Анемија, малокрвност или слабокрвност, — нарушување на крвта кое се јавува како последица на поголемо губење на крв, намалено производство или прекумерно уништување на црвените крвни клетки (еритроцити). Името „анемија“ започнало да се употребува во 19 век, а потекнува од грчките зборови „ан“ (негација) и „хаима“, што во превод би значело „без крв“.[1]

Анемија
СпецијалностХематологија Уреди на Википодатоците
Крвен филм од анемија со дефицит на железо

Видови анемија

уреди

Анемијата може да се појави како акутна или како хронична. Поблагиот облик на анемија предизвикува само мали непријатности, како: замор, слабост, тромост и главоболка, а за лекување на оваа анемија е доволно само да се промени начинот на исхрана. Но, хроничната анемија може да доведе до сериозни здравствени проблеми. Постојат неколку видови анемија:[2]

  • Сидеропенична анемија. Таа е предизвикана од недостаток на железо во крвта, а се појавува поради недоволно внесување на овој минерал или поради негова намалена апсорпција во организмот. Најчесто се јавува кај доенчињата и децата до тригодишна возраст, кај трудниците и доилките, како и кај жените со обилна менструација.
  • Мегалобластична или пернициозна анемија. Таа е последица на недостиг на витаминот Б12 или фолна киселина, што пак најчесто е поврзано со атрофичен гастритис или губење на функцијата на париеталните клетки, кога доаѓа до намалување или престанок на производството на еритроцити.
  • Апластична анемија. Таа претставува сериозно нарушување на крвта, а е предизвикана од некативност или оштетување на коскената срцевина.
  • Хемолитична анемија. Таа е нус-производ на некои автоимуни болести, кога доаѓа до зголемено уништување на еритроцитите. Овој тип анемија може да биде и наследен.

Причини за појава на анемија

уреди

Постојат повеќе причини коишто може да доведат до намалување на еритроцитите во крвта:[3]

  • Телото не произведува доволно еритроцити. Поголемиот дел од крвните клетки се создаваат во коскената срцевина. Во градбата на еритроцитите и на хемоглобинот клучна улога имаат материите што се содржат во исхраната, а особено значење има железото без кое организмот не може да произведе доволно хемоглобин. Исто така, покрај железото, за производство на еритроцитите се потребни и витаминот Ц, фолната киселина итн.
  • Обилно крвавење. Ако, поради некоја причина, дојде до обилно крвавење при што организмот губи повече крв отколку што може да произведе еритроцити, тогаш доаѓа до анемија. На пример, анемијата може да се појави по породување, поради обилно менструално крвавење, гастроинтестинално нарушување, подолго користење аспирин и други нестероидни антивоспалителни лекови итн.
  • Намалено производство или уништување на еритроцитите поради болест. Некои болести, како леукемија, рак, ХИВ, ревматиден артритис, Кронова болест итн., може да резултираат во намалено производство или уништување на еритроцитите.

Во продолжение, зголемен ризик од појава на анемија имаат: доенчињата, децата до тригодишна возраст, постарите луѓе, хроничните пациенти, алкохоличарите, работниците изложени на отровни хемикалии, луѓе кои боледуваат од анорексија или булимија, луѓето со позитивна семејна анамнеза на анемија итн.

Дијагностицирање и симптоми

уреди

Симптомите на анемијата се разликуваат, во зависност од типот и степенот на заболувањето, општата состојба на организмот и возраста. Најчести симптоми се: слабост, замор, намалена концентрација, чести промени во расположението, втроглавица, главоболка, брмчење во ушите, краток здив, слаб апетит, бледило на кожата, слаба циркулација (студени раце и нозе), забрзана и неправилна работа на срцето, болка во градите, кршливост на ноктите итн. Најчесто, анемијата се дијагностицира преку лабораториска анализа на крвната слика, при што особено внимание се посветува на бројот на еритроцитите, нивото на хемоглобин, количеството на железо во крвта и големината на еритроцитите.[1]

Анемијата и исхраната

уреди

За превенција на анемијата важна улога има исхраната, којашто треба да биде богата со железо (зоб, леќа, грав и другите мешункасти растенија, цвекло, пиперки, зелен лиснат зеленчук, интегрални житарки, јаткасти плодови, суви сливи и кајсии, темно чоколадо итн.). Исто така, витаминот Ц има голема улога во апсорпцијата на железото. Во случај на анемија треба да се избегнува поголемо внесување калциум, којшто ја намалува апсорпцијата на железото во крвта, а истиот негативен ефект го имаат и производите што содржат танин (чај, кафе, газирани пијалаци итн.).[4]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 М.А.М., „Не игнорирајте ги главоболките и слабоста на организмот“, Здравје, понеделник, 13 февруари 2017, стр. 4.
  2. М.А.М., „Не игнорирајте ги главоболките и слабоста на организмот“, Здравје, понеделник, 13 февруари 2017, стр. 6-7.
  3. М.А.М., „Не игнорирајте ги главоболките и слабоста на организмот“, Здравје, понеделник, 13 февруари 2017, стр. 4-6.
  4. М.А.М., „Не игнорирајте ги главоболките и слабоста на организмот“, Здравје, понеделник, 13 февруари 2017, стр. 7.

Надворешни врски

уреди
Класификација
П · Р · П
Надворешни извори