Ајдутство

(Пренасочено од Ајдути)

Ајдутството претставува најстара и најдолготрајна форма на вооружен отпор против турското ропство, кој се појавил во 16 век.[1] Ајдути станувале најчесто смелите луѓе, најчесто селаните. Биле организирани во ајдутски дружини на чело со војвода, арамбаша кој самите го избирале. Своите акции ги почнувале на пролет (околу Ѓурѓовден), а на есен (околу Митровден) се засолнувале кај своите јатаци. Како засолниште доста често служеле и манастирите, каде што биле лекувани болните и ранетите ајдути. Ајдутите најчесто оформувале дружини од 20 до 30 луѓе, а во некои случаи броеле и до стотина. Ајдутите најчесто организирале заседи и напаѓале ненадејно. Тие ги напаѓале и ограбувале турските феудални имоти, ги кршеле алатките, ги палеле амбарите. Поголемите ајдутски дружини знаеле да нападнат и во градовите, па така се забележани ајдутски напади во Битола, Лерин, Охрид и Ресен. Битолскиот безистен бил дури двапати нападнат (еднаш во 1646 година, а втор пат во 1661 година).[2]

Ѓорѓи Мијаков попознат како Катиљ Ѓорѓи, Ѓорѓи Мијак, роден е во мариовското село Брник во 1875 година. За време на османлиското владеење бил познат ајдук во Мариовско. За него била напишана песната „Болен лежи Катиљ Ѓорѓи“, која на времето ја испеал Александар Сариевски.
Споменик на Петар Карпош, во близина Камениот мост, каде тој бил погубен.

Против ајдутство биле организирани потери, а фатените ајдути и јатаци биле јавно казнувани. Познати се и многу поенергични мерки преземени против ајдутите, но и против нивните јатаци, при што Турските власти палеле и по цели села, како одмазда кон јатаците или нивните роднини. Еден вид на заштита било организирањето на дервенџии и мартолози, како и сеча на шумите кои се наоѓале крај патиштата. Некои од фатените ајдути биле обезглавени, набиени на колец или добивале долгогодишна робија на галии како оковани веслачи. Народните буни и востанијата, скоро секогаш биле потпомогнати од самите ајдути Ајдутството продолжило и се засилило и во наредните векови, кога ајдутите земале учество во многу востанија и народни буни, па затоа и било опеано во многу ајдутски народни песни. Кај нас меѓу најпознатите ајдути е Петар Карпош, предводник на големото народно востание од 1689 година на македонскиот народ против Османлиското Царство, познато во историјата како Карпошово востание.[3] Со појавата на организираното ослободително движење и особено со формирањето на МРО (ВМОРО) при крајот на 19 век, ајдуството го губи своето поранешно значење, па дури станува и еден вид пречка во развојот на ослободителната борба.[2]

Во своето дело „Српски рјечник“, Вук Караџиќ дал автентичен опис на ајдутството. Според него, ајдуците се појавиле како реакција на турската неправда и насилство. Затоа, меѓу ајдуците имало многу чесни луѓе, а на почетокот, веројатно, и некогашните благородници станувале ајдуци. Поретко, луѓето станувале ајдуци и заради одмазда, а некои ајдуци правеле злосторства и кон сопствениот народ. Притоа, ајдутството се засилувало во периодите кога турската власт била понасилна. На почетокот, ајдуците ги ограбувале турските даночници, но подоцна ги напаѓале трговците и патниците, па дури и ги ограбувале домовите на побогатите луѓе. Често, тие грабале луѓе од домовите, а потоа барале откуп од нивните роднини. На лето, ајдуците живееле во шумите, а ги посетувале своите јатаци во потрага по храна. Најчесто, ајдуците биле облечени во бечви од чоја, биле обуени во опинци, а носеле сини или зелени долами и гунчиња. Особено биле препознатливи нивните фесови или свилени капи со китка од едната страна, а на градите носеле сребрени токи или сребрени пари. Најчесто биле вооружени со долга пушка, две кратки пушки и нож.[4]

Ајдучки песни

уреди

Ајдучките песни се далеку побројни во споредба со другите циклуси епски народни песни. Во најголем дел, тие биле забележани во XIX век, а некои и во XVIII век. Тие се многу распространети и популарни, но по уметничката вредност не заостануваат зад другите циклуси. Во ајдучките песни се прикажани непомирливото, енергично и смислено спротивставување на туѓата власт, борбеноста и вербата во конечната победа; тие се одликуваат со жива, здрава и оптимистичка атмосфера, а токму тоа придонело за нивното брзо распространување и за широката популарност. Циклусот ајдучки песни се состои од неколку помали циклуси кои се формирале околу одделни ајдучки дружини или поединечни личности. Најпознати се песните посветени на Старина Новак за кого е формиран најцелосниот циклус ајдучки песни, кој е тематски целосно разработен и вообличен. Во него се опишани бројни ликови од 16 век (Старина Новак, Дели Радивој, детето Груица, Малиот Радоица, Дели Татомир, Стариот Вујадин), кои формираат идеализирана дружина која дејствува во околината на Сараево и на планината Романија. Исто така, голем е циклусот посветен на Бајо Пивљанин и неговата дружина од 17 век, која дејствувала околу Бока Которска, а третиот голем циклус е поврзан на ајдукот Мијат Томиќ (кој дејствувал во Босна), но овој циклус не е целосно вообличен. Во ајдучките песни се опеани сите важни моменти на ајдутството: заминувањето во планината, борбите, заседите, грабежите и смртта на главните ликови. Најпознати српски ајдучки песни се: „Старина Новак и кнезот Богосав“, „Старина Новак и Дели-Радивој“, „Новак и Радивој го продаваат Груица“, „Груица и Арапот“, „Стариот Вујадин“, „Костреш Арамбаша“, „Малиот Радоица“, „Зошто Бајо замина во ајдуци“, „Човек-паша и овчарот Михат“, итн.[5]

Ајдуството како мотив во народната книжевност

уреди

Ајдутството како тема во уметноста

уреди

Извори

уреди
  1. Историја на македонскиот народ, книга прва. НИП Нова Македонија, Скопје, 1969.
  2. 2,0 2,1 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 17. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  3. Кумановски Крал Карпош. Куманово: Просвета Куманово. 1982. На |first= му недостасува |last= (help)
  4. „Песме о хајдуцима“, во: Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 141-143.
  5. „Песме о хајдуцима“, во: Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 141-145.
  6. Muslimanske junačke pjesme. Sarajevo: Stvarnost, 1969, стр. 44-46.
  7. Junačke narodne pesme. Beograd: Rad, 1959, стр. 105-108.
  8. Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 9-13.
  9. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 316-319.
  10. Junačke narodne pesme. Beograd: Rad, 1959, стр. 102-104.
  11. Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 5-8.
  12. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 307-309.
  13. Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 14-20.
  14. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 310-315.
  15. Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 21-24.
  16. Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 25-30.
  17. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 320-325.
  18. Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 31-43.
  19. Muslimanske junačke pjesme. Sarajevo: Stvarnost, 1969, стр. 619-636.
  20. Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 42.
  21. A. S. Puškin, Lirika. Rad, Beograd, 1979, стр. 260-261.