Ото Толнаи
Ото Толнаи (унгарски: Tolnai Ottó), (1940, Кањижа -) е современ југословенски и унгарски писател.
Животопис
уредиОто Толнаи е роден во 1940 година во Кањижа, во српската покраина Војводина. Студирал филозофија на универзитетите во Нови Сад и во Загреб. Од 1969 година бил главен уредник на списанието за култура "Új Szimposion", а од 1992 година на списанието "Ex Szimposion". Толнаи бил последниот претседател на Друштвото на писателите на Југославија.[1]
Творештво
уредиДелата на Толнаи се преведени на српски, полски, словенечки и германски јазик. Исто така, неговиот расказ "Единаесетгодишната невеста" е објавен на македонски јазик во 2009 година како дел на антологијата на унгарскиот краток расказ "Сецирање на живо", во издание на издавачката куќа "Темплум".[2]
Негови поважни дела се:[1]
- Галебовите градни коски (песни), 1963 година
- Главата на ѓаволот (роман за млади), 1970 година
- Гогољевата смрт (раскази), 1972 година
- Имре Шафрањ (монографија), 1978 година
- Цветната улица 3 (роман), 1983 година
- Рокококо (песни за деца), 1986 година
- Книга од проза (кратки раскази), 1987 година
- Топчиња правила: книга со нова проза (кратки раскази), 1994 година
- Балканскиот ловор (песни), 2001 година
- Прапрабаба од гангстерски филм од Ротердам (роман во поезија), 2006 година
Признанија
уредиТолнаи е добитник на повеќе награди, како што се:[3]
- Наградата "Сирмаи", 1988 година
- Наградата "Порака", 1991 година
- Книга на годината, 1992 година
- Наградата "Ендре Ади", 1993 година
- Наградата "Тибор Дери", 1995 година
- Наградата "Шандор Вереш", 1999 година
- Златен медал од претседателот на Република Унгарија, 2000 година
- Наградата "Миклош Радноти", 2000 година
- Наградата за паралелни култури, 2001 година
- Наградата Унгарска литература, 2005 година
- Наградата "Кошут", 2007 година