Иван Топлак
Иван Топлак (Белград, 21 септември 1931 - Марибор, 26 јули 2021)[1] бил југословенски фудбалер, тренер, професор по фудбал на Универзитетот во Стенфорд (Калифорнија-САД), селектор на југословенската репрезентација и реномиран фудбалски експерт.
Кариера
уредиИграчката кариера ја започнал во Словенија, во јуниорските категории на екипата на Браник од Марибор, а потоа се етаблирал во Одред од Љубљана (1951-1954). Во сезоната 1953/54, тој постигнал 14 голови на 25 првенствени натпревари за тимот, но не успеал да ги спаси од испаѓање од елитните редови. Сепак, благодарение на своите одлични перформанси тој преминал во редовите на белградските црвено-бели. За екипата на Црвена ѕвезда (8 август 1954 - 11 декември 1960 година) одиграл 120 натпреварувачки натпревари и притоа постигнал 70 голови, со што станал 13-ти стрелец во историјата на клубот (вкупно одиграл 210 натпревари, со постигнати 144 голови). Во „црвено-белиот“ дрес 4 пати го освојувал Југословенското фудбалско првенство: 1956, 1957, 1959, 1960. Покрај 10 одиграни натпревари и 12 постигнати гола за младата репрезентација (1955-1956), одиграл и еден натпревар за најдобрата репрезентација на Југославија На 28 ноември 1956 година против репрезентацијата на Англија (0:3) во Лондон.[2][3]
Веќе во првата сезона 1954/55, тој бил најдобар стрелец на тимот во првенството со 14 гола од 23 натпревари. Колку бил успешен говорел и податокот дека тој бил стрелец во тоа првенство на дури пет од шесте натпревари против најголемите ривали. Тој постигнал гол еднаш на натпреварите против екипите на Партизан (2:1 и 4:1), Хајдук од Сплит (2:2 и 1:4) и Динамо Загреб (3:2), а постигнал по два гола против составите на Железничар (6:1). и загрепска Локомотива (4:0). Топлак во осминафиналето од Купот им донел победа од 3:2 на црвено-белите во Загреб против екипата на Динамо, постигнувајќи два гола.
Првата титула со екипата на Црвена ѕвезда ја освоил во сезоната 1955/56, кога постигнал 12 голови на 24 натпревари и бил втор стрелец на тимот, веднаш зад Бора Костиќ, кој 14 пати успеал да ги совлада противничките голмани. Клубот завршил со пет бода повеќе отколку ривалот Партизан. Иван двапати успеал да ги совлада голманите на екипите на Вележ (3:1) и Сараево (3:2) и повторно бил кобен за загрепскиот клуб Динамо, постигнувајќи гол во победата од 4:1 во Белград. Топлак имал исклучителен настап во Купот на Југославија во 1955 година, кога на три натпревари постигнал дури 10 голови. Пет пати постигнал гол против екипата на Раднички во Крагуевац (9:1), двапати во осминафиналето против составот на Сараево (4:2) и трипати во четвртфиналето против екипата на Динамо од Загреб (4:1). Иван бил убедливо најдобар стрелец на тимот во најмасовното натпреварување, но составот на Црвена ѕвезда била сопрена од белградскиот тим на БСК (0:4) во полуфиналето од тоа натпреварување.
Екипата на Црвена ѕвезда за првпат настапувала во Купот на европските шампиони во сезоната 1956/57 и веднаш стигнала до полуфиналето. Иван Топлак двапати бил стрелец на вкупно пет натпревари. Првиот пат на првиот натпревар на стартот од натпреварувањето против холандскиот тим на Рапид од Херлен и вториот пат против истиот противник, но на возвратниот натпревар (4:3 и 2:0). Во првиот полуфинален натпревар против екипата на Фиорентина (0:1) во Белград, тој се повредил во 33 минута по дуелот со италијанскиот репрезентативец Черват. Тој не можел да го продолжи натпреварот, па екипата на Црвена ѕвезда до крајот на натпреварот настапувала со десет фудбалери, бидејќи тогаш немало можност за никакви промени. Тоа решително влијаело на конечниот резултат. Возвратниот натпревар во Фиренца завршил без голови. Титулата државен првак била одбранета со четири бода предност пред второпласираната екипа на Војводина. Таа сезона Топлак постигнал 6 голови на 12 натпревари. Тој продолжил да биде ноќна мора за екипата на загрепски Динамо против кој уште еднаш бил стрелец со победничкиот гол во 80та минута за резултат од 1:0.
Во новиот европски поход на екипата на Црвена ѕвезда во Купот на шампионите 1957/58 година, Топлак одиграл пет натпревари и ја погодил мрежата на средбата со екипата на Норчепинг (2:2) во првиот осминафинален натпревар. Во четвртфиналето тимот бил запрен од познатата екипа на Манчестер Јунајтед, таканаречените „бебињата на Безби“ (1:2 и 3:3), кој за жал доживеале тешка авионска несреќа во близина на градот Минхен, веднаш по натпреварот одигран во Белград. Најголемиот дел од познатите фудбалери на екипата на Манчестер Јунајтед погинале во таа авионска несреќа.
Топлак во првенството на Југославија во 1957/58 година успеал вкупно девет пати да биде стрелец и уште еднаш да биде втор реализатор на тимот. Во нерешените натпревари против екипата на Партизан постигнал три гола, првиот пат во првиот дел од сезоната (2:2) и двапати во вториот дел од сезоната (2:2). Тој ја пропуштил речиси целата сезона 1958/59 поради воениот рок во ЈНА, но екипата на Црвена ѕвезда успеала да ја врати титулата и без неговото присуство. Составот бил предводен од големиот тренерот Боро Костиќ.
По враќањето во тимот, Иван Топлак придонел за одбраната на титулата, инаку негова четврта во екипата на Црвена ѕвезда со пет постигнати гола на 11 одиграни натпревари. Постигнал гол во нерешениот натпревар против екипата на Партизан (1:1), а подоцна имал одличен крај со три постигнати гола во последните три кола, еден против составот на Сараево (4:2), втор против белградски Раднички (5:4) и трет против екипата на Слобода од Тузла (5:1). Така ѝ помогнал на екипата на Црвена ѕвезда да го надмине составот на Динамо во шампионската трка за само еден бод. Кариерата на Топлак му била одеднаш прекината поради повреда, па морал да ја заврши кариерата на 11 декември 1960 година кога имал само 29 години.
Кога престанал да настапува од 1964 до 1966 година, Топлак станал тренер на екипата на Црвена ѕвезда но не успеал да освои трофеи. Потоа тој заминал во САД каде што работел во стручниот тим на американскиот состав на Клиперс Калифорнија (Сан Франциско) до 1969 година, а потоа продолжил како професор на универзитетот во Стенфорд (1969 - 1971 година). Веднаш потоа тој бил тренер на екипата на Сан Хосе од 1974 до 1975 година. По враќањето во Југославија, од 25 септември 1976 година, бил професионален тренер во ФСЈ (Фудбалски Сојуз на Југославија) до 8 мај 1977 година, а бил и селектор на југословенската репрезентација (1976/77). На клупата на „сините“ бил на само осум натпревари. Топлак останал во ФСЈ и ја водел професионалната работа во младинската и олимписка селекција.[3] Ја презел младата и олимписката репрезентација на Југославија, со која бил четврти на Олимписките игри во Москва во 1980 година, а во Лос Анџелес во 1984 година ја предводел репрезентацијата на Југославија до бронзениот медал. Иван Топлак бил селектор на југословенската репрезентација во тандем со тренерот Ивица Осим на три натпревари во 1986 година. Подоцна ја водел селекцијата на Индонезија и тоа од 1991 до 1993 година. Автор бил на бројни книги од областа на фудбалската стратегија и носител на Орден за заслуги на ФИФА за неговиот придонес во развојот на светскиот фудбал. Долги години живеел во Словенија.
Наводи
уреди- ↑ ODLAZAK LEGENDE! Preminuo Ivan Toplak! („Ало!”, 26. јул 2021)
- ↑ „Ivan Toplak“. FK Crvena zvezda zvanični portal. Посетено на 22.6.2021.. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=
(help) - ↑ 3,0 3,1 „Toplak Ivan“. Reprezentacija.rs. Посетено на 23.6.2021.. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=
(help)