Илија Јовановски

македонски комунист, револуционер, борец за слобода на Македонија
(Пренасочено од Иле Игески)

Илија Јовановски - Цветан или познат и како Илија Игески – Цветан или Иле Игески - Цветан (Топлица, јули 1920Здуње, 28 август 1944) − македонски комунист, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ. Прогласен е за народен херој на Југославија на 2 август 1952 година.[1] Од неговите соборци, поради својата храброст, бил нарекуван „Чапаев“, по името на рускиот командант во Црвената Армија Василиј Иванович - Чапаев.[2] Цветан е еден од првите партизани кои зеле активно учество и партизан кој прв ја информирал општата јавност за почетокот на востанието во Македонија.

Илија Јовановски - Цветан
Роден Илија Јовановски
1920
Топлица, Кралство СХС, денес Македонија
Починал 28 август 1944
Здуње (Порече), Царство Бугарија, денес Македонија
убиство
Националност Македонец
Познат Народен херој, борец на НОБ и комунист
Занимање занаетчија

Животопис

уреди

Почетоци

уреди

Роден е во јули 1920[3][4] или 1921 година во село Топлица. Неговата мајка починала рано, по што неговиот татко Иге во 1923 година со своите деца се преселил во Прилеп.[5] Основното училиште го завршил во Прилеп, Од рана возраст садел тутун со неговото семејство. Бидејќи неговиот постар брат започнал да изучува занает, татко му размислувал и Илија да го прати да изучува занает. Така, Илија Јовановски започнал за изучува фурнаџиски занает. Првично продавач леб и симит. Наскоро започнал да работи и како опинчар, по што многу брзо ја завршил и вечерната школа. Дополнително на занаетчискиот дел Илија бил член и на културно-уметничкото друштво „Абрашевиќ“, каде бил член на драмската секција.[3]

Активизам

уреди

Летото 1937 година заминал да работи во Србија, каде останал речиси две години и работел како фурнаџија. Првото одредиште на Илија било Краљево, а потоа се преселил прво во Крагуевац а на крај во Аранѓеловац. Во Прилеп се вратил во 1938 година. Во 1939 и 1940 година Илија работел и го усовршувал својот занает. Додека бил во Србија станал член на УРС-овите синдикати. Во 1939 година станал член на СКОЈ. Учествувал во илинденските демонстрации во Прилеп во 1940 година, а потоа станал и член на КПЈ, по август 1940.[3]

Како член на Партијата и посветен активист на движењето, Илија извршувал поголем број задачи. Меѓу првите посериозни инциденти во кои се нашол е неговото апсење од страна на бугарската полиција. Тој бил уапсен додека пренесувал летоци до Варош, со претходно негово шпионирање. Него го мачеле во локалната полициска станица и го наведувале на признание, но тој ги издржал тортурите. Иле бил притворен цели две недели. Се зачленил во Комунистичката партија на Југославија во периодот кога работел во монополот заедно со Борка Левата. Во меѓувреме посетувале и курсеви и обуки за ракување огнено оружје.[3]

Во август 1940 бугарските окупатори му врачиле покана за отслужување воен рок. Илија со гадење гледал кон поканата и неговата квалификација како „Бугарин“. Илија не се пријавил за воен рок и чекал да се отпочнат посериозни воени партизански дејства на организацијата. Така, на 12 септември веќе добил опрема од партизанската организација и тој бил меѓу првите партизански групи во Прилеп. Тогаш го добил и своето партизански име - „Цветан“.[3] Toj е еден од првите седум прилепски партизани, кои на 12 септември 1941 година, во месноста Бидимаш на Селечка Планина, ја формирале првата партизанска чета, составена од борците: Јоска Јорданоски-Сандански, Трајко Бошкоски - Тарцан, Борка Велески - Левата, Лазо Филипоски - Лавски, Ѓорe Велкоски – Стрелката и Киро Крстески - Платник. Набрзо потоа станал борец на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“.

 
Биста на Илија Јовановски во Прилеп.

По завршувањето на акцијата на 11 октомври во Прилеп, Илија Јовановски бил испратен да ја пробие блокадата во Прилеп, да влезе внатре и да се поврзе со партиската организација. Тој е првиот партизан кој ја пробил блокадата, влегол во градот, стокмил информациски извештај и го изнел надвор од градот извештајот за акцијата на 11 октомври. Тоа е извештајот кој ја информирал македонската општа маса за почетокот на востанието во Македонија. По акцијата во Прилеп Цветан го предводел одредот од Кадин Камен, преку Топлица па до Царевиќ.[3]

На почетокот на 1942 година, Цветан и Стрелката ја преминале границата на тогашната бугарска окупирана територија на Македонија и заминале за Западна Македонија. Во селото Подмочани зеле нови илегални имиња, Стрелката го именувале како Косте, а Цветан Петре. Двајцата се претставувале како терзии од Струга. Во Преспа бил илегалец цели пет месеци и се движел во околните села. Низ селата одржувал состаноци со младината, а престојувал во црквата во Царев Двор со Јосиф Јосифовски - Свештарот. Кога во тој период се формирал Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“, тој му се приклучил како активен член. Одредот во 1942 година го зазело селото Смилево. Наскоро станал командир на чета.[3]

Во меѓувреме остварил контакти и разговатрал и со Кузман Јосифовски - Питу за поставеноста на организацијата и структурата. Цветан успешно ја извршил зададената задача, односно да премине во третата оперативна зона. На планината Караорман се формирал баталјонот „Мирче Ацев“, но Цветан веднаш бил повикан во Прилеп за да доведе друга група другари. Оваа задача ја завршува со успех, и се задржива во Генералниот штаб. Сепак, мног набрзо започнале борбите во слободната територија Дебрца. По неколку борби во Мариово се формирала и Втората македонска ударна бригада, а Цветан бил назначен за заменик-командант на баталјонот „Мирче Ацев“. На Илинден таа година се формирала Петтата прилепска бригада и Цветан бил назначен за заменик командант. Бригадата забележала почетен успех и стигнала со борбите до Порече. При борбите во Порече бригадата налетала на бугарски бункери. Бидејќи немале друг излез, бригадата јуришала кон бункерот, а Цветан бил во првиот борбен ред. Со бомби пробале да го рушат бункерот, но не успеале. Потоа Цветан пробал со оружје да го нападне бункерот, но во тој момент бил смртно ранет. Животот на Илија Јовановски згаснува на 28 август 1944 година село Здуње, Македонски Брод. Цветан не го дочекал слободен Прилеп, што пак се случило десет дена подоцна од неговата смрт.[3]

За народен херој е прогласен на 2 август 1952 година.[3]

Наводи

уреди
  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 643 стр.
  2. „Илија Игески – Цветан“[мртва врска], oldprilep
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Народни херои од Македонија, Наша книга, Скопје, 1973 г., стр. 139-143
  4. Рубин Белчески, Македонскиот Чапаев“, „Зенит“, 26 август 2010.
  5. Љубен Георгиевски-Љупта, „Македонски Чапаев: монографија за народниот херој Илија Игески-Цветан“, Скопје, 2005, 6-7 стр.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди