Богоја Фотев
Богоја (Благоја) Наумов Фотев (Герман, Леринско, 14 август 1900 - Бистрица, 27 јануари 1993) — македонски комунист, учесник во Народноослободителна војска на Македонија и повоен политичар.[1] Носител е на Партизанска споменица 1941.[2]
Богоја Фотев | |
---|---|
Претседател на Президиумот на Народното Собрание | |
На должноста 1947–1951 | |
Претходник | Методија Андонов - Ченто |
Наследник | Видое Смилевски |
Лични податоци | |
Роден(а) | 14 август 1900 Герман, Битолски Вилает, Османлиска Империја |
Починал(а) | 27 јануари 1993 Бистрица, Македонија | (возр. 92)
Животопис
уредиВо септември 1914 година, Богоја Фотев со семејството се преселил во селото Бистрица, Битолско. Во пролетта 1924 година, заминал на печалба во Соединетите Држави, каде останал две години, работејќи во сојузните држави Мичиген, Илиноис, Охајо и Пенсилванија. Есента 1926 година се вратил во Македонија. На општинските избори во село Буково во 1933 поднесол свој кандидатски список за избор на општински одбор, но власта го спречила во тоа.
Се вклучува во МАНАПО и се зачленува во Комунистичката партија и е основач на Месниот комитет на КПЈ за Битола. На 6 ноември 1940 година Фотев е уапсен во склоп на провалата во битолската организација. Осуден е на петгодишна затворска казна. Окупацијата на Југославија ја дочекува во затворот во Сремска Митровица, каде, заедно со другите затвореници, на 22 август 1941 година успева да побегне. Пристапува во Фрушкогорскиот партизански одред. При обид да се пробие кон Македонија, во март 1942 година е фатен од бугарската полиција. Во јули 1942 е ослободен поради недостиг на докази. Во летото 1943 година е затворен повторно, интерниран во Бугарија и се враќа во Македонија кон крајот на 1943 година. Набрзо заминува во партизани и пристапува на Првата македонско-косовска ударна бригада.
Станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а во август 1944 година учествува на Првото заседание на АСНОМ. Избран е во Президиумот на АСНОМ како прв повереник за финансии. На Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 година е избран за повереник за земјоделство, а во април 1945 година, при изборот на првата влада на НР Македонија, е избран за министер за земјоделство и шумарство. На таа функција останува до април 1946 година, кога ја презема функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание, по оставката на таа функција на Методија Андонов - Ченто.[3] Ја врши таа функција до 1950 година. На изборите одржани на 3 декември 1950 година е избран за народен пратеник во осмата изборна единица на Битолската околија, но набрзо е принуден да поднесе оставка по својот избор.
По донесувањето на Резолуцијата на Информбирото Фотев се колеба помеѓу советската и југословенската позиција. Соочен со таа дилема, посега по својот живот, но сепак не успева да се самоубие. Паѓа во немилост кај партиското раководство на чело со Лазар Колишевски и е сменет од функцијата и пензиониран. На почетокот на 1951 година, заедно со својата сопруга, се враќа во селото Бистрица.
На својот 90-ти роденден во 1990 година ја прифаќа партиската рехабилитација и станал член на СКМ-ПДП.
Наводи
уреди- ↑ Ристески, Блаже (2004). Ченто и македонската државност: Зборник на трудовите од научниот собир по повод 100-годишнината од раѓањето на Методија Андонов-Ченто, одржан во Скопје на 16 и 17 дек. 2002. Скопје: МАНУ. ISBN 9989101310.
- ↑ „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 1564 стр.
- ↑ „Министерство за финансии“. Архивирано од изворникот на 2011-09-22. Посетено на 2011-09-02.
Литература
уреди- Александар Крстевски - Кошка „Богоја Наумов Фотев (1900-1993)“, Скопје, 1998.
Надворешни врски
уреди- Виктор Цветаноски, „Богоја Фотев во депресија се обидел да се самоубие“, „Утрински Весник“
- „Ликвидацијата на Лена ја определи судбината на Фотеви“, „Утрински Весник“
- Кики Мангова Поњавиќ „Богоја Фотев - првиот повереник за финансии“ Архивирано на 22 септември 2011 г., „Нова Македонија“
- „Вљубеник во својата татковина“ Архивирано на 9 јули 2008 г., „Македонско Сонце“