Азот (област)

(Пренасочено од Азотија)

Азот (или Азотија) — етногеографска област во средишниот дел на Македонија.

Глетка од областа Азот
Глетка на областа Азот (фотографирано од т.н. Прилепски пат)
Азот на картата на Македонија

Географија и местоположба

уреди

Областа Азот е сместена во долината и по горното и средното течение на реката Бабуна. Оградена е на север и запад со масивот на Мокра Планина (Јакупица, Караџица, Даутица со врвот Солунска Глава), а на југ и југоисток со северните падини на планината Бабуна. Областа се наоѓа југозападно од градот Велес и низ целата област протекува реката Бабуна и поминува пругата за Прилеп и Битола.

 
Глетка кон планината Јакупица од масивот Мокра во Азот

Денес, целата област Азот е во составот на општината Чашка односно во нејзиниот западен дел. Областа Азот на југ граничи со Пелагонија односно Општина Долнени (Прилепското Поле), на запад се граничи со областа Порече (Општина Македонски Брод), а на исток и север е отворена кон останатиот дел од велешката област. Областа Азот се всушност селата во околината на селото Богомила (сите села во составот на истоимената општина која опстојуваше до 2004 година) во долината на реката Бабуна. Долината на Бабуна околу селото Богомила се проширува во Богомилското Поле, додека сиот останат дел на областа е изразито планински со изразити стрмнини и густи листопадни и зимзелени шуми.

Потекло и значење на името

уреди

Потеклото на името на овој предел доаѓа од арапскиот збор Хас или Хасот донесен од Турците[1], со значење на тешкопристапен или одметнат предел. Оттаму потекнуваат и зборовите асии и азбии за луѓе кои се бунтовници или разбојници. Зборот хас како за тешкопристапен и слабоконтролиран предел се користел и за повеќе други области на Балканот во Отоманското Царство, како на пр. регионот Хас во Албанија. Средновековното име на оваа област било Бабуна, кое е забележано во пишаните извори од 1335 година[1]. Жителите на областа Азот се нарекуваат Ашани или Бабунци[1], препознатливи по своите етно-културни црти.

 
Горното течение на долината на Бабуна во областа Азот

Села во Азот

уреди
 
Реката Бабуна во Азот (горно сливно подрачје) сликана од патот Богомила - Папрадиште

Најголемо село во областа Азот (воедно и едно од поголемите села во Велешкиот регион) кое е всушност и средишно место на областа е Богомила. Останати села во Азот се познатите Папрадиште, Нежилово, Габровник, Мокрени, Теово (со својот познат манастир), Согле, Ореше, Капиново, Црешнево, Бистрица, Ораов Дол и Плевење. Исто така за азотски села може да се сметаат Мартолци, Оморани, Стари Град и Поменово (кои биле во состав на поранешната Општина Извор).

Население и демографски процеси

уреди

Областа Азот отсекогаш била доминатно населена со македонско население, но во последниве години се забележува и доаѓање во областа на Албанци од велешките села Горно Јаболчиште и Долно Јаболчиште кои најчесто во овие краишта го напасуваат добитокот или пак заедно со Албанци од западниот дел на државата презимуваат со овците во овој регион. Со припојувањето на Општина Богомила во Општина Чашка на која ѝ се додадоа горенаведените села Албанците во општината достигнаа застапеност од дури 30%. Со зачестувањето на обидите Албанците да купуваат ниви и ливади во овој крај, обновувањето на џамијата во селото Согле на овој крај му се заканува опасност од целосна албанизација имајќи предвид дека македонското население од овој крај е во постојани преселби кон Велес и Скопје и сè повеќе селата се празнат и остануваат само старците.

Во времето по Втората светска војна, Азот го доживува своето најголемо празнење и намалување на населението па така од 6.000 жители во 1948 година бројот се намалува на само 1.252 жители во 2002 година. Причините поради кои населението масовно го напуштило регионот се национализацијата и колективизацијата и секако индустријализацијата на градовите. Сепак за времето на транзицијата доста стечајни работници од Велес по потекло од овој крај се вратија назад во своите родни места.

Азот во 2002 година имал 1252 жители од кои 1.192 (95,21%) се Македонци, 45 (3,59%) Албанци, 4 (0,32%) Турци, 5 (0,40%) Срби и 6 од други националности.

Интересно е да се спомене и дека Папрадиште и Ореше се единствените мијачки села во овој крај основани од Мијаци од Тресонче, Лазарополе, Росоки, кои овде нашле прибежиште од честите качачки албански напади, додека останатите села во регионот се Брсјачки (единствено во Согле има нешто муслимани).

Населено место 1900 1905 1917 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Бистрица 1.100 1.184 1.176 738 801 736 568 330 184 159 124 44
Богомила 900 1.238 1.253 1.351 1.475 1.544 1.249 824 596 458 476 359
Габровник 225 248 312 140 142 45 19 8 6 1 9 8
Капиново 140 112 140 94 94 69 18 6 2 1
Мартолци 340 312 150 401 385 422 371 340 252 215 180 122
Мокрени 450 512 480 237 241 193 98 43 19 7 16 5
Нежилово 470 544 630 319 336 333 276 178 105 82 63 33
Оморани 900 910 522 528 541 495 383 279 222 173 143 172
Ораов Дол 512 712 527 296 346 279 56 7 8 3 3 4
Ореше 460 584 579 796 864 871 724 557 343 296 218 71
Папрадиште 420 592 332 612 660 716 475 63 18 4 7 14
Плевење 40 25 32 34 24 17 9 2
Поменово 390 360 307 161 169 120 23 4
Согле 400 470 371 461 320 275 201 123 127 137 116
Стари Град 320 350 211 305 281 270 239 165 144 128 95 83
Теово 850 880 712 623 662 659 464 315 226 188 189 104
Црешнево 250 272 283 146 169 176 109 40 13 10 8 1

Познати личности

уреди
 
Стариот камен мост на Бабуна на влезот на селото Богомила

Од овој крај се и доста македонски национални борци, дејци, преродбеници и градители како: Петар Поп Арсов (еден од основачите на ТМОРО, од Богомила, каде што неговата родна куќа е направена во спомен-куќа во негова чест), деецот Димитрија Чуповски и неговиот брат Наце Димов исто така македонски национален деец и познатиот градител на цркви низ Балканот Андреја Дамјанов (од Папрадиште).

Историја

уреди

Историјата на областа Азот започнува уште од антиката, кога оваа област била граница помеѓу пајонските племиња и древномакедонските племиња (Пелагонците). Со доаѓањето на христијанството, токму на овие простори во X век се појавило и движењето на Богомилството на чело со Поп Богомил, за кое се знае дека настанало по течението на реката Бабуна во околината на Велес, и кое подоцна се раширило низ цела Европа. Доказ за тоа е името што го носи најголемото и централно азотско село — Богомила.

Кон крајот на ХІХ и почетокот на XX век во Азот се активизирала српската пропаганда. Некои од селата во областа насилно или доброволно изјаснувале припадност кон српскиот народ и учествале во српските чети. Покрај силната српска пропаганда во повеќето села, треба да се спомене дека на територијата на Азот во некои села имало и засилена бугарска пропаганда како на пример во селото Бистрица кое иако било подложено на силни притисоци од страна на српската пропаганда не се откажало од Бугарската егзархија и го зачувало своето училиште. До 1908 година во борба со ВМОРО српските чети го завладеале поголемиот дел од Азот. По Хуриетот, некои од селата се вратиле кон Егзархијата — Нежилово, Ореше, Поменово и поголемиот дел од Ораов Дол.[2]

Како и секоја македонска област така и Азот дала голем број борци за слободата на Македонија и Македонците. Во овој крај особено се познати големите борби против бугарскиот окупатор за време на Втората светска војна во 1944 година. Со дел од борбените дејства и ослободителни операции командувал и лично Михајло Апостолски. Токму поради големата победа и целосно разбивање на бугарската окупаторска војска во Азот, во велешкото село Горно Врановци излегува првиот број на весникот „Нова Македонија“, а од тука се договорени и започнати акциите за ослободување на Скопје и Скопско.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Трифуноски, Ф. Јован. „Област Бабуне и Тополке“. Скопје, 1968. стр.129
  2. Стефанъ Н. Аврамовъ "Революционни борби въ Азоть (Велешко) и Порѣчието", Материяли за историята на македонското освободително движение, книга X, Македонски Наученъ Институтъ, София 1929.