Цветан Димов

(Пренасочено од Целе Чаирчанец)

Цветан Димов, познат меѓу народот како Целе Чаирчанец, (Скопје, 5 март 1910[1] - Скопје, 9 јули 1942) — македонски комунист, синдикалец, и учесник во НОБ. Заедно со Орце Николов бил еден од најистакнатите организатори на работничкото и комунистичкото движење во Скопје помеѓу двете светски војни. По Ослободувањето, на 26 јули 1945 година, е прогласен за народен херој на Југославија,[2] како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Орце Николов, Стеван Наумов - Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски - Карпош и Кузман Јосифовски - Питу).

Цветан Димов
Роден Цветан Димов
5 март 1910
Скопје
Починал 9 јули 1942
Скопје
убиен од бугарската полиција
Националност Македонец
Познат народен херој, активист на НОБ, синдикалец
Занимање шивач
Татко Ѓорѓија
Мајка Коца

Животопис

уреди

Рани години

уреди

Цветан Димов е роден на 5 март 1910, а во други извори се наведува 1909 година. Цветан Димов е син на Ѓорѓија и Коца Димови, сиромашно скопско семејство кое живеело во Чаир. Семејството се занимавало со градинарство, но често работеле на туѓи земјишни поседи. Своето основно образование во започнал во Скопје и постигнувал солидни резултати, за што неговите родители биле пресреќни. Бидејќи семејството било многу сиромашно, со тага го известиле Цветана дека мора да го напушти образованието и да почне да изучува занает. Цветан со тешко срце ја прифатил суровата реалност на тогашното време. Започнал да работи како чирак кај различни мајстори и тогаш првпат ја почувствувал суровата положба на работничката класа. Калфа станал на 17-годишна возраст и веќе имал определена дневница, која ни приближно не била доволна за дадениот труд.[3]

Набрзо по станувањето калфа, Цветан запознал некој синдикален белградски активист. Од него Димов дознал дека работниците во другите градови се организирале во синдикати за да ги бараат своите работнички права. Од човекот добил разни летоци, брошури и книги. Одреден дел од овој период на неговиот живот Димов го поминал во Кленовиќ, каде се лечел од туберкулоза. Иако не бил физички присутен, сепак бил во тек со синдикалните активности во Скопје. Своите синдикални и работнички идеали ги истакнувал и јавно во санаториумот каде се лекувал.[3]

Активизам

уреди

По враќањето од лекување во Скопје, Димов поактивно и поинтензивно започнал да контактира и соработува со истакнати револуционери, како што бил на пример Кочо Рацин. Неговата активност во рамките на движењето била забележана од Партијата.[3] Пред Втората светска војна работел како шивач и истакнат работнички организатор во Скопје, организирајќи разни штрајкови. Во 1926 е примен за член во СКОЈ, од 1928 година бил синдикален активист, а во 1933 година станал член на КПЈ.[2] Тој се покажал како добар организатор и тој се јавува како еден од иницијаторите за основање на Културно-уметничкото друштво „Абрашевиќ“. Друштвото се расширило низ целата територија на Македонија и во него членувале видни граѓани, особено понапредни студенти и работници. Поради својата истакнатост и ангажираност, Димов пронашол големи непријатели кај полицијата од една страна и социјалдемократите од друга страна.[3]

Во тој предвоен период се разгорила Шпанската граѓанска војна и Димов бил цврсто решен да се пријави како активен борец во таа војна. Сепак, неговите најблиски другари и кревкото здравје го спречиле да замине за Шпанија.[3]

Во 1936 година Димов станал член на Меѓуструковиот синдикален одбор на Скопје, а во 1939 година станал член на Месниот комитет на КПЈ, на Покраинскиот комитет на КПЈ во Македонија (од летото 1939 година) и секретар на Покраинскиот одбор на Црвената помош (1939).[3] Како член на партиските органи, Димов добива поголем број задачи кои ги исполнува успешно и конспиративно. Тој пронаоѓал различни начини и методи за активација на населението и привлекување на работниците. Димов организирал излети во и околу Скопје. Оваа нова форма на масовни собирања, покрај културно-забавниот карактер, биле користени и за целите на работничките движења.[3]

Така, во очите на власта, Димов бил голем непријател и борец против власта. Сепак, тој не застанал со своите активности, па така, организирал големи протести против изборите во Југославија. Тие протести биле посетени од илјадници работници. Последователно на протестите се појавиле поголемиот број штрајкови во Скопје. Најголем од штрајковите бил штрајкот на металските работници кој траел цели 40 дена. Овој штрајк бил раководен од самиот Цветан Димов. Штрајкот завршил со победа на работниците, за кој тој ќе рече:[3]

Секој штрајк е школа за борбено крштевање на работниците. Ако правилно ги извлекуваме и користиме успесите и неуспесите на штрајковите, ние ќе се оспособиме за вистински раководители на народот.[3]

Успесите на штрајковите се нижеле, па така Димов имал активно организационо учество во штрајковите на чевларските работници и штрајкот на текстилните работници од фабриката „Вардар“. Неговата активна ангажираност сеè повеќе го вртела вниманието на полицијата. Тие безуспешно го барале за да го уапсат, но тој успешно се криел. Тој успеал тајно да ја префрли на Водно печатницата која ја имале во Синѓелиќ, а полицијата не успеала да дознае ни за подготовките за мартовските протести во 1941 година.[3]

Окупација

уреди

По окупацијата на Македонија во Втората светска војна, Димов учествувал на партиското советување, што се одржа на 22 јуни 1941 година во Козле. Активно учествувал во организирањето и спроведувањето на Илинденските демонстрации во 1941 година. Тој и Партијата сега веќе имале двајца непријател, окупаторот и домашните предавници. Димов станува еден од најголемите поборници за вооружена борба против окупаторот.[3]

Како секретар на МК на КПЈ во Скопје (од почетокот на 1942), работел на формирањето на Вториот скопски партизански одред, до што дошло на 17 април 1942 година. Кон крајот на мај 1942 година влегува во составот на Привремениот покраински комитет на КПЈ за Македонија.

Апсењето, мачењето и смртта

уреди

Набрзо, во почеток на јули, по една провала е уапсен. По тешки измачувања, бил фрлен од прозорец од четвртиот кат на Обласната бугарска полициска управа во Скопје од страна на Љубомир Јорданов, началник на групата А на државната безбедност во Обласната полициска управа.[4] Набрзо починал во бессознание во затворското одделение на скопската болница. Бугарската полиција лажно кажала дека Димов се „самоубил“.[3] Сведовштвото на неговиот убиец и мачител, најпрецизно го опишува настанот:

"По задржувањето на Цветан Димов во Управата, уште од првата вечер беше тепан по табаните. Идниот ден него го тепавме јас, Мачков, Панков и Рајков. Така беше тепан уште два-трипати. На 9 јули беше повикан да оди на сослушување. Одби, под изговор дека е болен. Два-трипати го испратив Чучков да го доведе, но тој упорно одбиваше, зборувајќи дека е болен. Јас се налутив и отидов лично.

Во неговата ќелија го пцуев и му се развикав.Тогаш тој стана и појде. Јас одев напред, а по него Чучков. Од ќелијата излезе откако двајцата му помогнавме. Но, тој сепак не можеше да оди, бидејќи беше претепан. Кога стасавме близу мојата канцеларија го бутнав накај прозорецот. Се занесе и се наведна на прозорецот. Тогаш го фатив за нозете, го подигнав и го турнав долу. Падна од вториот кат во внатрешниот дел на дворот, врз бетонот. Во тој момент во дворот беше еден од работниците на Управата и Цветан Димов падна покрај него. Потоа отидов и реков дека

Цветан Димов се фрли сам. Исто така ова му го соопштив и на обласниот начелник. Кога го фрлив Цветан Димов низ прозорецот, беа присутни и агентите: Методи Попов - Величков и Трендафилов. На сите агенти им беше кажано да разгласат дека Цветан Димов сам се фрлил." [2]

Уште во текот на НОБ е испеана песна во негова чест, а денес, во негова чест, едно основно училиште и едно средно училиште во Чаир го носат неговото име. Во 1968 година куќата во Чаир, на улица „Јајце“, во која живеел и работел Цветан Димов, била прогласена за културно наследство,[5] но денес оваа куќа повеќе не постои.

За народен херој е прогласен на 29 јули 1945 година.[3]

Наводи

уреди
  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 471 стр.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Беа, загинаа, останаа“ - спомен книга на загинатите борци во НОВ и жртвите на фашизмот - Скопје, 1969, 10 стр.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 „Народни херои од Македонија“, „Наша книга“, Скопје, 1973, стр. 115-119
  4. „Зборник докумената и података o Народноослободилачком рату југословенских народа“, том VII, књига 1, Београд, 1952.
  5. Крсто Здравковски, „Да не се заборави“, Скопје, 1982, 76-77 стр.

Литература

уреди
  • Митре Инадески, „Цветан Димов“, Скопје, 1981.