Кладник

село во Општина Кичево

Кладник — село во областа Копачка, во Општина Кичево, на патот помеѓу градовите Кичево и Демир Хисар. До март 2013 година, селото било дел од поранешната Општина Другово, која била споена со Општина Кичево.

Кладник

Поглед на селото

Кладник во рамките на Македонија
Кладник
Местоположба на Кладник во Македонија
Кладник на карта

Карта

Координати 41°26′26″N 20°58′19″E / 41.44056° СГШ; 20.97194° ИГД / 41.44056; 20.97194
Регион  Југозападен
Општина  Кичево
Област Копачка
Население 12 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6255
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12031
Надм. вис. 930 м
Слава Голема Богородица
Кладник на општинската карта

Атарот на Кладник во рамките на општината
Кладник на Ризницата

Потекло на името

уреди

Се верува дека жителите побегнале од старото село Лакаица, кое било пониско во шумата. Во шумата, жителите направиле колиби користејќи клади („пресечено или паднато парче дрво без гранки“).[2] Оттука доаѓа и денешното име на селото.[3]

Географија и местоположба

уреди
 
Куќи во селото

Селото се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, од десната страна на реката Треска и од патот Кичево-Демир Хисар.[4] Селото е планинско, на надморска височина од 930 метри. Од градот Кичево е оддалечено 18 километри.[4]

Селото се наоѓа во сливното подрачје на Беличка Река, сместено на надморска височина над 900 метри. Околни села се: Козица на југозапад, Карбуница на север и Староец на североисток.[5]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Цоцан, Корита, Пониква, Снежоец, Лакаица, Каца, Рибарица, Белег Дол, Леко Рид, Лукоа Падина, Манчев Рид, Лиња Вода, Марина Падина, Дрманоец, Калуѓеров Пат, Икона, Езеро, Кољи Дол, Бабен и други.[5]

Селото има збиен тип. Постојат Горно и Долно Маало. Горно Маало е поголемо и поглавно. Во маалата, родовските куќи се поблизу една со друга и се групирани. Поголемите групи се именувани како Бајдевци, Силјановци, Калајџиовци и Ѓорѓиовци.[5]

Историја

уреди

На три месности околу селото се наоѓаат остатоци од некогашни куќи и гробови. Тоа се Ѓорѓејца, Снежоец и Корита. По народното предание, таму живеело словенско население.[5]

И Кладник се споменува како старо село во Кичевската Котлина. Под истото име се споменува во турските пописни дефтери од 1476/77 година, како дел од Кичевската нахија и имало 10 словенски христијански куќи.[5]

Подоцна, се верува дека ова село било напуштено, а денешното село било обновено од страна на доселеници од селото Лакаица во соседната долина на Беличка Река веројатно кон крајот на XVIII век. Селото Лакаица повеќе не постои. Од него дошле 2-3 домаќинства.[5]

За време на турската власт, селото повремено било напаѓано и ограбувано. Во тоа учествувале и муслиманите од некогашното село С’лп, како и од Другово и Зајас.[5]

Во XIX век, Кладник било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

Стопанство

уреди
 
Спомен-плоча за загинатите во Илинденското востание
 
Поглед кон Горно Маало

Атарот зафаќа простор од 15,1 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.012 хектари, на пасиштата отпаѓаат 330 хектари, а на обработливото земјиште 149 хектари.[4]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[4]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948411—    
1953379−7.8%
1961273−28.0%
1971164−39.9%
198182−50.0%
ГодинаНас.±%
199127−67.1%
199425−7.4%
200220−20.0%
202112−40.0%

Според податоците од 1873 година, селото имало 36 домаќинства со 124 жители христијани (Македонци).[6]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Кладник имало 380 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Кладник имало 608 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Кладник се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 60 куќи.[9]

Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Кладник:[10]

Домаќинства Гурбетчии Писмени Неписмени
мажи жени вкупно мажи жени вкупно
75 82 99 23 122 136 205 341

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[11]

Кладник е мало село, кое што во 1961 година броело 273 жители, а во 1994 година само 25 жители, од кои 23 биле Македонци.[4]

Според пописот од 2002 година, во селото Кладник живееле 20 жители, сите Македонци.[12]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 12 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 480 608 411 379 273 164 82 27 25 20 12
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови

уреди

Кладник е македонско православно село. Поголемиот број родови во селото се староседелски, односно доселени од раселеното село Лакаица.[5]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:

  • Староседелски: Сиљановци (10 к.), Степановци (5 к.), Митревци (4 к.) и Коруновци (4 к.), кои слават Свети Никола. Нивните предци се дојдени од некогашното село Лакаица и овие се сметаат за основачи на селото; Бајдевци (15 к.), Калајџиовци (8 к.), Ѓоргиовци (7 к.) и Ѓоревци (3 к.), слават Петковден. И предците на овие родови најпрвин живееле во Лакаица и исто така се сметаат за основачи на селото.
  • Доселенички: Шешмевци (5 к.), кои потекнуваат од предок кој дошол од селото Суво Грло.

Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се: Сиљановци (11 к.), Митревци (3 к.), Крстевци (4 к.), Степановци (5 к.), Ѓоревци (7 к.), Ѓорѓиовци (11 к.), Калајџиовци (9 к.) и Грујовци (3 к.), за сите се мисли дека побегнале од старото село Лакаица; Семчевци (3 к.), доселени од Суво Грло; Стојчевци (6 к.), доселени, но не знаат од каде и Бојдевци (12 к.), доселени од старото село.[3]

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Другово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1950-1955, селото било дел од тогашната Општина Мало Црско, во која покрај селото Кладник, се наоѓале и селата Велмевци, Големо Црско, Мало Црско, Прострање и Цер.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0770 според Државната изборна комисија, сместено во приватна просторија.[17]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 8 гласачи.[18] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 8 гласачи.[19]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 8 гласачи.[20]

Личности

уреди

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Поглед кон главната селска црква „Успение на Пресвета Богородица“
Археолошки наоѓалишта[24]
  • Ѓурѓејца — населба и некропола од доцната антика;
  • Корита — населба и некропола од римско време; и
  • Лакајца — средновековна црква и некропола.
Цркви[25]
Спомен-плочи

Редовни настани

уреди

Традиционално, во селото има прослави и собири за:

Иселеништво

уреди

Иселени родови се: Ѓормалески (6 к.), кои живеат во Србјани; Николовци (5 к.) и Музаревци (3 к.), кои живеат во Орланци; Ристески (2 к.) и Кузевци (2 к.), кои живеат во Челопеци; Терзиовци (2 к.), кои живеат во Лисичани; Цветановци (1 к.), кои живеат во Староец; Стефановци (1 к.), кои живеат во Атишта. По Втората светска војна, од селото се иселиле над 20 домаќинства, поголемиот дел од живеат во Кичево.[5]

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. „Клада“. www.makedonski.info. Посетено на 2019-01-28.
  3. 3,0 3,1 „Кичевија - Тома Смиљаниќ (1926) - Кичево“. Кичево. 2018-05-16. Посетено на 2018-11-25.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 150. Посетено на 28 јануари 2019.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 5,8 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 101–103.
  6. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.92-93.
  7. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 256.
  8. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 154-155.
  9. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 35.
  10. Стойчева, Станислава. Аспекти на грамотността на българското население в Македония (1878 – 1912), Македонски преглед, година ХХХVІІІ, 2015, кн. 2, с. 76.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 јануари 2019.
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 28 јануари 2019.
  18. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2021-03-12. Посетено на 28 јануари 2019.
  19. „Референдум 2018“. Посетено на 28 јануари 2019.[мртва врска]
  20. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  21. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  22. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  23. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  24. Коцо, Димче (1996). Археолошка картаг на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  25. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди