Речани (Челопечко)

село во Општина Кичево

Речани (именувано и како Речани - Челопечко) — мало село во областа Рабетинкол, во Општина Кичево, во околината на градот Кичево.

Речани

Сретселото на Речани

Речани во рамките на Македонија
Речани
Местоположба на Речани во Македонија
Речани на карта

Карта

Координати 41°30′27″N 21°4′8″E / 41.50750° СГШ; 21.06889° ИГД / 41.50750; 21.06889
Регион  Југозападен
Општина  Кичево
Област Рабетинкол
Население 14 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6258
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12064
Надм. вис. 660 м
Речани на општинската карта

Атарот на Речани во рамките на општината
Речани на Ризницата

Етимологија

уреди

Речани под тоа име било првпат споменато во турски документи од XV век. Потеклото на името доаѓа од хидронимот „река“ и додавката „-јани“ со значење жители на река, луѓе населени покрај река. Другиот дел од името го добива поради близина до селото Челопеци, со цел да се прави разлика со истоименото село во близина на Зајас.[2]

За да се разликува од селото близу Зајас во минатото било нарекувано и Чифлик-Речани.[3]

Географија и местоположба

уреди
 
Улица во селото

Селото се наоѓа во областа Рабетинкол, во Кичевската Котлина и во крајниот источен дел на територијата на Општина Кичево, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Македонски Брод.[4] Селото е ридско, на надморска височина од 660 метри. Од градот Кичево е оддалечено 15 километри.[4]

Ова мало село е сместено на левиот брег на Рабетинска Река, притока на Треска. Околни села се Миокази, Орланци, Светораче и други.[5] Сместено е западно од планината Песјак.

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Старец, Турчинов Камен, Чистина, Гавранов Камен, Лаки, Рабетинска Река, Дуњи, Подувач, Манастириште, Еѓупски Гробишта, Попоа Нива, Солиште, Коловозиште, Митроа Нива, Крстои, Крив Орев, Вис, Огради и Зад Рид.[5]

Селото има збиен тип. Постојат четири групи на куќи наречени по родовите: Костовци, Дејановци, Булиовци и Танасковци.[5]

Историја

уреди
 
Илинденски споменик во близина на селото (десно од асфалтниот пат кон него)

Околу Речани се сретнуваат старини и специфични топоними, кои укажуваат дека селото постоело уште одамна. На повеќе месности (Вис, Огради и други) се ископани стари гробови, за кои мештаните тврдат дека не се нивни.[5]

Месноста Манастириште на кој извира изворот Калуѓеров Кладенец се наоѓа над селото, околу 1 километар. На рамнина со дабова шума се сретнуваат руини од ѕидови, за кој се верува дека таму се наоѓал некогашниот манастир „Св. Врачи“, кој подоцна бил пренесен во Светораче. Ова се случило откако Речани било заземено од некој ага во Кичево.[3][5]

Во историските извори се споменува под истото име во втората половина на XV век.[5]

Преданието говори дека некогаш селото се наоѓало близу самата Рабетинска Река, на месноста Дуња. Но, реката тоа село го однела, поради што селаните изградиле куќи на повисоко земјиште. На селиштето се наоѓа црква и во околните ниви се забележуваат темели од куќи.[5]

Во XIX век, Речани било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

За време на Илинденското востание во 1903 година, близу Речани, се водела борба во месноста Подувач. Во борбата загинале 37 Македонци од околните села, а шест од нив биле од Речани.[5] На тоа место денес е подигнат споменик.

Селото било запалено во 1907 година поради четничко-комитски акции.[5]

Стопанство

уреди

Атарот зафаќа простор од 5,8 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 456 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 71 хектар, а на пасиштата 45 хектари.[4]

До крајот на отоманската власт, обработливата земја во атарот на селото била на аги. Селаните ја добиле дури под свое дури во српско време.[5]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948142—    
1953156+9.9%
1961133−14.7%
1971113−15.0%
198158−48.7%
ГодинаНас.±%
199124−58.6%
199431+29.2%
200222−29.0%
202114−36.4%

Според податоците од 1873 година, селото имало 9 домаќинства со 38 жители христијани (Македонци).[6]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Речани имало 120 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Речани имало 128 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Речани се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 15 куќи.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 150 Македонци.[10]

Селото е мало, населено со македонско население, но е во фаза на целосно раселување. Така, во 1961 година броело 133 жители, а во 1994 година само 31 жител.[4]

Според пописот од 2002 година, во селото Речани живееле 22 жители, сите Македонци.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 14 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 120 128 142 156 133 113 58 24 31 22 14
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Родови

уреди

Речани е чисто македонско православно село. Најстар род е Костовци, иако селото постоело и пред нивното доселување. Сепак, во селото не се зачувани староседелски родови.[5]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се: Костевци (10 к.), најстар род во селото доселени се почетокот на XIX век од селото Рабетино, таму им се род Дојчиновци. Го знаат следното родословие: Христаќија (жив на 66 г. во 1961 година) -Мисајл-Силјан-Коста, основачот на родот кој се доселил од Рабетино; Дејановци (5 к.), потеклото им е од Охридско, родот го основал Тодор. Тодор во старината направил беља па пребегнал најпрво во Македонски Брод, но таму не се задржал долго туку се префрлил во Речани. Во Дејановци го знаат следното родословие: Козмо (жив на 70 г. во 1961 година) -Иван-Дејан-Тодор. По Дејан го носат името; Танасковци (2 к.) доселени се од Македонски Брод, дошол Атанаско, тој во Речани бил голем сточар имал околу 1000 овци и Булиовци (5 к.) доселени се после Танасковци од поречкото село Девич.

Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[3] Костевци (4 к.), доселени се од селото Рабетино; Таневци (3 к.), доселени се од Македонски Брод; Неделковци (1 к.), доселени се од Требино во Порече; Стефановци (3 к.), доселени се од Македонски Брод. Сите кои дошле од Порече биле на чифлик во Лактиње, но таму му работеле на бегот бесплатно, па побегнале во Речани и Билбиловци (1 к.), доселени се од селото Требино во Порече.

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Вранештица.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Орланци, во која покрај селото Рабетино, се наоѓале и селата Дупјани, Козичино, Крушица, Миокази, Орланци, Патец, Речани, Светораче и Челопеци. Речани во периодот 1950-1952 се наоѓало во некогашната Општина Светораче, во која тогаш влегувале селата: Дупјани, Козичино, Крушица, Речани, Рабетино, Светораче и Патец.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0810 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на селскиот дом.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 17 гласачи.[17]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 18 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Св. Никола“
Цркви[19]
Споменици
  • Илинденски споменик во месноста Подувач

Личности

уреди
Родени во или со потекло од Речани

Иселеништво

уреди

Од селото се има иселено староседелскиот род Поп Симоновци (1 к.) за време на отоманскиот период, кога отишле во селото Орланци. Исто така, родот Софевци се преселил во селото Раштани. Големо иселување од селото настапило по Втората светска војна.[5]

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 126.
  3. 3,0 3,1 3,2 Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 258. Посетено на 17 декември 2020.
  5. 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 5,11 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 19–20.
  6. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 90-91.
  7. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 257.
  8. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 156-157.
  9. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 35.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 декември 2020.
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 27 ноември 2020.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 19 декември 2020.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди