Горни Стубол
Горни Стубол — село во Општина Пробиштип, во Злетовско-пробиштипскиот регион, во околината на градот Пробиштип.
Горни Стубол | |
Поглед на Горни Стубол | |
Координати 42°00′40″N 22°05′58″E / 42.01111° СГШ; 22.09944° ИГД | |
Регион | Источен |
Општина | Пробиштип |
Население | 24 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2210 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 21004 |
Надм. вис. | 610 м |
Слава | Света Троица |
Горни Стубол на општинската карта Атарот на Горни Стубол во рамките на општината | |
Горни Стубол на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во крајниот северозападен дел на територијата на Општина Пробиштип, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Кратово.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 610 метри. Од градот Пробиштип, селото е оддалечено 9 километри, додека од патот Пробиштип-Кратово е оддалечено 4,5 километри.[2]
До селото се стигнува преку регионалниот пат 1205, преку исклучување во самиот град Пробиштип, а потоа патот продолжува преку селата Плешенци и Долни Стубол.
Селото е сместено во подножјето на планината Црни Врв. Во негова непосредна околина е некогашниот Секулички Превој, преку кој во минатото минувал караванскиот пат Стоби-Пауталија, односно денешен Ќустендил.
Во неговата околина, за разлика од соседното село Долни Стубол, преовладува ридско и планинско земјиште. Поради таквата поставеност на теренот, обработливото земјиште и нивите се раштркани околу селото во месностите: Аргачиште, Сува Страна, Црни Врв, Илиин Крст, Црвен Рид и други.
Селото има збиен тип. Куќите се подигнати покрај потокот којшто извира крај Секуличкиот Превој. Релативно е богато со вода. Покрај селската чешма има уште три извора Три Кладенци, Бара и Буренце.
Историја
уредиПодрачјето на Горни Стубол е населено уште од доцната антика, за што сведочи наоѓалиштето Трикладенец во неговата околина.[3]
По сѐ уште сочуваното предание, пред 2-3 века постоело само едно село Стубол. Тоа се потврдува и од „Опширните пописни дефтери од XVI век за Ќустендилскиот санџак“. Во тие документи фигурира селото Стубиле. Селото имало 22 христијански семејства, 4 муслимански семејства и 65 неженети лица.
Горни Стубол е создадено со преселување на неколку семејства од Долни на местото каде им се наоѓале трлата. И затоа, и сè до крајот на XIX век Горни Стубол се смета за маало на Долни Стубол.
Во непосредна околина на селото, над Секуличкиот Превој се издига тешко достапниот рид Градиште. На неговиот врв се откриени остатоци од стара тврдина, старовремски орудија за работа, оружје, керамика, златни и бронзени пари од римскиот период и византискиот цар Јустинијан.
Стопанство
уредиАтарот на селото зафаќа простор од 7,9 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 330,4 хектари, на пасиштата отпаѓаат 293,4 хектари, а на шумите 133,2 хектари.[2]
Во основа, може да се каже дека селото има полјоделско-сточарска функција.[2]
Од турските пописни документи од 1573 година, кои се однесуваат за двете денешни села Горни и Долни Стубол, може да се види дека селото плаќало 10.645 акчиња данок, за вкупно 22 семејства и 65 неженети лица. Од тоа се заклучува дека селото било релативно богато со земјоделски производи. Се одгледувало пченица, мешано жито, бурчак, леќа и граор, бостан, зелка, овошје, грозје и друго.
Инаку, за време на турскиот период поголемиот дел од населението од Горни Стубол биле чифчии на кратовските бегови и аги, а само мал дел - раети: маденџии и доганџии. Некои од родовите раети имале статус на доганџии, а Петриќевци станале сопственици на земјиште.
Горни Стубол поради природната конфигурација има поповолни услови за сточарство, отколку за земјоделство. Така, на пример, во 1931 година имало речиси изедначен број на овци и кози (160 овци и 150 кози). Дваесетина години подоцна, во 1952 година бројот на овци е зголемен на 1260 грла, додека козите се намалени на 25 грла. Во 1971 година се намалува бројот на овци на 894 грла, а кози нема. И бројот на говеда расте од 77 грла (1931 г.) на 159 (1952 г.) додека во 1971 година изнесува 134 грла. Интересно е што бројот на свињите е ист (85), како во 1931, така и во 1971 година.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Горни Стубол живееле 182 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Горни Стубол имало 232 Македонци и 12 Власи, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[6]
Во 1961 година селото броело 390 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 160 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Горни Стубол живееле 99 жители, сите Македонци.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 24 жители, од кои 21 Македонец и 3 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 182 | 244 | 355 | 379 | 390 | 324 | 232 | 153 | 160 | 99 | 24 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
уредиГорни Стубол е македонско село.[13]
Според истражувањата од 1970-тите, родови во селото се:
- Доселеници: Рогушевци (3 к.), Велковци (4 к.), Циклевци (8 к.), Илиевци (4 к.), Малнковци-Дамјановци (8 к.), Вујновци (7 к.), Чамушовци (4 к.) и Несторовци (8 к.), сите овие родови се доселени од Долни Стубол и таму имале роднини; Петриќевци (8 к.), доселени се во XIX век од селото Секулица кај Кратово; Дембелци (3 к.), доселени се од селото Кундино; Постоловци (6 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Гризилевци; Шоп-Митревци (3 к.), доселени се од некое село кај Крива Паланка; Шоп-Гане (1 к.), и тие се доселени од Кривопаланечко.
Општествени установи
уреди- Поранешно основно училиште „Страшо Пинџур“, кое постоело од последниците децении на XIX век, кога во него учеле и децата од соседното село Долни Стубол. Дури по Втората светска војна е изградена нова училишна зграда.
- Месна заедница
Самоуправа и политика
уредиКон крајот на XIX век, Горни Стубол било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Пробиштип, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што биле споени поранешните општини, Пробиштип и Злетово. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Пробиштип.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Пробиштип. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Пробиштип.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Пробиштип, во која покрај селото Горни Стубол, се наоѓале и селата Гризилевци, Добрево, Долни Стубол, Дренак, Калниште, Кундино, Марчино, Неокази, Петршино, Плешенци, Пробиштип и Стрмош. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Плешенци, во која влегувале селата Горни Стубол, Долни Стубол, Дренак, Плешенци, Петршино и Стрмош.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1560 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 40 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 40 гласачи.[16]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[3]
- Трикладенец — населба од доцноантичко време.
- Цркви[17]
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — манастирска црква.
- Манастири
- Стуболски манастир — нов манастир на патот за селото Горно Барбарево.
Редовни настани
уреди- Слави
- Света Троица — селска слава
Галерија
уреди-
Куќи во селото
-
Сретселото
-
Дел од селото
-
Чешма во селото
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 75.
- ↑ 3,0 3,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 320. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 222.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 6 ноември 2022.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Апостолов, Александар, Кондев, Тодор и Апостол Керамидчиев (1974). Злетовска област. Географско-историски осврт. Скопје.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2022-11-05. Посетено на 6 ноември 2022.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 28.
- Литература
- Група автори, Злетовска област, Скопје, 1974.
- Стеван Симиќ, Историја Кратовске области, Годишница Н.Чупиќа, 1914. Београд.
Надворешни врски
уреди- Горни Стубол на Ризницата ?