Аранѓеловац
Аранѓеловац (српски: Аранђеловац) – град во Србија. Градот е сместен под планината Букулја, на надморска височина од 276 метри, а зазема површина од 375,89 квадратни километри и има 48.000 жители. Аранѓеловац е оддалечен 76 километри од Белград.[1]
Природни и културно-историски знаменитости
уредиНајважни природни и културни знаменитости во Аранѓеловац и во околината се:[2]
- Селото Орашац – местото каде на 15 февруари 1804 година бил постигнат договорот за кревање на Првото српско востание и каде Караѓорѓе Петровиќ бил прогласен за водач (вожд). Во спомен на овој настан, во селото се изградени повеќе објекти, како: црквата на Вознесението Господово, спомен-школо, спомен-чешма, музеј и споменик на Караѓорѓе.
- Пештерата Рисовача – се наоѓа на влезот од Аранѓеловац, на истоимениот рид. Во неа се пронајдени фосили на бројни животни од Леденото време, како и орудија кои го потврдуваат присуството на Неандерталци. Поради своето начење, пештерата е прогласена за споменик на природата.
- Народниот музеј Аранѓеловац – со постојана изложба на предмети од историјата на градот, изложба на современа уметничка керамика итн.
- Манастирот Венчац во Брезовац – основан во 1444 година, под ктиторство на деспотот Ѓураѓ Бранковиќ Смедеревац. Манастирот, посветен на архангелите Михаил и Гаврил, повеќепати бил уништуван и обновуван, а последната обнова започнала во 2000 година. Во манастирот, оддалечен осум километри од Аранѓеловац и 10 километри од Топола, живее монашко братство.
- Набљудувачницата на врвот на планината Букулја, висока 19 метри, на надморска височина од 660 метри.
Туризам и угостителство
уреди- Во центарот на Аранѓеловац се наоѓа Буковичка бања, сместена во парк со површина од 21,5 хектари. Уште пред 1811 година, во бањата закрепнувал српскиот просветител Доситеј Обрадовиќ, а водата од бањата била носена на дворот на кнезот Милош Обреновиќ. Во рамките на бањата се наоѓа и специјалната болница за рехабилитација „Буковичка бања“.[3]
- Најпознат хотел во Аранѓеловац е хотелот „Извор“ со пет ѕвезди, сместен на површина од 32.000 квадратни метри и со капацитет од 3.500 гости. Хотелот располага со спа-центар со девет базени, со водена површина од над 1.000 квадратни метри. Во состав на хотелскиот комплекс е аква-паркот „Извор“, сместен на површина од шест хектари, со три базени со минерална вода и со најголемиот тобоган во Србија.[4]
- Други сместувачки објекти во Аранѓеловац се: гарни-хотелот „Круна“, вилата „Александар“, вилата „Видиковац“, конакот „Златни котлиќ“, детското летувалиште Букулја, етно-селото „Брестови и визија“, хотелот „Рујна зора“, комплексот „Иванчевиќ спорт“ итн.[5]
Спорт и рекреација
уредиВо Аранѓеловац се наоѓа спортскиот центар „Шумадија“, со спортска сала со капацитет од 2.000 гледачи. Исто така, во градот има отворнео лизгалиште и два коњички клуба: „Аранѓеловац“ и „Плави јахач“. Најпосле, градот е домаќин на фудбалскиот клуб „Шумадија“.[6]
Култура
уредиВо текот на летото, во Аранѓеловац се одржува културната манифестација „Мермер и звуци“.[7]
Наводи
уреди- ↑ Aranđelovac – Bukovička Banja, Srbija – Cenovnik za jesen/zimu 2013/2014. Aranđelovac: Turistička organizacija Aranđelovca, стр. 2.
- ↑ Aranđelovac – Bukovička Banja, Srbija – Cenovnik za jesen/zimu 2013/2014. Aranđelovac: Turistička organizacija Aranđelovca, стр. 4-15.
- ↑ Aranđelovac – Bukovička Banja, Srbija – Cenovnik za jesen/zimu 2013/2014. Aranđelovac: Turistička organizacija Aranđelovca, стр. 4.
- ↑ Aranđelovac – Bukovička Banja, Srbija – Cenovnik za jesen/zimu 2013/2014. Aranđelovac: Turistička organizacija Aranđelovca, стр. 3.
- ↑ Aranđelovac – Bukovička Banja, Srbija – Cenovnik za jesen/zimu 2013/2014. Aranđelovac: Turistička organizacija Aranđelovca, стр. 6-15.
- ↑ Aranđelovac – Bukovička Banja, Srbija – Cenovnik za jesen/zimu 2013/2014. Aranđelovac: Turistička organizacija Aranđelovca, стр. 14-15.
- ↑ Aranđelovac – Bukovička Banja, Srbija – Cenovnik za jesen/zimu 2013/2014. Aranđelovac: Turistička organizacija Aranđelovca, стр. 2.