Браќа Манаки
Браќата Манаки - Јанаки (1878-1954) и Милтон (1882-1964) биле првите филмски сниматели на Балканот.
Животопис
уредиБраќата Манаки биле родени во влашкото село Авдела, во близина на градот Гребен, Егејска Македонија. Нивниот татко бил познатиот чифликсајбија, Димитри.[1] Димитри отворено се залагал и го помагал отворањето на романски училишта и воведувањето на богослужба на влашки јазик во црквите. Од бракот со Луша Карајани му се изродиле пет деца: три ќерки Евантија, Василика и Стерјана, и двата сина Јанаки и Милтон.[1]
Јанаки е роден на 18 мај 1878 година,[2] во селото Авдела. Во службените документи за школска наобразба, работно искуство, дипломи, уверенија, потврди, како и патни исправи, за време на турската управа се употребува името Јоан, за време на српската управа е Јован, а за време на бугарската управа во 1915-1918 година е Иван. Името Јанаки го употребувале во меѓусебната семејна комуникација, но и самиот во многу писма се потпишувал како Јанаки.[3] Јанаки бил образован и талентиран за цртање, а помладиот Милтон бил темпераментен и имал голема љубов кон коњите и играта табла. По завршувањето на образованието, во 1898 година, Јанаки се вработил во гимназијата во Јанина, како професор по цртање и калиграфија, а истовремено отворил и фотографски дуќан. Така започнала нивната заедничка работа во фотографското ателје, каде Милтон го изучувал фотографскиот занает од постариот брат.
Во 1905 година, браќата се преселиле во Битола, која во тој период била важен политички, економски и културен центар на Балканот, и го отвориле познатото „Ателје за уметничка фотографија“. Во 1906 година, за време на нивното учество на големата светска изложба во Букурешт, каде се претставиле со свои фотографии, браќата Манаки за првпат се запознале со филмската камера. Потоа, Јанаки пропатувал низ повеќе европски метрополи (Виена, Париз итн.) во потрага по камера во Лондон купил филмска камера, производство на компанијата „Charles Urban Trading”, и тоа 300-тиот примерок од серијата BIOSCOPE. Така, со таа фамозна „Камера 300" започнала кинематографијата на Балканот.[4]
Браќата Манаки биле многу познати фотографи, за што сведочи и фактот дека имале свој личен заштитен печат и калиграфски потпис. Печатот, кој се чува во битолското подрачно одделение на Историскиот архив на Македонија, има кружна форма, а текстот е испишан на влашки јазик, на латинично писмо. Во средината на печатот има врежан грб над кого пишува: „Романски кралски двор (Furniborii Curtii Regale Romane)", а под грбот пишува: „Битола, Турција (Monastir, Turcia)". Наоколу на печатот пишува: „Браќа Ј. и М. Манаки - фотографи и кинематографери (Fratii I. & M. Manakia, Fotografi si Foto-Cinematografi)". Браќата Манаки го ставале печатот на пратките кои ги испраќале во странство. Се претпоставува дека, освен на влашки јазик, ист таков печат бил изработен и на француски јазик. Фактот дека во средината на печатот се наоѓа романски кралски грб упатува кон претпоставката дека печатот, можеби, потекнува од 1906 година, кога браќата Манаки учествувале со свои фотографии на големата светска изложба во Букурешт. Освен печатот, браќата имале и калиграфски потпис, кој го ставале на секоја слика, а веројатно го изработил Јанаки.[4]
Во 1915 година, кога српската војска се повлекувала од Македонија, Милтон пронашол некои пушки и ги донел во студиото за да ги користи како реквизити при сликањето. Но, кога пристигнала бугарската војска, таа ги пронашла пушките и Јанаки бил осуден на смрт. Но, бидејќи се работело за угледен граѓанин, тој бил депортиран во Пловдив, каде останал до 1919 година.[5]
Творештво
уредиВо извонредно богатиот и значаен филмски опус на браќата Манаки, останале забележани голем број значајни манифестации и личности од почетокот на ХХ-от век, како и прекрасни записи за народни обичаи, верски ритуали, прослави, како и многу познатите снимки на турските репресалии врз македонското население по Илинденското востание. Покрај работата во фотографското ателје и снимањето со филмската камера, во текот на еден период, браќата Манаки се занимавале и со киноприкажувачка дејност во нивното кино „Манаки“, кое работело од 1921 до 1939 година.
Во 1906 година, браќата Манаки се претставиле со свои фотографии на големата светска изложба, одржана во Букурешт, каде што Јанаки Манаки добил златен медал и диплома за фотографии и лица од Македонија, како и сребрен медал со диплома за фотографии од влашки цркви. Исто така, и Милтон добил златен медал и диплома за друга збирка фотографии. Потоа, по покана на кралот Карл Први, браќата престојувале во кралската летна резиденција во Синаја, каде биле назначени за официјални фотографи на кралското семејство. За време на тој престој, браќата Манаки ги фотографирале кралот Карл Први и кралицата Елизабета.[4]
Целокупниот фотографски и филмски опус на браќата Манаки е богат и премногу значаен. Неговите фактографски и естетски вредности, со одминувањето на времето се здобиваат со уште една димензија, онаа историската, и тоа не само за македонската кинематографија, туку и многу пошироко. Од нивниот опус се зачувани 7.600 стаклени плочи негативи и околу 11.000 фотографии. Нивната камера се чува во архивот на Битола, затворена во лимен орман.[5]
По повод 50-годишнината од смртта на Милтон Манаки, во Битола била поставена изложба на која бил прикажан дел од творештвото на браќата вклучувајќи и некои помалку познати фотографии. Таков бил случајот со една фотографија од 1924 година, снимена пред Црвената касарна во Битола на која се прикажани професорот во битолската гимназија Адолф Бартипан и српскиот офицер Чопи како играат шах со живи луѓе облечени во костуми како шаховски фигури, опкружени со бројна публика. На друга фотографија е прикажана воената амбуланта во Битола од 1916 година, при што, еден војник со прострелна рана позира со неговиот часовник.[5]
Историски фотографии
уреди-
Јанаки Манаки, снимен во атељето на браќата Манаки во Јанина, 1899 година.
-
Јанаки Манаки снимен на бродот кога патувал од Париз за Лондон, заради купување на филмска камера. Повраќа, поради „морска болест“. (Париз, 1905 година)
-
Јанаки Манаки снимен пред аудиенцијата кај Карол I. (Букурешт, 1906)
-
Јанаки Манаки во Пловдив. 1916-1919 (оштетена плоча)
-
Милтон Манаки со моторот марка „Индијана“ и кучињата. Битола, 1920
-
Изградбата на киното „Манаки“, Битола, 1923 година
-
Урнатините на киното „Манаки“ по пожарот. Битола, 1939
Поврзано
уреди„Браќа Манаки“ на Ризницата ? |
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Творештвото на браќата Манаки“, група автори, 1996, Скопје, стр. 19.
- ↑ Во некои документи како година на ражање се споменува 1879 година. Извор: Историски архив, подрачно одделение Битола, фонд: Браќа Манаки, АК:3, АЕ: 2/2.
- ↑ „Творештвото на браќата Манаки“, група автори, 1996, Скопје, стр. 20.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Жанета Здравковска, „Зачуван заштитниот печат на браќата Манаки", Дневник, година XVIII, број 5454, петок, 2 мај 2014, стр. 18.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Жанета Здравковска, „Во Битола пред сто години се сликале и свадби и погреби", Дневник, година XVIII, број 5409, петок, 7 март 2014, стр. 20.