во божиќниот период постои специјален вид на божиќно дрво на Фер и на другите Севернофризиски Острови, т.н. „кенкенбум“ (kenkenbuum). Се состои од дрво украсено со венец од зелени листови. Внатрешните делови имаат фигури направени од тесто, вклучувајќи животни и Адам и Ева.[20] На Нова година, група луѓе се облекуваат во костуми и одат од куќа до куќа за другите да го погодат нивниот вистински идентитет. Според нивната возраст ним им се даваат слатки или алкохолни пијалаци. На фериншки, оваа традиција е наречена ütj tu kenknin; луѓето од Вик ја нарекуваат Rummelrotje. Се споредува со Hulken на Амрум.

Уметност, книжевност и музика

уреди

Олуф Брарен (1787–1839), сликар на наивна уметност, е роден во Олдзум. Иако главно неприметен во текот на животот, неговата уметност станала многу популарна во XX век. Денес, постојат неколку професионални сликари кои работат на Фер и во Алкерзум, каде има музеј кој изложува од познати меѓународни сликари.[21]

Постојат неколку фериншки писатели, меѓу нив и Стине Андрезен (1849–1927) која бил поетеса и писателка од Вик, чија книжевност се однесува на нејзиниот роден остров. Таа ја објавувала нејзината поезина на германски и на фериншки. Во 1991 година била објавена новелата „Темна свадба“ (Jonk Bradlep) на Елин Никелсен. Со тоа, таа ја добила првата Севернофризиска книжевна награда.[22]

Меѓународно успешниот рок бенд Stanfour е основан на Фер.

Островот има своја химна „Саканиот остров Фер“ (Leew Eilun Feer).

Сообраќај

уреди
 
Патнички и автомобилски ферибот го напушта островот.

До островот може да се дојде со автомобилски ферибот кој тргнува од пристаништето на копното Дагебил и стигнува до градот Вик (со 10-12 испловувања на ден, а времето на патување е околу 45 минути). Фериботското пристаниште Дагебил е поврзано со германската патна и железничка мрежа. Исто така, постојат и чести фериботи од Фер кон соседниот остров Амрум (околу 1 час патување) како и сезонски патнички фериботи до Зилт и до хализите.

Автобуска линија го поврзува Вик со сите други села на островот. Исто така, до Фер може да се дојде и со мал авион преку леталиштето.

Економија

уреди

Економијата на Фер е главно зависна од туризмот. Земјоделството, главно сточарството, игра важна улога. Пристаништето во Вик поседува неколку рибарски бродови за школки.

Знаменитости

уреди

Знаменитостите во градот се камбанаријата (подигната во 1886 година), како и шеталиштето Зандвал (Sandwall).

Фризиските обичаи и историјата на Фер се прикажани во Фризискиот музеј на Карл Хеберлин, чиј влез е направен од коски на китови.

Цркви

уреди
 
Црква Св. Јован во Ниблум

Островот поседува три средновековни цркви од XII и XIII век. Постојат црквата Св. Никола во Вик-Болдиксум, Св. Јован во Ниблум и Св. Лаврентиј во Зидеренде. Блиските гробишта содржат необични споменици, кои прикажуваат житија и слики.

Ветерници

уреди

На Фер може да се најдат пет ветерници, две од нив во Вик (холандска ветерница наречена Венти Амика (Venti Amica) од 1879 година во стариот град и извадена ветерница од халигот Лангенес во музејот), како и една во Вриксум (осумаголна холандска ветерница), една во Боргзум (осумаголна холандска ветерница, повторно изградена во 1992 година, откако претходната градба била уништена во пожар) и една во Олдзум (осумаголна холандска ветерница од 1901 година). Сите се во приватна сопственост, освен извадената ветерница и ветерницата во Вриксум.

Мрестилишта на патки

уреди

Во мочуриштата може да се посетата шест мрестилишта за патки. Првпат направени во XVIII век, овие вештачки езерца обезбедувале разонода за морските капетани и бродските офицери во текот на зимата. Подоцна, езерцата биле користени за фаќање на голем број диви патки. Во езерцето кај Ефенум, повеќе од 3 милиони патки биле фатени од неговото поставување во 1735 година, а од 1885 до 1931 година фабрика во Вик произведувала месо од патки. Месото било извезувано низ целиот свет.[23]

Ваденско Море

уреди
 
Пристанишна фока

Целото море околу Фер може да биде означено како знаменитост. Главно северниот дел од морските брани, но и калливите рамнини обезбедуваат огромни површини за сите видови на морски птици. Во текот на сезоната, огромни јата на птици одмораат на Фер и на соседните острови. Понекогаш, особено по тешки зимски бури, пристанишните фоки можат да бидат забележани на плажите.

Плажата долж јужниот брег е омилена за пливање. Исто така, при ниска плима возможно е пешачење од Амрум до Фер.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Zahlen, Daten, Fakten“ (германски). Амт Фер-Амрум. 7 декември 2010. Архивирано од изворникот на 2012-11-29. Посетено на 2015-02-20.
  2. Timmermann, Ulf, "Nordfriesische Ortsnamen". In: Munske 2001, стр. 373
  3. Zacchi, "Dr. Carl Häberlin". Menschen von Föhr. pp. 44–49.
  4. „Frei zugängliche Klimadaten“ (германски). Германска временска служба.
  5. Bantelmann, Albert. Landschaft und Besiedlung Nordfrieslands in vorgeschichtlicher Zeit. Geschichte Nordfrieslands (германски). стр. 15–56, 46. ISBN 3-8042-0759-6.
  6. Lembecksburg Архивирано на 26 декември 2008 г. (на германски).
  7. Panten, Albert. Die Nordfriesen im Mittelalter. Geschichte Nordfrieslands. стр. 57–102, 71. ISBN 3-8042-0759-6.
  8. Kunz, Harry; Albert Panten. Die Köge Nordfrieslands. ISBN 3-88007-251-5.
  9. Eschels, Jens Jacob (1983). Lebensbeschreibung eines alten Seemannes (германски). Хузум: Husum Druck- und Verlagsgesellschaft. стр. 173–4. ISBN 3-88042-201-X.
  10. Faltings, Volkert F., уред. (1985). Kleine Namenkunde für Föhr und Amrum (германски). Хамбург: Helmut Buske. стр. 31. ISBN 3-87118-680-5.
  11. Zacchi, Menschen von Föhr. p. 13.
  12. Faltings, Jan I., Föhrer Grönlandfahrt .... p. 17.
  13. Walker, Alaister G. H. "Extent and Position of North Frisian". на: Munske 2001, стр. 264–265
  14. Hansen, Christian P.; Reinhold Janus (1998). Sieben Jahre auf Sylt: Tagebücher des Inselfriesen Christian Peter Hansen (германски). Wachholtz. ISBN 978-3-529-02209-8.
  15. Roeloffs, Brar C. (1984). Von der Seefahrt zur Landwirtschaft. Ein Beitrag zur Geschichte der Insel Föhr (германски). Нојминстер: Karl Wachholtz Verlag. стр. 333–339. ISBN 3-529-06184-0.
  16. Faltings, Jan I., Föhrer Grönlandfahrt .... p. 30.
  17. Faltings, Jan I., Föhrer Grönlandfahrt .... pp. 37–40.
  18. Timmermann, Ulf, "Nordfriesische Ortsnamen". In: Munske 2001, стр. 370
  19. Bonsen, Uwe (1971). „Geographie von Föhr“. Во Hansen, Margot and Nico (уред.). Föhr – Geschichte und Gestalt einer Insel (германски). Минстердорф: Hansen & Hansen. стр. 25.
  20. „Der "Jöölboom" (германски). Söl'ring Foriining. Архивирано од изворникот на 2010-01-26. Посетено на 2015-02-28. Слика и опис на Jöölboom користена на Зилт.
  21. Nagar, Mira (31 август 2008). „Eine Kunstsammlung für die Insel“ (германски). Schleswig-Holsteinischer Zeitungsverlag. Архивирано од изворникот на 2012-09-09. Посетено на 2015-02-28.
  22. Nickelsen, Ellin (1991). Jonk Bradlep (германски). Бредштет: Nordfriisk Instituut. ISBN 978-3-88007-175-9. Архивирано од изворникот на 2016-03-03. Посетено на 2015-02-28. (на германски и фериншки).
  23. Faltings, Jan I., Föhrer Grönlandfahrt .... pp. 36–37.

Надворешни врски

уреди