Малиот Радоица
Малиот Радоица (српски: Мали Радојица) е српска епска (ајдучка) песна.
Содржина
уредиВо Задар, Беќир-ага пука со топовите, славејќи го заробувањето на ајдукот Радоица (српски: Радојица). За тоа време, во затворот плачат дваесет затвореници, а еден ги теши, кажувајќи им дека ќе ги ослободи некој јунак. Тогаш, во затворот им се придружува Радоица, а тие го прашуваат, кој ќе ги ослободи сега, откако и тој е затворен. Радоица им кажува да не се плашат, туку утредента да го повикаат Беќир-ага и да му кажат дека тој умрел.
Навистина, утредента затворениците му соопштуваат на Беќир-ага за смртта на Радоица и тој им наредува на слугите да го закопаат. Меѓутоа, неговата жена му вели дека Радоица само се преправа и затоа, таа им наредува на слугите да му запалат оган на градите, но Радоица ја издржува болката и не се помрднува. Жената на Беќир-ага и понатаму не верува во смртта на Радоица и наредува да му стават отровна змија, но тој повторно ја издржува болката. Третиот пат, таа наредува да му заковаат 20 шајки под ноктите, но Радоица и понатаму се преправа дека е мртов. Најпосле, жената на Беќир-ага наредува да повикаат девојки кои ќе играат оро околу него. Кога Радоица ја здогледува преубавата Хајкуна како игра над него, тој не издржува, па намигнува со левото око и се насмевнува, но тоа го забележува Хајкуна, која за да го заштити, го покрива со шамијата. Потоа, таа го замолува својот татко, Беќир-ага да не го мачи повеќе Радоица, туку да го закопа, но жената на Беќир-ага го убедува да го фрлат во морето.
Сепак, Радоица е добар пливач и успева да исплива на брегот, а потоа со забите ги вади шајките од ноктите. Вечерта, тој доаѓа до куќата на Беќир-ага, кој во тоа време вечера со жена си, кажувајќи ѝ дека девет години не можел мирно да спие од ајдукот Радоица. Исто така, агата вели дека утредента ќе ги обеси дваесетте заробеници. Тогаш, во собата влегува Радоица и со голи раце му ја откинува главата на Беќир-ага, а на неговата жена ѝ ги забива шајките под ноктите. Потоа, Радоица ја повикува Хајкуна, која му ги дава клучевите од затворот и тој ги ослободува ајдуците на кои им го дели богатството од Беќир-ага, а тој со Хајкуна бега во Србија. Таму, најпрвин ја покрстува Хајкуна, која го менува името во Анѓелија, а потоа двајцата се венчаваат.[1][2] [3]
Осврт кон песната
уредиПесната прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од Гаја Балаќ, кој бил родум од Лика, а Караџиќ го сретнал во Крагуевац во 1830 година.[4] Иако се одликува со стереотипен почеток и крај, овие стереотипи воопшто не одат на штета на убавината на песната.[5]Содржината на песната е потполно неисториска - покрај тоа што се споменуваат ликови кои се непознати во историјата, во неа се споменува Задар како османлиски град, иако тој никогаш не бил освоен од Османлиите. Сепак, од уметничка гледна точка, песната е убава и интересна и содржи хумористични елементи.[6]
Наводи
уреди- ↑ Junačke narodne pesme. Beograd: Rad, 1959, стр. 111-115.
- ↑ Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 62-68.
- ↑ Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 415-419.
- ↑ В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 490.
- ↑ Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 25.
- ↑ Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 149-150.