Рибарци (Битолско)
Рибарци — село во Општина Новаци, во околината на градот Битола.
Рибарци | |
Поглед на селото | |
Координати 41°01′04″N 21°28′05″E / 41.01778° СГШ; 21.46806° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Новаци |
Население | 78 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7211 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02102 |
Надм. вис. | 540 м |
Слава | Ѓурѓовден |
Рибарци на општинската карта Атарот на Рибарци во рамките на општината | |
Рибарци на Ризницата |
Потекло и значење на името
уредиПрвпат името на селото било запишано како Рибарци во турски документи во XV век. Името веројатно доаѓа од занимањето рибар, образувано со суфиксот -ци, што може да се поврзе со близината на Црна Река.[2]
Покрај близината со Црна, во непосредна близина на селото до 1950-тите години се простирало Рибарско Блато (или Битолска Бара), остаток од некогашното Пелагониско Езеро. Додека постоело блатото од левата страна на реката, селаните ловеле многу риби, па затоа и името на селото произлегло од богатството и ловот на риби, кои биле одредница за селаните.[3]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во јужниот дел на Битолското Поле, од левата страна на Црна Река, во западниот дел на територијата на Општина Новаци.[4] Селото е рамничарско, на надморска височина од 540 метри. Низ селото поминува регионалниот пат 2340, кој води за битолско Мариово и се движи низ Пелагонија. Од градот Битола е оддалечено 14 километри.[4] Од општинското средиште Новаци е оддалечено 3 километри.[3]
Селото е сместено во источниот дел на Пелагонија, источно од градот Битола. На север се граничи со селото Новаци, на југ со Гнеотино, на запад со Логоварди, додека на исток со непостоечкото село Биљаник.
Западно од селото се наоѓало пространото Рибарско Блато, додека источно од селото се наоѓаат ливади и ниви. Географската местоположба на мештаните им нуди добри стопански услови.[5]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Смаилица, Музга, Стари Лозја, Барите, Дагулица, Бојаџица, Блато, Брегои, Долно и Горно Газало, Љокојца и Крстоите (на граница со Логоварди), Црквиште, Влајкови Врби и Влајково Лозје.[5]
Селото има издолжен тип во насока север-југ. Одредени делови на селото се состојат од групи на роднински куќи.[5]
Историја
уредиЈужно од селото, на оддалеченост околу 500 метри, се наоѓа месноста Црквиште, на кое денес се наоѓаат ниви. На тоа место, мештаните ископувале темели на куќи, делови од големи земјени ќупови и гробови. Самите мештани велат дека таму порано се наоѓало старото село.[5] Со текот на годините, селото се преместило на денешната положба.
Денешното село не е многу старо село. Тоа е основано во втората половина на отоманскиот период, поради што во селото нема староседелски родови.[5]
Селото првпат се споменува во турски документи од 1468 година.[5] Во Продромскиот поменик од XV-XVIII век издаден од Григорович е забележано Рибарци Горни.
Во отоманскиот период, во селото се наоѓале неколку чифлици, кои биле во сопственост на Ибраим, Кантарџија, Петракот и други.[5]
За време на Илинденското востание, на 8-9 август во Рибарци и неколку околни села биле запалени неколку беговски кули.
На 5 јули 1908 година, во Рибарци е извршен колеж од страна на грчките андарти. Според кажувањата на постарите жители, андартите биле од соседното село Суводол. Андартите ноќта го нападнале селото, го ограбиле населението и потоа започнале со масакрот. Во колежот 25 селани биле жестоко убиени, меѓу кои и четири жени и три деца, а неколку жители биле ранети. Тогашниот младотурски комитет испратил 100 лири во знак на помош на населението кое настрадало од овој напад.[3]
За време на Балканските војни и Првата светска војна во околината на селото се воделе жестоки борби бидејќи се наоѓало на самиот Солунски фронт. Голем дел од населението во овој период го напуштило селото.
Во текот на овие војни, поголемиот дел од населението се раселил во други места, поради што во него останале само два рода, Сотировци и Плашиторба. По завршувањето на Првата светска војна, бројот на населението започнал да се зголемува. Во него биле населени 12 српски семејства, кои до 1941 година се занимавале со свињарство и одгледување на винова лоза. Во текот на Втората светска војна, во селото се населиле голем број семејства од Железник.[5]
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 7 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 643 хектари, па затоа има полјоделска функција. Во селото работи продавница.[4]
Во селото имало неколку чифлици, кои на самиот крај на турската власт биле во посед на Ибраим, Кантарџија, Петракот и други. По заминувањето на отоманската власт, земјата дел била купена, а дел државата им ја доделила на новите доселеници.[5]
До истекот на блатото во 1954 година жителите на селото се занимавале со рибарство и плетење на рогузини од шамокот што растел во блатото.[3]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Рибарци живееле 210 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Рибарци имало 160 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Рибарци се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 25 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[9]
Селото е мало, коешто во 1961 година броело 223 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 146 жители, од кои 143 биле Македонци, а тројца жители Срби.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото Рибарци живееле 130 жители, сите Македонци.[10]
Во 2008 година по неофицијални податоци во селото живееле 110 жители, додека во 2019 година селото броело околу 80 жители.[3]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 78 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 210 | 160 | 165 | 178 | 223 | 224 | 235 | 161 | 146 | 130 | 78 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиРибарци е македонско православно село, додека за време на српската окупација, српските власти населиле неколку колонистички семејства, воглавно од Србија. Сите родови во селото се доселенички.[5]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1953 година родови во селото се:
- Постари македонски родови: Сотировци (2 к.) и Плашиторба (1 к.), овде живеат од турско време, местото на потекло не го знаат.
- По 1913 година се населиле следните македонски родови: Менкини (1 к.), доселени се во 1920 г. од селото Цапари; Тодорови (1 к.), доселени се 1921 г. од селото Буф кај Лерин; Петревци (1 к.), доселени се 1926 г. од селото Мешеишта кај Охрид; Гиковци (1 к.), доселени за време на Втората светска војна од селото Мислешево кај Струга, најпрво во селото Горно Агларци, па во Рибарци; Биновци (1 к.), доселени се пред Втората светска војна од селото Горно Пожарско, кај Воден, најпрво се населиле во Горно Агларци, a потоа во Рибарци околу 1941; Апостоловци (3 к.), Крстевци (1 к.), Србиновци (1 к.) и Сиљановци (1 к.), доселени се 1942 г. од селото Церово во Железник; Стефановци (1 к.), Мојсовци (1 к.), Лозовци (1 к.) и Колевци (1 к.), доселени се 1942 г. од селото Боиште во Железник; Петровци (1 к.), доселени се пред Втората светска војна од селото Нерези во Дримкол; Мечовци (1 к.), доселени се 1942 г. од Мренога во Железник; Вељановци (1 к.), доселени се 1945 г. од селото Церово во Железник; Лозановци (1 к.) и Јаневци (1 к.), доселени се 1948 г. од селото Боиште во Железник и Лозановци (1 к.), доселени се 1948 г. од селото Вирово во Железник.
- Српски колонистички родови се : Раденковци (1 к.) и Манчевци (1 к.), доселени се 1928 од селото Камик, кај Пирот; Киш (1 к.), потекнуваат од Унгарец доселен како слуга во 1936 година. Овде се оженил со Србинка од Пирот; Пауновиќ (1 к.), доселени од село Доња Пожега, Србија, живееле и починале во Рибарци.
Иселеништво
уредиВо 1941 година биле иселени осум српски колонистички семејства од страна на бугарските власти.[5]
Се знае за следниве иселеници од селото: Ресуловци (6 к.), Коџобашовци (4 к.) и Поповци (3 к.) се преселиле во селото Логоварди за време на Балканските војни; Ранакот (1 к.) заминале во Оптичари, а родот Темелковци (3 к.), потекнуваат од домазет кој заминал во селото Путурус во 1895г.[5]
Бројот на иселеници од селото изнесува над 100 жители. Најмногу се иселени во Битола и во прекуокеанските земји.[3]
Општествени установи
уреди- Основно училиште „Славко Лумбарковски“, подрачно петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Славко Лумбарковски“ - Новаци
Самоуправа и политика
уредиВо XIX век, Рибарци било село во Битолската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Новаци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел на некогашната Општина Новаци.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Новаци.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Новаци, во која покрај селото Рибарци, се наоѓале и селата Балдовенци, Биљаник, Врановци, Гнеотино, Горно Агларци, Грумази, Добромири, Долно Агларци, Мегленци, Новаци, Ново Село, Долно Орехово, Паралово, Суводол и Тепавци. Селото било дел од некогашната општина Новаци во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Биљаник, Добромири, Новаци и Рибарци.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0165 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 85 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 86 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[18]
- Тумби — населба од неолитско време;
- Во Селото — осамен наод од римско време; и
- Смаилица — населба од римско време.
- Цркви[19]
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — главната селска црква.
Редовни настани
уреди- Ѓурѓовден — главна селска слава
Личности
уреди- Родени во или по потекло од Рибарци
- Методија Стојановски — воен комесар
- Душан Гиковски — партизан
- Момчило Манчевски — партизан
- Сисоја Петровски — партизан
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 146. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2021-12-01. Посетено на 2021-11-29.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 259. Посетено на 29 ноември 2021.
- ↑ 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 5,11 5,12 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 237
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 168-169.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 13.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 ноември 2011.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 29 ноември 2021.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 41. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.