Атанас Велковски
Атанас Стојанов Велковски ( 1921 во Оризари (Скопје) — 1945 во Будровци, Хрватска) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]
Животопис
уредиПотекнувал од сиромашно селско семејство. Завршил основно училиште, а подоцна се занимавал со земјоделство. Бил мобилизиран од бугарските фашистички окупатори. Во септември 1944 година избегал од фашистичката единица и стапил во Осмата прешевска бригада, со која се упатил кон Скопска Црна Гора. Потоа веднаш учествувал во битките што ги водела бригадата со балистите. До ослободувањето на Скопје, учествувал во тешките борби против балистите и Германците. Потоа заминал за Косово, каде исто така учествувал во чистењето и конечното ликвидирање на балистичките банди.[1][2] По овие борби заминал за Срем. Бил водник во втората чета од вториот баталјон на Шеснаесеттата македонска ударна бригада. Во составот на бригадата учествувал во пробивот на фронтот и во борбите кај Товарник, Винковци, Врпоље и многу други места. Во борбата за ослободување на Будровци, во Хрватска, во април 1945 година храбро загинал. Бил закопан на борбената позиција.[1]