Добрица Ќосиќ
Добросав "Добрица" Ќосиќ (српски: Добрoсав "Добрица" Ћосић), 29 декември 1921, Велика Дренова, Кралство СХС - 18 мај 2014, Белград, Србија) бил српски и југословенски писател и политичар, член на Српската академија на науките и уметностите. Во српските интелектуални и политички кругови, тој бил познат како "татко на српската нација".
Политичка кариера
уредиДобрица Ќосиќ е роден на 29 декември 1921 година, во Велика Дренова, тогаш дел од Кралството СХС. Во текот на НОБ, Ќосиќ бил политички комесар на Расинскиот партизански одред, член на ПК на СКОЈ на КПЈ за Србија. По Втората светска војна, тој работел во пропагандното одделение на ЦК на КПС. Исто така, во периодот од 1945 до 1957 година, Ќосиќ бил пратеник во собранијата на НР Србија и на ФНРЈ и СФРЈ. Ќосиќ бил еден од ретките југословенски политичари кои се спротивставиле на политичката ликвидација на Александар Ранковиќ, а во 1968 година јавно проговорил за прашањето на Косово и потоа бил еден од најпознатите југословенски опозиционери.[1]
Ќосиќ е познат како еден од најголемите промотори на српската национална кауза. Така, во 1985 година, тој побарал Српската академија на науките и уметностите (САНУ) да се изјасни за потребата од ангажирање во врска со "опшетствените и националните проблеми", а следната година, истиот предлог бил прифатен од САНУ. Оттука, во јуни 1985 година, претседателството на САНУ избрало одбор за подготовка на "Меморандумот за актуелните општествени прашања", во кој членувале 23 редовни и дописни членови на САНУ. Во октомври 1986 година бил објавен работниот материјал на таканаречениот "Меморандум на САНУ", чиј духовен автор бил Ќосиќ, а кој претставувал нова српска национална платформа за редефинирање на СФРЈ.[2]
За време на распадот на СФРЈ, во текот на 1989 година, Ќосиќ учествувал активно во создавањето на Српската демократска партија во Хрватска, а една година подоцна и на Српската демократска партија во Босна и Херцеговина. По распадот на СФРЈ, на 15 јуни 1992 година, Ќосиќ бил избран за прв претседател на СР Југославија. Сепак, на таа функција останал само една година, зашто по судирот со Слободан Милошевиќ, тој бил разрешен со тајно гласање на двата собора на Сојузното собрание, поради "кршење на Уставот". Веднаш потоа, Ќосиќ преминал во опозицијата и, на повикот на Зоран Ѓинѓиќ, зборувал на протестните собири во 1996 и 1997 година. Во мај 2000 година му се приклучил на опозициското движење "Отпор", иако подоцна изјавил дека немало да го направи тоа, ако знаел дека движењето било финансирано од странство.[1]
Ќосиќ умрел на 18 мај 2014 година, во Белград и бил погребан на Новите гробишта, во семејната гробница, заедно со сопругата Божица. По негова желба, тој бил погребан без говори и почесни церемонии, но од него се простила целата политичка и културна елита на Србија.[1]
Книжевно творештво
уредиЛитературната слава, Ќосиќ ја стекнал со романот "Далеку е сонцето" (Далеко је сунце), објавен во 1951 година. Поркај тоа, тој е автор на романите: "Корени", "Делби", "Време на смртта", "Време на злото" итн.[1]
Во 1970 година, Ќосиќ станал член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ).