Орел (село)
Орел — село во областа Овче Поле, во Општина Свети Николе, во близина на градот Свети Николе.
Орел | |
Поглед кон селото | |
Координати 41°56′17″N 21°58′29″E / 41.93806° СГШ; 21.97472° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Свети Николе |
Област | Овче Поле |
Население | 9 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2220 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 24026 |
Надм. вис. | 420 м |
Слава | Ѓурѓовден |
Орел на општинската карта Атарот на Орел во рамките на општината | |
Орел на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во областа Овче Поле, во северниот дел на територијата на Општина Свети Николе.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 420 метри. Од градот Свети Николе е оддалечено околу 11 километри.[2] Орел е вгнездено во подножјето на ридот Скок, а низ него поминува Орелска Река.
Селото се наоѓа во долина, на работ од самата котлина. Местоположбата му е многу слична со селата Мечкуевци, Ранченци и други. Во минатото мештаните се снабдувале со вода за пиење од три чешми: Долномаалска, Горномаалска и Коцева. Надвор од селото постоело кладенче.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Скок, Шип, Ковчези, Џандриви Нивје, Широка Падина, Барбаш, Трска, Бела Вода, Грнчар, Лозја, Ѓерен, Брегово, Средни Рид, Главиница, Пештерица, Градиште, Соколица, Цуцул и Ѕидини.[3]
Селото има збиен тип и е поделено на три маала: Долно, Горно и Средно Маало. Во маалата постојат помали родовски групи на куќи.[3]
До селото води асфалтиран пат, кој се двои од регионалниот пат Свети Николе-Куманово.
Историја
уредиОрел е населен уште од железното време, за што сведочи наоѓалиштето Градиште на 500 м северно од селото.[4] На месноста Ѕидини покрај куќите во западниот дел на селото, според кажувањата на мештаните се наоѓале некогашните куќи. Таму се наоѓа и кладенче.[3] На истата месност е пронајдена и могила од римско време.[4]
Селото било мешано со турски и македонски куќи во моментот на Балканските војни. Турците живееле во Средно и Долно Маало, додека Македонците биле населени во Горно Маало. Се верува дека Македонците биле постари од Турците и дека тие тука дошле од селото Долно Ѓуѓанци.[3]
Сите Турци од селото се иселиле од него во 1912 година. Иселувањето било извршено во една ноќ наеднаш, кога селаните побегнале заедно со турската војска најпрвин кон Велес, а потоа кон Турција.[3]
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 18,1 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.052 хектари, на пасиштата отпаѓаат 598 хектари, а на шумите 94 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[2]
За време на отоманскиот период, во селото имало неколку чифлици, поседувани од бегови од Кратово, Скопје и други места. Земјата која била во посед на Турците по 1912 година била купена од постарите македонски семејства, како и доселеници.[3]
Во 1954 година, скоро половина од селскиот атар влегло во државното претпријатие „Прогрес“ со седиште во Немањици, кое ја обработувало земјата и чувало овци.[3]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Орел живееле 223 жители, од ко 125 Турци и 98 Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Орел имало 400 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[7]
Од Орел се иселил значителен дел од населението и тоа преминало од средно во мало село по големина. Во 1961 година селото броело 530 жители, а во 1994 година бројот се намалил дури на 63 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Орел живееле 45 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото Орел живееле 9 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 223 | 400 | 484 | 518 | 530 | 364 | 168 | 67 | 63 | 45 | 9 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
уредиОрел е македонско православно село, чии родови се староседелски и доселенички.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1957/58 година родови во селото се:
- Староседелци: Барабунци (12 к.), Трајан (2 к.), Дутка (2 к.), Коњарци (6 к.), Караканци (5 к.), Спасевци (1 к.) и Начевци (1 к.).
- Доселеници: Црвенковци (1 к.), доселени се во XIX век од селото Долно Ѓуѓанци; Бетувци (4 к.) и Славковци (2 к.), доселени се од селото Барбарево, Пробиштипско; Телегарци (2 к.), доселени се од селото Долно Ѓуѓанци; Баратилци (8 к.), доселени се од селото Трстеник, таму биле староседелци; Кордуновци (2 к.), доселени се пред 1912 година од селото Немањици, таму биле староседелци; Игњатовци (5 к.), доселени се од селото Крилатица, Кратовско; Наче Ќосе (2 к.), доселени се после 1912 година од селото Барбарево, Пробиштипско; Јосевци (5 к.), доселени се после 1912 година од селото Крилатица, Кратовско; Дончо (1 к.), дојден после 1912 година од селото Псача, Кривопаланечко; Вучинци (2 к.), доселени се после 1912 година од селото Добровница, Кривопаланечко; Параскевини (1 к.), доселени се после 1912 година од селото Туралево, Кратовско; Митевци (3 к.), доселени се после 1912 година од селото Барбарево, Пробиштипско; Јаќим (1 к.), доселен после 1912 година од Кривопаланечко; Ѓоринци (2 к.), доселени се во 1927 година од селото Псача, Кривопаланечко и Катранци (11 к.) и Шеќевци (2 к.), доселени се во 1922 и 1928 година од селото Немањици, изгледа таму биле староседелци.
Иселеништво
уредиТурското население (60 семејства) се иселило во Турција.[3]
Од македонското население иселеници има во Стањевци (Новаци), Куманово (од Телегарци).[3]
Општествени установи
уреди- Поранешно основно училиште, денес пренаменето во извиднички дом „Гоце Делчев“
Самоуправа и политика
уредиВо XIX век, Орел било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Свети Николе, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Свети Николе.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Свети Николе. Селото припаѓало на некогашната општина Свети Николе во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Немањици, во која покрај селото Орел, се наоѓале и селата Арбасанци, Горно Барбарево, Долно Барбарево, Макреш, Мечкуевци, Немањици, Патетино, Равници и Стануловци. Некогашната општина Немањици постоела и во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Горна Барбарево, Долно Барбарево, Макреш, Немањици и Орел.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1695 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на извидничкиот дом. Во ова избирачко место е опфатено и селото Мездра.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 16 гласачи.[14]
На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 14 гласачи.[15]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[4]
- Градиште — утврдена населба од железното време
- Долни Ливади — могила од римското време
- Ѕидини — могила од римското време
- Лиманова Корија — некропола од железното време
- Цркви[16]
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — главна селска црква
- Реки[17]
- Орелска Река — река која поминува низ селото, тече низ вештачкото езеро Мавровица и под тоа име се влива во Светиниколска Река
Редовни настани
уреди- Слави[3]
- Ѓурѓовден — главна селска слава
Галерија
уреди-
Орелска Река низ селото
-
Селска чешма
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 221. Посетено на 19 април 2021.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски, Јован (1964). Овчепољска Котлина. Загреб: Југословенска академија на науките и уметностите. стр. 731–733.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 357. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 222.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 130 - 131.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 април 2021.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 3 април 2021.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 45. ISBN 978-9989-2117-6-8.