Историски архив (Битола)
Одделението на Државниот архив во Битола е основано во 1954 година како општински архив. Од 1990 година станува подрачно одделение на Државниот архив на Македонија. Одделението во Битола има надлежности над имателите во општините: Битола, Демир Хисар, Могила, Новаци и Ресен со вкупно 195 иматели.[1] Ова одделение работи во нова наменска зграда, на бул. „Први Мај“ бр. 55 во Битола.
Работата на одделението
уредиОдделението располага со 916 фонда и 25 збирки. Најстариот документ е од 15 век (пергамент на стар еврејски јазик). Иако најголемиот број документи се од периодот по Втората светска војна, постои и архивски материјал со многу важни податоци за политичката, културната и стопанската историја на подрачјето на општините за кое е надлежно, како и пошироко за периодот до 1944 година. Читалната располага со 6 места за корисниците, а за нивна потреба се изработуваат ксерокс-копии.
Библиотеката располага со 3.823 книги, 163 наслови на списанија и 155 наслови на весници.
Изданија на Историскиот архив во Битола
уредиНа полето на издавачката дејност Одделението Битола ги има објавено следниве публикации:
- „Зборник на паднати борци од НОВ од Битолска околија” 1957 г.
- „11 март 1943“ по повод егзодусот на Битолските Евреи 1957 г.
- „Архив - Битола“ водич 1961г.
- „Водич низ архивските фондови и збирки во Историскиот архив Битола“ 1978г.
- „Зборник на одбрани документи за историјата на Битола 1941-1944“, 1984 г. (2 книги)
- „Документи за ограбување на црквите“, 1985г.
- Едицијата „Незаборавени“ за Трајан Велев - Гоце, Тодор Ангеловски - Строгов, 7 Македонска бригада и 9 дивизија, Елпида Караманди - Бисера, Киро Димитровски - Дандаро од 1986-1989 г.
- „Спомени и биографии на илинденци“, 1993 г
Поважни фондови
уредиПоважни фондови на одделенито во Битола се:
- „Градско поглаварство на град Битола“ 1921/1941 г
- „НОО на Битолска област“ 1944-1945 г
- „Грчко - Пелагониска митрополија Битола“ 1755 /1905 г
- „Судските фондови“ од 1919 г
- „Вакувската управа и муфтиството на битолскиот округ“ 1915- 1947 г.
- Матични книги на родени, венчани и умрени од 1801 / 1962 г
- Браќа Манаки 1898 / 1964 г.
Наводи
уреди- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2015-10-03. Посетено на 2016-01-15.