Агата Кристи (англиски: Agatha Christie; 15 септември 189012 јануари 1976), позната и како Агата Мери Клариса Милер (Agatha Mary Clarissa Miller) или според псевдонимот Мери Вестмакот (Mary Westmacott) — плодотворна британска писателка на мистериозни романи, раскази, творец на Херкул Поаро (белгискиот детектив), и Мис Џејн Марпл. Кристи има напишано повеќе од 70 детективски романи под презимето на нејзиниот прв маж, Колонел Аркибалд Кристи. Таа има издадено и неколку љубовни романи и една книга за деца. Агата Кристи е родена во Торки во државата Девон како ќерка на Американецот Фредерик Алва Милер и неговата жена Клариса Милер. Нејзиниот татко починал додека таа била дете. Агата учела дома, каде што нејзината мајка ја охрабрувала да почне на пишува уште од рана возраст. На 16 години таа била испратена во едно училиште во Париз каде што учела пеење и свирење пијано. Кристи била одлична пијанистка, но нејзиниот страв од сцената и публиката и срамот ја спречиле да продолжи со музичката кариера.

Агата Кристи
Agatha Christie
Занимањеписателка
НационалностБританка
Жанрмистерија, трилер, крими, детективски, љубовни романи
Книжевно движењеЗлатното доба на детективскиот роман
Сопруг/аАрчибалд Кристи (1914–1928)
Макс Малован (1930–1976)
ПотписПодатотека:Agatha Christie signature.png
мрежно место
http://www.agathachristie.com

Во нејзините книги, таа ретко ја споменува музиката иако нејзините детективи Поаро и Мис Марпл покажувале интерес во опера. Кога нејзината мајка ја однела Кристи во Каиро за една зима, таа таму напишала роман. Охрабрена од Еден Филипотс, сосед и пријател во Торки, таа започнала со пишувањето и издала неколку стории. Нејзин најпознат роман е „Убиство во Ориент Експрес“.

Живот и кариера

уреди

За раниот живот и првиот брак

уреди
 
Агата Кристи како дете

Агата Мери Клариса Милер е родена во Торки, Девон, Англија, Велика Британија. Нејзината мајка, Клариса Маргарет Боумер, ќерка на капетан во Британската армија, уште како дете била пратена да живее кај нејзината тетка којашто била втора жена на богат Американец. Подоцна Маргарет се омажила за Фредерик Алва Милер, синот кој нејзиниот очув го добил од првиот брак. Покрај народната припадност на нејзиниот татко како њујорчанец и американската поврзаност на тетка ѝ со американски граѓанин, Агата никогаш не добила државјанство на САД. Агата била најмладата од три деца. Милерови имале две други деца : Маргарет Фрери Милер, постара од Агата за единаесет години, и Луис Монтант Милер, којшто бил десет години постар од неа. Подоцна, во нејзината автобиографија, Агата ќе го посочи нејзиниот брат како „мил неранимајко“. За време на Првата светска војна, таа работела во болница како медицинска сестра, а истата работа и ѝ се допаѓала и затоа ја нарекувала „една од најблагодарните професии што човек би можел да ги работи“. Подоцна работела во болничарската аптека, а тоа има големо влијание на нејзините дела, бидејќи многу од убиствата во нејзините книги се извршени со помош на отров. Покрај турбулентното додворување, на Бадник во 1914. се омажила со Арчибалд Кристи, воздухопловец во „Кралскиот летачки корпус “. Тие имале една ќерка, Розалинд Хикс. Се развеле во 1928. година, две години откако Кристи открила дека нејзиниот сопруг ја изневерувал. Нејзината прва новела „Мистериозната афера во Стајлс“ била издадена во 1920. година. За време на бракот со Арчибалд, Агата издала шест новели, збирка од раскази и неколку раскази за разни списанија.

Исчезнувањето

уреди
 
Автомобилот на Агата Кристи којшто бил пронајден напуштен
 
Насловната страница на весникот „Дејли Мирор“ каде било објавено исчезнувањето на Агата Кристи

Кон крајот на 1926. година, сопругот Арчибалд, ѝ открил на Агата дека е заљубен во друга жена, Ненси Нил, и ѝ побарал развод. На 8 декември, 1926. година после една расправија на нивната куќа Стајлс во Беркшир, Арчибалд отишол кај неговата љубовница во Годалминг. Истата вечер, Агата исчезнала од дома, претходно оставајќи ѝ писмо на најзината секретарка во коешто велела дека ќе оди во Јоркшир. Нејзиното исчезнување предизвикало големо негодување кај јавноста, која во поголемиот дел се состоела од обожавателите на нејзините новели. И покрај масивната потрага, таа била пронајдена после единаесет дена. На 19 декември, 1926. година Агата била препознаена како гостинка во хотелот „Стар лебед“ во Јоркшир, каде била пријавена како г-ѓа Тереза Нил од Кејптаун. Агата никогаш не го образложила нејзиното исчезнување. Иако двајца доктора дијагностицирале дека страда од психогена фуга, мислењата за тоа кои се всушност причините за нејзиното исчезнување остануваат поделени. Едно од мислењата е дека доживеала нервен слом, предизвикан од природната склоност за депресија, претходно влошена од смртта на нејзината мајка (која се случила порано истата година) и неверството на нејзиниот сопруг. Реакцијата на јавноста во тоа време била негативна, а многу луѓе верувале дека со тоа само се обидувала да го привлече вниманието на јавноста. Други пак, шпекулираат дека се обидувала да ја натера полицијата да верува дека нејзиниот сопруг ја убил. Авторот Џаред Кејд испрашал многу сведоци и роднини за неговата биографија „Агата Кристи и единаесетте исчезнати дена“ и принел значителен број на докази коишто укажуваат на тоа дека Агата го имала испланирано целото исчезнување за да го посрамоти нејзиниот сопруг, без воопшто да размисли дека ќе се претвори во таква мелодрама.

Вториот брак и подоцнежниот живот

уреди
 
Агата Кристи и нејзиниот втор сопруг Макс Малован

Во 1930. година, Кристи се омажила за археологот Макс Малован, после заедничка соработка во археолошко ископување. Нивниот брак бил особено среќен во првите години и останал таков сè до смртта на Агата во 1976. година. Наредната година Малован се оженил со неговата долгогодишна соработничка, Барбара Паркер. Кристи во своите приказни често употребувала поставки кои ѝ биле добро познати. Нејзините патувања со Малован придонеле заднина од Блискиот Исток во неколку од нејзините новели. Други новели (како „Десетте мали црнци“) се случувале во и во близина на Торки, местото каде што е родена. Новелата на Кристи од 1934. година, „Убиството во Ориент Експрес“, била напишана во хотелот „Пера Палас“ во Истанбул, Турција, јужниот дел на железницата. Хотелот сè уште ја одржува собата во којашто престојувала како спомен за авторката. Кристи често престојувала во „Абни Хал“ во Чешир, што бил во сопственост на нејзиниот зет. Барем две од нејзините приказни се засновани во тој објект: „Авантурата на божиќниот пудинг“, што е збирка приказни издадени под истото име, и новелата насловена како „По погребот“. Овој објект станал главна инспирација на Кристи за селскиот живот, со сите слуги и величествености, кои подоцна биле вткаени во нејзините приказни. Описите на измислените Чимнис, Стонигејтс и други куќи се всушност „Абни Хал“ во различни форми. За време на Втората светска војна, Кристи работела во аптека на универзитетот „Колеџ Хоспитал“ во Лондон, каде што се стекнала со знаење за отрови, кое добро го употребила во криминалистичките новели што ги напишала после војната. На пример, употребата на талиумот како отров, што ѝ било предложено од шефот-фармацевт Херолд Дејвис, и во „Бледиот коњ“, издадена во 1961. година, го употребила за група жртви, каде што првата трага за методот на убиството било губењето на коса кај жртвите. Нејзиниот опис на труење со талиум бил толку точен, што тоа еднаш му помогнало на некој збунет доктор да го реши својот случај. Во чест на нејзините книжевни дела, таа била назначена за Заповедник во Редот на Британската Империја во 1956. година. Следната година таа станала претседателка на Клубот на детективи. Во 1971. година го добива звањето Дама Командант на Редот на Британската Империја, три години откако нејзиниот сопруг бил прогласен за Витез поради неговата работа во археологијата. Тие се еден од ретките парови, каде и двата партнера се здобиени со звање благодарејќи на сопствената заслуга. Од 1968 година, поради витештвото на нејзиниот сопруг, Кристи може да се најде и под звањето Леди Агата Малован, или Леди Малован. Од 1971 до ’74. година, нејзиното здравје почнува да слабее, но сепак таа продолжува да пишува. Во 1975. година, таа ја чувствува нејзината слабост и му ги препишува правата на нејзината најпозната драма „Стапица за глувци“ на внук ѝ. Скоро, со помош на експерименти вршени на текстовите, канадски истражувачи посочуваат дека Кристи можеби започнала да страда од Алцхајмерова болест или друга деменција. Агата Кристи умрела на 20 јануари 1976. година, на 85 годишна возраст од природна смрт во нејзината куќа во Оксфоршир. Закопана е близу дворот на црквата Св.Марија во Чолси. Единственото дете на Кристи, Розалинд Маргарет Хикс, умрела исто така на осумдесет и пет годишна возраст од природна смрт. Нејзиниот внук, Мерју Причард, е наследник на авторските права на некои од книжевните дела на неговата баба (вклучувајќи ја и „Стапица за глувци“) и сè уште е поврзан со „Аgatha Christie Limited“.

Херкул Поаро и Мис Марпл

уреди
 
Британскиот глумец Дејвид Суше во улогата на Херкул Поаро

Во новелата „Мистериозната афера во Стајлс“ издадена во 1920. година, Агата Кристи го претставила долготрајниот измислен лик, детективот Херкул Поаро, кој се појавува во 33 нејзини новели и 54 раскази. Нејзиниот друг, добро познат лик, Мис Марпл, бил првпат претставен во „Тринаесетте проблема“ и бил заснован на жени како нејзината баба и „поданици“. За време на Втората светска војна, Кристи напишала две новели, „Завеса“ и „Спиечко убиство“ кои биле наменети како последните случаи на двајцата големи детектива. И двете книги биле запечатени во банкарски трезор повеќе од триесет години и биле издадени за печатење кон крајот на животот на Агата, кога сфатила дека не може да пишува повеќе новели. Овие изданија следеле веднаш после успехот што го имало филмското прилагодување „Убиството во Ориент Експрес“ во 1974. година. Како Артур Конан Дојл со Шерлок Холмс, така и Агата Кристи станува сè поуморна од нејзиниот детектив Поаро. Всушност, кон крајот на триесеттите години од XIX век, Кристи доверила во нејзиниот дневник дека Поаро ѝ е „неподнослив“, а кон крајот на шеесеттите за него мислела дека е „морничав егоцентрик“. Сепак, за разлика од Конан Дојл, Кристи му одолеала на искушението да го убие својот детектив додека сè уште бил популарен. Се гледала себе како забавувач што треба да го произведе она што јавноста го сака, а тоа бил Поаро. Сосема спротивно, Кристи била љубителка на Мис Марпл. Сепак, занимливо е да се забележи дека насловите со белгискиот детектив се побројни отколку оние со Мис Марпл, и тоа со повеќе од еден или два. Ова е затоа што Кристи напишала голем број новели со Поаро на почетокот на нејзината кариера, додека „Убиството во викаријатот“ останала единствената новела со Марпл сè до четириесеттите. Кристи никогаш не напишала новела или расказ, во која Поаро и Мис Марпл ќе се сретнат. Во запис, скоро откриен и издаден во 2008. година, Кристи ја открива причината за ова : „Херкул Поаро, целосен егоист, не би сакал да го учат за неговата работа, ниту пак да добива предлози од некоја постара немажена дама“. Поаро е единствениот измислен лик на којшто му е придаден некролог во „Њуjорк Тајмс“, после издавањето на „Завеса“ во 1975. година, книга во која таа го убива Поаро. После големиот успех на „Завеса“, Агата дала дозвола за издавањето на „Спиечко убиство“, но починала во јануари пред книгата да биде издадена. Ова ги објаснува повеќето неправилности во книгата. На пример, во неа е жив лик за кој јасно се спомнува во другите книги дека е починат. Но, ова е така, зашто Агата не била во можност да ги провери ракописите пред да се испечатат. Мис Марпл поминала подобро од Поаро, бидејќи после решавањето на мистеријата во „Спиечко убиство“ таа се враќа во својот дом. На издание на радио програмата „Desert Island Discs“ во 2007. година, Брајан Алдис тврди дека Агата Кристи му кажала дека таа го пишувала своите книги до последното заглавје и потоа решавала кој бил најмалку веројатен осомничен. Потоа се навраќала и ги правела потребните промени за да ја „намести“ таа личност. Доказите за ваквите работни методи, опишани од повеќе биографичари се спротивни од претходно опишаното тврдење.

Формула и шема за заплетот

уреди

Речиси сите книги на Агата Кристи се сложени, детективски приказни водени од различни заплети каде што загатката е главната особеност на интересот. Во нив таа се сосредночува на средните и повисоките класи. Обично, детективот често наидува на убиството или е повикан да го реши од некој стар познаник, којшто е некако вмешан. Постепено, детективот го испрашува секој сведок, го проучува местото на злосторството и прави забелешка за секоја трага, со што на самите читателите им се дозволува да анализираат и да имаат шанса за решавање на мистеријата. Тогаш, на половина од дејството, или некогаш кон крајот на последниот чин, некој од осомничените обично умира, често бидејќи случајно заклучил кој е убиецот и мора да се замолчи. Во неколку нејзини новели, вклучувајќи ја „Смртта како крај“ и „Десетте мали црнци“, има повеќе жртви. На крајот, детективот организира средба со сите осомничени и полека го открива виновникот, откривајќи неколку неповрзани тајни попатно, некогаш на повеќе од триесет или повеќе страници. Убијците се најчесто особено генијални, и извршуваат некое извртено дело на измама. Приказните на Агата се исто така познати по нивната напната атмосфера и психолошка неизвесност, развиени од нејзиното намерно, бавно раскажување. Двапати, изненадувачки излегува дека неверодостојниот раскажувач на приказната е убиецот. Во пет приказни, Кристи дозволува убиецот да ѝ побегне на правдата, а тие се : „Сведокот на обвинителството“, „Човекот во кафениот костим“, „Убиството во Ориент Експрес“, „Завеса“ и „Неочекуван посетител“. Има и бројни примери кога убиецот не е донесен пред правдата во легална правна смисла, а наместо тоа умира, како на пример во : „Смрт на Нил“, „Убиството на Роџер Акројд“, „Куќата на злото“, „Состанок со смртта“ и други. Во „Петте мали прасиња“ и секако „Искушение за невиноста“, се завршува со прашањето дали официјалната правда ќе биде извршена.

Критички прием

уреди

Агата Кристи е длабоко почитувана како мајсторка на неизвесноста, заговорот и опишувањето на ликовите од повеќето од нејзините современици. Колегата на криминилистичка тематика Антони Беркли Кокс кој бил посветен обожавател на нејзината работа, еднаш кажал дека никој не може да напише новела од стилот на Агата Кристи освен самата авторка.

Сепак, таа имала и свои противници, а најзабележливи се американскиот романописец Рејмонд Чендлер, кој ја критикувал во неговиот есеј „Простата уметност на убиство“ и американскиот книжевен критичар Едмунд Вилсон, кој воглавно бил крут за Агата Кристи и нејзиниот детективско-фикционен жанр во неговиот есеј за весникот „Њу Јоркер“ со наслов „Кому му е гајле за тоа кој го убил Роџер Акројд“.

Други пак, ја критикувале Кристи на политичка основа, посебно за нејзините разговори за Евреите и нивното портретирање. Кристофер Хиченс, во неговата автобиографија, опишува вечера со Агата Кристи и нејзиниот сопруг, Макс Малован, што станала многу неудобна со текот на ноќта, поточно : „Антиеврејскиот вкус на разговорот не смееше да игнорира или да се занемарува, ниту пак да се спушти до тежок хумор или генерациски предрасуди. Беше вистински непријатно...“. Дваесет и пет години после нејзината смрт, критичарот Џоан Хери забележува : „Во своите најгрди моменти, разговорите на Агата Кристи преминуваат кон презир на Евреите, коишто се често поврзани со рационалистички политички филозофии и космополитизам кој е автентичен со Бурковиот моделот на англиското село. Постои низа антисемитизам низ нејзините новели од пред педесеттите што не може да се занемари дури и од нејзините обожаватели.“

Необјавени дела

уреди
  • „Снег во пустина“ - романтична новела
  • „Личен повик“
  • „Жената и Кенит“ - хорор роман
  • „Путер во лордова чинија“ - хорор/ детективски роман
  • „Да се биде многу тврдоглав“ - романтична новела
  • две необјавени расказ на Поаро: „Фаќањето на Серберус“ и „Инцидентот на топката на кучето“.

Користена литература

уреди
  • Christie, Agatha (1977). Agatha Christie: An Autobiography. New York: Dodd, Mead & Company. ISBN 0396075169.

Надворешни врски

уреди