Прждево
Прждево — село во Општина Демир Капија, во близина на градот Демир Капија.
Прждево | |
Поглед на селото | |
Координати 41°25′12″N 22°09′57″E / 41.42000° СГШ; 22.16583° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Демир Капија |
Население | 120 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1440 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | 18026 |
Надм. вис. | 230 м |
Прждево на општинската карта Атарот на Прждево во рамките на општината | |
Прждево на Ризницата |
Потекло и значење на името
уредиПред основањето на селото, на денешната местоположба се наоѓала шума. Со населувањето на селаните, шумата нагло почнала да се сече, раскопува, како и да се гори густата шума. Горењето или „пржалењето“ на шумата било толку интензивно, што и буквално местото останало изгорено (пржалено), па и селото го добило името - Прждево.
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во западниот дел на територијата на Општина Демир Капија, сместено на десниот брег на реката Вардар.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 230 метри, а од градот Неготино е оддалечено 12 километри.[2] Од градот Демир Капија, селото е оддалечено 10 километри.
Селото се наоѓа на место каде што се соединуваат Вешка Река и Лопатички Дол (Наново), сместено на благите падини на проширената долина. Прждево е затскриено зад еден рид од главниот пат. Во селото се наоѓаат чешмите: Чешало, Мамудица, Сулинар, Бурга, Сулинарка, Љутова, Коцова и Хуткина. Под месноста Лопатица се наоѓа изворот Наново, каде порано се наоѓале четири чешми. Иако селото има повеќе чешми и извори на вода, сепак во селото нема доволно вода во одредени периоди од годината.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Тикленик, Рамниште, Ливадиште, Цуцул, Горна Лојза, Слапо Рамниште, Локва, Габровец, Даги Дол, Лопатица, Порови, Џаферица, Средни Рид, Калуѓера, Долна Лојза, Брегови, Врежот, Конанец, Слатина и Барје.[3]
Селото има збиен тип, поделено на три маала: Горно, Долно и Средно Маало.[3] Покрај овие три маала, се споменуваат и Кршиплод и Масларково Маало.
Прждево се одликува со традиционална градителска архитектура.[4]
Историја
уредиСелото најпрво било христијанско, пред да доселат муслиманските родови кон крајот на XVIII век, кои избегале од селиштето Слатина поради нападите на Арнаути.[3]
Старото село Слатина била населба која се наоѓала на десниот брег на реката Вардар во близина на сегашното Прждево.
На 6 октомври 1944 година, при повлекувањето на германските фашистички единици, од селото бил извршен масакр врз населението.[5]
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 22,4 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.243 хектари, на пасиштата отпаѓаат 630 хектари, а шума речиси и да нема.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во селото работат услужни објекти.[2]
Селаните биле добри земјоделци и во турско време работеле на свои ниви, распослани по ритчињата и во рамницата покрај Вардар. Во Прждево постоеле бројни дуќани.[3]
Денес, ова село е едно од поголемите производители на црвен пипер, во кое има фабрика за обработка, сушење и производство на пиперот.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Прждево имало 1.765 жители, од кои 500 Македонци христијани, 1.200 Македонци-муслимани и 65 Роми.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Прждево имало 560 жители.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[8]
Селото е средно по големина, но со намалување на населението. Така, во 1961 година селото имало 668 жители, од кои 633 биле Македонци, а 32 жители Турци. Во 1994 година, бројот се намалил на 316 жители, од кои 301 биле Македонци, 7 Турци и по четири жители Срби и Роми.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Прждево имало 235 жители, од кои: 210 Македонци, 23 Турци, 1 Србин и 1 останат.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 120 жители, од кои 68 Македонци, 2 Турци, 33 Роми, 1 останат и 16 лица без податоци.[10]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Прждево:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Срби | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | 636 |
1953 | 592 | 0 | 28 | 4 | 0 | 4 | — | 628 |
1961 | 633 | 0 | 32 | — | 1 | 2 | — | 668 |
1971 | 523 | 19 | 58 | 0 | 6 | 3 | — | 609 |
1981 | 419 | 0 | 26 | 0 | 3 | 36 | — | 484 |
1991 | 296 | 0 | 12 | 12 | 6 | 5 | — | 331 |
1994 | 301 | 0 | 7 | 4 | 4 | 0 | — | 316 |
2002 | 210 | 0 | 23 | 0 | 1 | 1 | — | 235 |
2002 | 68 | 0 | 2 | 33 | 0 | 1 | 16 | 120 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
уредиПрждево било мешано муслиманско-христијанско македонско село.[3]
Родови во селото:
Според истражувањата на Воислав Радовановиќ во 1924 година родови во селото се:
- Македонски христијани:
- Староседелци: Масларковци (1 к.), Самарџијовци (1 к.), Боцевци (3 к.), Соколовци (4 к.), Марковци (1 к.), Катараловци (1 к.), Спидевци (1 к.), Коцовци (1 к.), Самарџијовци-Монтевци (2 к.), Кујунџијовци (1 к.), Пиперовци (1 к.), Поповци-Пинџеровци (12 к.), Тасевци (3 к.), Стефановци (1 к.) и Бошковци (1 к.).
- Доселеници: Шоповци (1 к.), доселени се од Штипско, кон крајот на XVIII век; Ваташани (1 к.), доселени се од селото Ваташа; Баровци (1 к.), доселени се од селото Барово; Деловци (1 к.), доселени се од селото Војшанци, а таму од селото Долни Дисан; Ориларци-Бањански (1 к.), доселени се од селото Оризари, а таму од селото Бања; Атанасовци (2 к.), доселени се од селото Тремник; Стрмашовци (4 к.), доселени се од селото Драчевица, а таму од селото Стрмашево; Деловци (1 к.), доселени се од селото Вешје, а таму од селото Ракета; Дојковци (1 к.), доселени се од селото Долни Дисан и Вешки (1 к.), доселени се од селото Вешје.
- Македонски муслимани
- Староседелци од старото село Слатина: Ќетиповци-Арслановци (17 к.), Татаровци (2 к.), Тронтевци (5 к.), Кадан-Аметовци (2 к.), Амет-Дрдовци (1 к.), Драма-Алијовци (1 к.), Башановци (2 к.), Салаховци (4 к.), Котлевци (3 к.), Мола Мемедовци (5 к.), Кара Алијовци (2 к.), Ускуновци (3 к.), Шунтевци (3 к.), Вејселовци (1 к.), Мамутаговци (4 к.), Бошњаковци (3 к.), биле дарежливи како Бошњаци, Беќировци (1 к.), Колазијовци (1 к.), Мамудовци (3 к.), Табаковци (1 к.), Амедовци (6 к.), Шетовци (2 к.), Гавренци (1 к.), Смрдлевци (3 к.), Дабевци (2 к.), Арифефендијини (2 к.), Шабановци (1 к.), Алибашовци (4 к.), Мукевци (1 к.), Мемковци (2 к.), Тајировци (1 к.), Џевелковци (3 к.), Муслијовци (4 к.), Бакевци (7 к.), Бокевци-Нолбантановци (4 к.), Ќеневци (2 к.), Бешиновци (1 к.), Љутовци (3 к.), Оџевци (4 к.), Хуткини (1 к.), Пеливановци (2 к.), Ќесеџијовци (1 к.), Бораличевци (5 к.), Мола Мамутовци (7 к.), Ќосевци (3 к.), Куртешовци (5 к.), Суџуковци (6 к.), Даутовци (1 к.), Хаџи Алиловци (1 к.), Ајтовци-Мисирковци (7 к.), Уста Асановци (1 к.), Муртовци (7 к.), Ајединовци (4 к.) и Бакалиновци (1 к.).
- Доселеници: Мала Демировци (1 к.), доселени од селото Тремник; Ибрајимовци (1 к.), доселени од селото Бистренци; Еминовци (1 к.), доселени од Радбиште кај Дебар (?); Абдиловци (1 к.), доселени од селото Бесвица; Чифлички (1 к.), доселени од селото Тремник; Хусејиновци (1 к.), доселени од селото Бистренци; Мемедовци (1 к.), доселени од селото Бесвица; Мемедовци (1 к.), исто така од Бесвица; Чебовци (1 к.), доселени од Долни Дисан и Усејиновци (1 к.), доселени од Барово.
- Турски Цигани: Турски Цигани (2 к.), дошле како ковачи во средината на XIX век, но не знаат од каде.
Иселеништво
уредиОд муслиманите во 1912 година, 5 семејства се иселиле во Турција.[3]
Општествени установи
уреди- Основно училиште „Димче Ангелов-Габерот“, подрачно петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Димче Ангелов-Габерот“ - Демир Капија
- Дом на културата
- Амбуланта
Самоуправа и политика
уредиВо XIX век, Прждево било село во Тиквешката каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Демир Капија, која била една од ретките општини која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од Општина Демир Капија.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Неготино. Селото припаѓало на некогашната општина Неготино во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Долни Дисан, во која покрај селото Прждево, се наоѓале и селата Вешје, Горни Дисан, Долни Дисан и Тремник. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната истоимена општина, во која влегувале селата Бесвица, Прждево и Тремник.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1246 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[11]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 140 гласачи.[12] На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 139 гласачи.[13]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[14]
- Богдашна Глава — градиште од железното време;
- Илинци — населба од римското време; и
- Слатина — средновековен сакрален објект.
- Цркви[15]
- Црква „Св. Атанасиј“ — главна селска црква.
- Џамии[3]
- Во минатото во Средно и Долно Маало постоеле џамии.
- Споменици
- Споменик во чест на НОБ
Редовни настани
уреди- 24 мај — селскиот панаѓур на денот на просветителите Св. Кирил и Методиј
- Секоја година третиот ден од Велигден се испраќа на симболичен начин
Култура и спорт
уредиВо селото работел фудбалскиот клуб ФК „Пијанац“.
Галерија
уреди-
Сретселото
-
Спомен-плочи на споменикот
-
Панорама на селото
-
Споменик на НОБ
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 242. Посетено на 27 септември 2021.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Радовановиќ, Воислав (1924). Тиквеш и Раец. Белград. стр. 326–329.
- ↑ „Стратегија за развој на туризмот во Општина Демир Капија 2020-2024“ (PDF). Општина Демир Капија. Архивирано од изворникот (PDF) на 2021-05-21. Посетено на 22 август 2021.
- ↑ Манчевски Пинџур, Лазар (1988). Аспекти на македонската борбена поезија. Скопје: Култура. стр. 83–84. ISBN 398.87(497.17):940.534.97.7(049.3) Проверете ја вредноста
|isbn=
: invalid character (help). - ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 154.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 104-105.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 септември 2021.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 28 септември 2021.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 235. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.